Рецензија: Скандали го тресат СДСМ
Пред нас е крајно шпекулативен прилог кој не посочува прецизни извори, нема факти и аргументација, туку врз основа на непотврдени информации ја турка тезата дека најголемата опозициска партија се соочува со драматичен конфликт. Уште од самата формулација на насловот „Скандали го тресат СДСМ“ , се препознава интенцијата да се прикаже опозицијата во негативно светло. Овој целосно необјективен материјал прејудицира дека социјалдемократите ќе бидат губитници на двојните избори. Притоа, дури се добива и впечаток како авторот на прилогот со нетрпение да очекува тоа навистина и да се случи! Такво отворено покажување нетрпеливост кон една и наклонетост кон друга политичка опција е целосно несвојствено за етичкото новинарство, кое подразбира да се изгради професионална дистанца при информирањето за полтичките настани.
Линк до оригиналниот напис: Скандали го тресат СДСМ
Датум и време на објавување: 28.03.2014, 16:40
Датум на рецензирање: 29.03.2014
Рецензент: Оливера Војновска
НАВИВАЧКИ ПРОГНОЗИ
Прилогот има сериозен проблем со релевантноста. Веродостојноста на ниту едно од искажаните тврдења не може да се потврди. Фактички, сите наводи во него се паушално нафрлени.
Уште во првата реченица од текстот се излегува со тврдење/навивачка прогноза:
„Откажувања, рокади, создавање алиби и приказни за се поизвесниот пораз.“
Издржана и објективна политичка анализа за изборите, несомнено е добредојдена. Но, уште отсега со таква сигурност да се соопштува исходот од изборите, а без да се каже врз основа на што се темели таквото согледување, е навистина претенциозно. Тоа може да се прави само со една цел: да ѝ се наштети на опозициската партија со тоа што таа однапред ќе се претстави како губитничка. Меѓутоа, со ваквиот пристап комплетно се изместува улогата на новинарската професија и новинарот влегува во една друга мисија – да води политичка битка.
НЕВИСТИНИТА ИНФОРМАЦИЈА
Во втората реченица се излегува со ново тврдење:
„Вистински хаос владее во СДСМ на само еден ден пред истекот на рокот за поднесување на канидатските листи. Атмосферата во партиските ограноци е на раб на тепачка, а вчера, според информации на Сител, се делеле и шлаканици меѓу советник во општина Кочани и кандидат за пратеник на опозицијата во штабот во кочанско Грдовци“
Но, наспроти ваквите наводи, во демантот на социјалдемократите (испратен до медиумите истиот ден – 28.03.2014, доцна попладнето) се вели дека се работи за невистинита информација.
„Ова е уште една лага на ВМРО ДПМНЕ кажана преку медиумите под нивна контрола. Кандидатот за пратеник од Кочани кој според нив наводно учествувал во инцидентот, воопшто и не бил присутен на местото кое медиумите го спомнуваат…“
КУРИОЗИТЕТ
Па, следува повторување на тврдењето искажано во почетокот на прилогот дека: „на СДСМ му престојат два нови изборни порази, па повисоките функционери веќе си градат позиции, како да се оградат од изборните резултати“. Потоа се прави спин во полза на владејачката партија, при што претседателскиот кандидат на СДСМ се прикажува како осамен во кампањата:
„Доказ за тоа е и повлеквањето на Заев и Шеќринска од кампањата на Пендаровски.“
И, наместо, повикување на факти и релевантни информации од опозицијата, со оглед на тоа дека темата е „скандали го тресат СДСМ“, „доказот“ се бара во ВМРО-ДПМНЕ! И, колку и да изгледа чудно, дури и смешно, „доказниот материјал“ го соопштува пратеник од владејачката партија на еден од митинзите на нивниот претседателски кандидат:
„Однапред ја предадоа битката знаејќи дека тој (Пендаровски) ќе ги изгуби изборите го пуштија низ вода. За потоа да можат да се извадат да кажат: тој сам ја водеше кампањата и сам ги изгуби изборите“ (Антонио Милошоски, тонско парче – не е прикажано на текстот објавен на интернет)
Ова е навистина куриозитет! Клучните аргументи, дека има турбуленции и превирања во една партија, да се побараат и да се добијат од друга партија – нејзиниот главен политички противник. И тоа на јавноста да ѝ се сервира како „сигурна информација“!
„ПАРАВАН“ ЗА ДИСКРЕДИТИРАЊЕ
Материјалот не се потпира на конкретни извори на информации, туку користи вообичаени формулации: „дознаваме“, или „партиски извори“. Но, и тие се ставени само како „параван“ за да се пласираат дискредитирачки квалификации за опозицијата и нејзиниот претседателски кандидат.
Во прилогот се дава само едното лице на „паричката“ и е забележливо дека втората страна била намерно игнорирана . Ова остава простор за сомнеж дека се сакало по секој цена да се објави ваков оцрнувачки текст. Манипулативниот пристап, употребата на силни коментаторски елементи и тенденцијата да се омаловажи опозицијата укажуваат на нагласена пристрасност кон другата страна.
Прилогот е фактички коментаторско четиво. Тој почнува и завршува во коментаторски стил:
Иако рокот за изборните листи истекува утре,СДСМ до денеска се уште не му го доставил списокот со кандидати до Државната изборна комисија … Причина за тоа е големиот број на откажувања, а најзвучно е името на доскорешниот пратеник Митре Вељаноски кој му соопштил на лидерот на СДСМ дека не сака да влезе во изборната трка. Сител дознава дека покрај Вељаноски уште најмалку 15 функционери на СДСМ воопшто не сакале да се најдат меѓу имињата на Заев.
Само, нејасно е од каде толкава загриженост за составот и доставувањето на кандидатските листи на опозицијата во ДИК? И, конечно, зошто еден новинар би се вознемирувал поради тоа?
ЛОЈАЛНОСТ КОН ВЛАСТА, НАМЕСТО КОН ПУБЛИКАТА
Материјалот е наменски конструиран и зад него стои потпис со име и презиме на авторот. Насловот е спинерски и наведувачки. Во него е пласирано експлицитно тврдење, иако во прилогот нема аргументи кои би ја поткрепиле тезата: „Скандали го тресат СДСМ“. Впрочем, како да му се верува на авторот кога на ниту едно место не посочил прецизен извор, кој увреливо би ги потврдил искажаните наводи. Вака, овој новинарски производ наликува на добро смислен полуфабрикат за манипулација со публиката.
Таквиот впечаток се засилува и со инсертите со кои е илустриран прилогот, а на кои, меѓу другото, се прикажани: лидерот на СДСМ – еднаш замислен, па потоа нервозен, поранешни пратеници од СДСМ кои ги нема на листите и некои од новите кандидати за пратеници.
И сосема на крај да кажеме дека ваквиот начин на обработка и пласирање на текстови е несоодветен дури ни за партиско гласило. Во овие специјализирани билтени може да се прочитаат главно афирмативни написи за активностите на партијата што го издава, што е очекувано. Но, дури и во нив не е вообичаено просторот да се троши за шпекулативни текстови за спротивниот табор.
Прилогот, всушност, претставува пример какви новинарски текстови не треба да се пишуваат. Стандардите на професионалното новинарско известување подразбираат дека новинарите својот капацитет и лојаноста треба да ги насочат „кон публиката на која треба да ѝ се презентираат максимално сеопфатни и точни информации, а не кон политичките партии или кон власта“. Каков што е, за жал, случајот со медиумската содржина што ја рецензираме.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар