Рецензија: Шумахер не е повеќе во кома и ја напушти болницата
Зошто рецензија? Затоа што има тотално „утната“ фотографија која на публиката ѝ се пласира како да станува збор за некогашниот шампион на Формула 1, Михаел Шумахер, прикажан по скијачката несреќа поради која тој помина неколку месеци во кома и на интензивна нега. Значи, класична фото-дезинформација на јавноста.
Линк до оригиналниот напис: Шумахер не е повеќе во кома и ја напушти болницата
Датум и време на објавување: 16.06.2014, 16:31
Датум на рецензирање: 24.06.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
ФОТОГРАФИЈАТА НЕ Е САМО „ПРИДРУЖБА“, ТУКУ ПОТРЕБА ВО НОВИНАРСТВОТО
Со вистинитоста нема проблеми само текстуалниот дел од веста, која, да бидеме прецизни, е преземена агенциска информација. Да, точно е дека Шумахер по долга битка ја напушти болницата и замина на домашно лекување. Но, фото-делот од оваа вест е сосема друга работа. Поточно, дали поради брзање, дали поради невнимание, дали поради незнаење информацијата за подобрувањето на здравствената состојба на возачкиот ас е „поткрепена“ со целосно промашена фотографија. Значи, не само што е понудена, во најмала рака, невкусна „фотка“ од човек по оперативен зафат на главата, туку тој човек воопшто и не е Шумахер. Ем зборуваме дека Шуми излегол од болница, ем ставаме слика од некој друг? Чудно, непрофесионално и недозволиво. Во дигитална ера на медиумите кога видеото и фотографијата многу често значат повеќе и од самиот текст ваквиот потег е неразбирлив.
„За една фотографија да биде вест мора да ги исполни сите услови кои важат и за текстовите, но и некои други: да биде информативна, актуелна, значајна, занимлива, а во техничка смисла барем коректна“ – Новинарска енциклопедија.
„Друга исклучително значајна компонента од фото-веста е точноста. Тоа значи дека она што е во „фрејмот“ тоа и се случило. Фотографијата е етички обврзана да не ја промени приказната. Не треба да се додава повеќе чад на сцената со пожар. Сликата треба да биде прозорец кон настанот“ – Лиз Масонер.
Или накусо – фотографиите ја раскажуваат приказната.
Пред 5 години лондонски „Телеграф“ во чест на 170-годишнината од влезот на фотоапаратот во јавна употреба ја објави оваа листа на 10 фотографии кои го промениле светот. Само да упатиме на тоа какво значење светските медиуми му придаваат на видео-изразот во новинарството.
Како заклучок може да се каже дека во денешно време веќе не треба да се толерира „вадењето“ дека еден материјал има добар текст, ама слаба фотографија, бидејќи светските стандарди покажуваат дека промашена фотографија значи и вкупен промашен медиумски производ, токму како и овој напис.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар