Рецензија: Скараџиите низ цела Македонија измамени од германски производител

Sitel skaradzii resize crop 001

Информациите за квалитетот на храната што ја јадеме подеднакво ги засегаат сите категории граѓани од разбирливи причини – здравјето е на врвот од приоритетите на секој човек. Оттука и информацијата дека отровна хемикалија била користена за чистење на популарните скари низ Македонија, дека имало поплаки од граѓаните кои почувствувале оти нивното јадење имало непријатен вкус и добиле болки во стомакот, како и дека инспекцијата реагирала соодветно, е нешто на што секој медиум би му отстапил време и простор.

Сепак, во конкретниот случај, работата не е докрај завршена и пласиран е материјал (ТВ прилог и текст на веб-страната) кој ги нема клучните информации – за која хемикалија се работи, кој ја користел во процесот на приготвување на храна и кога тоа се случило. Тоа што ги има сите останати компоненти, изјави од надлежни институции, информација дека случајот има позитивен епилог, па дури и дека надлежните имале нов правилник за користење на меленото месо (кој нема никаква врска со конкретниов случај), не ги елиминира недостатоците на овој новинарски производ.

Sitel skaradziiЛинк до оригиналниот напис: Скараџиите низ цела Македонија измамени од германски производител

Датум и време на објавување: 25.09.2013, 17:45

Датум на рецензирање: 29.09.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Прилогот раскажува дека во Македонија постоеле случаи на масовна употреба на штетна хемикалија во непознат број на угостителски објекти и во непознат временски период, но во форма на приказна, а не на новинарска информација. Не кажува каде и кога тоа се случило и јавноста не добива информации кои се важни за нејзината здравствена безбедност.

Извори на информации: Иако се повикува на релевантни извори од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Здружението на потрошувачи, написот, односно прилогот, донесува парцијални информации. Се стекнува впечаток оти изворите не се искористени за да се добие целосната вест што ќе ја задоволи јавноста, туку сторијата како да е пишувана во општа форма за да не бранува.

Содржајност: Написот ги прикрива клучните информации за тоа кој, каде и кога ја користел штетната хемикалија и што е со веќе купените количества. Без овие податоци, се добива впечаток како да се раскажува поучна приказна со привидно позитивен крај.

Пристрасност: Иако не може да се утврди дали постои некаков облик на наклонетост, самото необјавување на поконкретни информации остава сомнеж дека со тоа се штитат нечии интереси (можеби на надлежните органи или на производителот или увозникот на хемикалијата, или, пак, на угостителите во чии локали се чистеле скари со проблематичното средство).

Заклучок: Текстот и прилогот лесно можеле да бидат сосема добри новинарски производи,  доколку беа одговорени основните прашања што треба да ги содржи секоја информација – кој, кога, што. Без одговорите на овие прашања, текстот, односно прилогот, не само што нема функција на информирање на јавноста, туку може и да поттикне прашања од типот:  дали новинарот ја добил информацијата за кое хемијско средство се работи и кои угостителски објекти и кога го користеле, и, ако е така, од кои причини не ги објавува овие податоци кога тие се од непосреден здравствен интерес на граѓаните на Република Македонија?  Или можеби не ги поставил вистинските прашања до вистинските инстанци за да ги добие овие одговори. Необјавувањето на деталите околу овој случај ќе беше разбирливо доколку се работеше само за сомнеж за неправилност, врз основ на кој инспекцијата излегла на терен и зела примероци за да утврди во што е работата, но тука се работи за завршен случај со службен епилог, односно се знае кој, кога и што направил што било потенцијално загрозувачко за здравјето на конзументите, па дури и биле изречени и мерки:

„Средството е повлечено од продажба а на увозникот му е изречена само опомена“.

Ако е целта на новинската вест (и проширената информација, како во овој случај) да ја информира публиката на која и се обраќа, тогаш оваа вест е залудно потрошено време и простор, бидејќи таа цел не ја постигнала. Информацијата дека некој во (цела!) Македонија користел отровни средства за чистење на скари на кои се приготвувала храна за луѓе во непознат временски период, дека  тоа средство сега било повлечено од употреба со акција на инспекција, но нема информација дали биле запленети веќе набавените количества од хемикалијата од угостителските објекти, само покренува сомнежи и остава неодговорени прашања, на кои јавноста има право да добие одговори!  Во спротивно, јавноста има право да се посомнева дали се заштитуваат увозникот на хемикалијата и засегнатите угостители за сметка на граѓаните.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција