Рецензија: Скандал: Новинар на „Фокус“ го пишувал извештајот на Фридом Хаус

Скандал  Новинар на Фокус го пишувал извештајот на Фридом Хаус Сител Телевизија-crop-resize

Пред нас се наоѓа прилог со поголем број етикетирачки квалификации и контекст во кој Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ – Сорос Фондација) се посочува како одговорна за лошите медиумски состојби, а во тој контекст се објавува дека новинарка на неделникот Фокус е авторка на извештај на меѓународната организација, иако таа не работи во „Фокус“ најмалку четири години.

Скандал  Новинар на Фокус го пишувал извештајот на Фридом Хаус Сител ТелевизијаЛинк до оригиналниот напис: Скандал: Новинар на „Фокус“ го пишувал извештајот на Фридом Хаус

Датум и време на објавување: 13.06.2014, 16:19

Датум на рецензирање: 22.06.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Скаран со фактите и етикетирачки е делот каде се тврди дека „спрегата Сорос-СДСМ повторно е во мисија на кодошење на сопствената земја“.

Фридом Хаус е независна организација која се бори за експанзија на слободата ширум светот, формирана во 1941 година како прва американска организација која го глобализира правото на слобода. Оттука, ниту СДСМ, ниту Владимир Милчин не се поврзани со правото на оваа организација да ги набљудува состојбите во Македонија.

Се имплицира дека критичкото новинарство создава негативна слика за Македонија во странство. Ова е изместување на тезата, зашто известувањето за состојбите не значи нивно креирање, туку, напротив, претставува новинарска должност. Во извештајот, кој има повеќе од 70 референци, како извори се користат и Македонската информативна агенција (МИА), Прес 24, Телеграф, извештајот на Европската комисија, итн, кои немаат никаква врска со ФООМ. Тоа покажува дека авторката внела разновиден спектар на извори т.е. референци кога го пишувала извештајот.

Наспроти тоа, во прилогот кој го рецензираме, се создава слика дека изворите кои авторката ги користела се еднострани и дека благодарение на опозицијата и на ФООМ, Македонија трпи лош меѓународен углед на полето на слободата на медиумите.

Во самиот извештај пишува дека Љубица Гроздановска Димишковска е слободен новинар, медиумски консултант, аналитичар и истражувач која работи во Скопје. И обично прелистување на сегашниот „Фокус“ покажува дека нејзиното име го нема меѓу новинарите од овој медиум. Но, сепак, во прилогот се наведува дека е таа „дел од Соросовиот Фокус“ што е неточно.

Од аспект на користените етикети и вредносни судови, најексплицитно е користењето на фразата „спрегата Сорос-СДСМ во мисија на кодошење на сопствената земја“, но и тоа дека е „скандалозно“ што „новинар на Фокус“ го пишувал извештајот на Фридом Хаус.

Оттука, нејасно е врз основа на што се тврди дека авторката на извештајот „за да придонесе за намалување на перцепцијата за слобода на медиумите“ користи референци, кога тие референци се јавно достапни подолг период, се сеопфатни, разновидни, а делумно и меѓународни.

Кога се вели дека во извештајот Гроздановска Димишковска „констатира дека се потрошиле половина милијарда евра на нетранспарентен начин“, се испушта да се каже дека тоа е референцирано до невладина организација, а притоа се дава и бројката посочена од владата, а тоа е 207 милиони. Со тоа, во извештајот на Фридом Хаус се посочени двете информации, кои им се достапни на заинтересираните страни, за сеопфатно информирање.

Евидентен е обидот да се нападне критичкиот тон на дел од невладиниот сектор, да се етикетира, да се дисквалификува, за што повод се наоѓа во овој извештај на невладината организација од САД.

Спротивно на кодексот на новинари, не е консултиран авторот на извештајот, ниту било кој од оние лица кои се споменуваат. Во позитивен тон се коментираат владини политики во областа на медиумите и се тврди дека единствените кои критикувале биле „невладини финансирани од Сорос“ што укажува на негативен однос кон критиката зависно од тоа од кого доаѓа, а не на што се однесува. Со други зборови, зошто е важно од кого е критиката ако таа е издржана?

Од насловот може да се заклучи дека новинар на Фокус не смее да биде соработник на Фридом Хаус (иако во конкретниот случај новинарката авторка на извештајот не работи во Фокус) и тоа се претставува како „скандал“ без да се дадат уверливи аргументи.

Заклучокот е дека гласникот не смее да биде убиен и дека критиката е корисна за општествениот напредок. Тој што посочува на неправилности не е креатор на неправилностите. Новинарот треба да тежнее да обезбеди изјави од што повеќе извори во име на јавниот интерес.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција