Рецензија: Скопје во трка за најдобро осветлен град во светот, за сега е втор на листата
Текстот кој го рецензираме е добар пример како и од што сé може да се направи спин и да се величаат „успесите“ на власта. Се работи за манипулација и измама на читателите со една маргинална и периферно ограничена акција за избор на најдобро илуминирани објекти или групи на објекти и делови на централните урбаните јадра во 16 градови, во изведба на реномираната компанија за производство на светлосни уреди „Филипс“.
Меѓутоа, од тоа е направена бомбастична и лажна информација дека „Скопје во трка за најдобро осветлен град во светот, засега е втор на листата“.
Линк до оригиналниот напис: Скопје во трка за најдобро осветлен град во светот, за сега е втор на листата
Датум и време на објавување: 06.10.2014
Датум на рецензирање: 07.10.2014
Рецензент: Александар Писарев
СВЕТОТ НЕ Е ОГРАНИЧЕН НА 16 ГРАДОВИ
Во текстот Скопје е претставено како: „главниот град на Македонија засега е втор најдобро осветлен град во светот… Изборот е во тек… Номинирани се градовите низ целиот свет, а Скопје засега се наоѓа на 2-то место со 116 гласови, а прва е Пула во Хрватска која има дури 1.446 гласови“…
Чиста манипулација и невистина. Акцијата и изборот кој го организира „Филипс“ се однесува на само 16 града (Стразбур, Велингтон, Буенос Аирес, Копенхаген, Лајпциг, Лондон, Анкара,Пула, Сеул… Гласајте за ваш фаворит. И ги претставува само илуминираните објекти или групи објекти во централното градско подрачје, а не цел град.
Во образложението за Скопје пишува дека се работи за центар на градот, кој после 1963 година го сменил ликот и со три илуминирани објекти (на фотографијата се Музејот на ВМРО, Археолошкиот музеј и Министерството за надворешни работи) станал атрактивна дестинација и ја сменил сликата на градот на туристичката мапа Скопје, Македонија.
Значи, не се работи ни за каква светска номинација, а уште помалку станува збор дека „Скопје, главниот град на Македонија за сега е втор најдобро осветлен град во светот“…
ДА СИ ГЛАСАМЕ САМИ ЗА СЕБЕ
Предноста во бројот на гласовите за спомената група објекти од проектот Скопје 2014 е разбирлива, бидејќи медиумот повикува и дава линк каде да гласаме сами за себе и од тоа прави невиден спин од типот: благодарение на овие објекти „Скопје во трка за најдобро осветлен град во светот, за сега е втор на листата“.
Колку се, всушност, граѓаните на другите 16 градови (а, не на цел свет, како што пишува весникот) незаинтересирани да се вклучат и да гласаат во овој „натпревар“ зборува податокот дека во моментот на рецензијата, на пример, илуминациите на објектите во Лондон и Лион имаа само 15 гласа, Лајпциг и Копенхаген 13, Сеул 14, Стразбург 27, Буенос Аирес само 8, а Скопје 5.422 со што повќе не е ни втор, туку „прв најдобро осветлен град во светот“ – Граѓаните одлучуваат за награда.
СКРАТЕНА СОДРЖИНА
Содржајноста е битен елемент на секоја новинарска приказна. Во овој случај читателите се осиромашени за информацијата дека „Филипс“ овој вид на избор на најдобро илуминирани објекти или квартови го установил 2003 година не само за да ги претстави објектите кои ги илуминирал и со тоа ја збогатил урбаната средина, туку и дека истовремено ја подобрил енергетската ефикасност и привлечност на одредени квартови во градовите. Целта на целиот проект е, всушност, да се покаже како со осветлувањето може на најдобар начин да се привлече внимание на граѓаните кои тука живеат или го посетиле градот – Големи илуминации.
Не е испочитуван Член 1 на Кодексот на новинарите на Македонија.
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар