Рецензија: Шведскиот амбасадор го исмејува Прометеј, како ли би се чувствувал некој да му се смее на шведскиот крал?
Шведскиот амбасадор ги повредил најдлабоките патриотски чувства на македонскиот народ – заклучува авторот, без да праша ниту една страна засегната во текстот.
Линк до оригиналниот напис: Шведскиот амбасадор го исмејува Прометеј, како ли би се чувствувал некој да му се смее на шведскиот крал?
Датум и време на објавување: 7 јуни 2013, 15.30
Датум на рецензирање: 10 јуни 2013
Рецензент: Соња Здравеска
Вистинитост: Целиот текст се базира на фотографија преземена од друг медиум (Нова ТВ), каде веста е пренесена сосема различно. Фотографијата е единствениот факт врз кој се потпира текстот . Главниот дел од текстот се состои од прашања и интерпретации на авторот, чија вистинитост е релативна и не може да се утврди.
Извори на информации: Со оглед на тоа што се потпира само врз толкување на фотографија, текстот уште „на прво читање“ оддава впечаток на едностран и неизбалансиран напис. Во него не е побарана изјава со објаснување од амбасадорот, а целиот настан авторот го толкува произволно.
Единствениот извор кој се користи е фотографијата на НОВА (наведен е изворот, без линк до оригиналниот напис, каде веста се пренесува сосема различно).
Содржајност: Едностраната интерпретација на фотографијата врз која се темели написот го лишува читателот од дополнителни информации, кои би можеле да се презентираат, доколку во текстот е пренесена изјава на амбасадорот, на пример.
Во текстот има зборови кои го менуваат контекстот и значењето на реченицата. Уште во првиот пасус, авторот пишува „помалку“. Ова влијае на значењето на реченицата и може да го збуни читателот.
„Шведскиот амбасадор во земјата Ларс Вахлунд вчера најде помалку невкусен начин за да ги забавува своите гости на приемот што организираше по повод Националниот ден на Кралството Шведска.“
Пристрасност: Уште од насловот, очигледен е тонот на текстот, во кој шведскиот амбасадор се напаѓа затоа што „ги навредил најдлабоките чувства на македонскиот народ“. Користејќи субјективни и паушални конструкции и толкувања,анонимниот автор се обидува да го „заштити“ од исмевање споменикот на Прометеј, кој е дел од „Скопје 2014“. Оттука, тој зазема политичка позиција, застапувајќи еднострани ставови во однос на проектот. Притоа, за да се поткрепат овие позиции, авторот се повикува на „народот“, односно вели:
„Оваа негова постапка на исмејување на Прометеј, кој инаку е симбол борбата за слобода, веројатно ги повреди најдлабоките патриотски чувства на македонскиот народ.“
Интересен е обидот да се релативизира ова тврдење, со изразот „веројатно“. За да ги задоволи барем елементарните стандарди за објективност, авторот морал да побара став од уште една засегната страна во оваа вест, пред да заклучи дека народот е „навреден“.
Коментирање: Најголем дел од текстот е коментар на авторот.
Квалитет на насловот: Насловот содржи коментар и го воведува читателот во тонот на целиот текст. Тој нема намера да информира, туку да го обликува мислењето на читателот уште пред тој да го прочита текстот.
Говор на омраза: Иако во текстот нема директни навреди, тој содржи несоодветни споредби кои од одредена позиција се навредливи.
На пример, во реченицата „Се прашуваме како би се чувствувал шведскиот амбасадор доколку некој пред шведскиот парламент би го уринирал името на шведскиот крал Карл 16-ти или пак на кралицата Силвија?“, сакајќи да даде аргументи на сопствената теза, авторот прави несоодветна и невкусна паралела меѓу актуелното кралско семејство во Шведска и митолошкиот грчки јунак Прометеј. Следи уште една, целосно несоодветна споредба со шведскиот научник Алфред Нобел.
Заклучок: Текстот не цели кон објективно информирање, туку поддржува или „заштитува“ одредени политики (во случајот проектот „Скопје 2014“). За поуспешно да ги поткрепи своите тези, непотпишаниот автор влегува во серија интерпретации и коментари. Деловите од текстот во кои се коментира не се јасно издвоени од фактите, што претставува манипулација со читателот.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар