Рецензија: Скопје се полни, внатрешноста изумира

Репортажата на Радио Слободна Европа претставува убав пример на квалитетна репортажа со солидно истражена и обработена тема за миграционите движења и менувањето на демографскиот состав во Македонија. Интересен лид, богат избор на релевантни соговорници од различни профили, кои презентираат факти, секој од своја експертска позиција, репортерски елементи, комбинирани со званични податоци, а притоа новинарски добро спакуван, опремен и читлив. Сето ова ја издвојува репортажава од мноштвото новинарски производи кои се обидуваат да ја третираат оваа или слични теми.

Скопје се полни, внатрешноста изумира Линк до оригиналниот напис: Скопје се полни, внатрешноста изумира

Датум и време на објавување: 8.06.2013

Датум на рецензирање: 11.06.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Нема основ за сомневање во податоците што се изнесени во репортажата. Истите се поткрепени со изјави на сведоци со познат идентитет, наведени со име, презиме, место на живеење и функција.

Извори на информации: Авторот коректно ги нотира сите свои извори, кои се релевантни, актуелни и во контекст на темата која се обработува.

Содржајност: Коректно сработено од аспект на сеопфатност и содржајност.

Пристрасност: Добро избалансирана и непристрасно дадена слика за состојбите. Нема основ за сомневање дека колешката ги изнесла фактите онака како таа ги видела, слушнала и доживеала.

Коментирање: Со оглед дека се работи за таков новинарски жанр кој подразбира личен увид на новинарот во состојбите или настаните за кои пишува, а потоа ги пренесува на читателот како свое видување, коментаторските елементи во репортажата се минимални и се користени професионално и одмерено.

Оригиналност/Плагијат: Авторот на текстот е прописно наведен со име и фотографија, а соодветно се наведени и полните имиња, називи и титули на соговорниците и изворите.

Квалитет на насловот: Насловот е позитивна компонента на целиот производ, информативен, јасен, соодветен и креативен.

Фотографија: Илустрациите се послаба страна на оваа репортажа, неутрална фотографија од Скопје, и неколку фотографии од другите градови кои недоволно ја илустрираат состојбата за која станува збор во текстот (со исклучок донекаде на онаа од Дебар).

Исправка (20.06.2013, 10:11 часот): По укажувањето дека во рамки на написот има информација за авторството на вметнатите фотографии, но за да се види треба да се кликне на секоја од нив одделно и да се погледне поголема верзија, беше извршена корекција на одговорот на истражувачкото прашање „Дали е наведено авторството (изворот) на фотографијата?“ од „ненаведен автор (извор)“ во „наведен автор (извор)“.

Говор на омраза: Во оваа репортажа не можат да се детектираат елементи на дискриминација или други облици на тенденциозност. Приодот е избалансиран и професионален.

Заклучок: Иако еден од најатрактивните новинарски жанрови, репортажата (анг. feature story) во последно време како да е подзаборавена во македонските медиуми или пак се одработува половично и неквалитетно. И додека во светот овој жанр е најчитан, најгледан и најнаградуван, кај нас како да замира. Токму затоа,ваквите, добро сработени репортажи, вреди да бидат нотирани и да послужат како пример и инспирација, за да потсетуваат како треба да изгледа еден новинарски производ кога се почитуваат новинарските стандарди.

Скопје се полни, внатрешноста изумира

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција