Рецензија: Скопје: За време на свадба младоженецот ја фатил невестата со кумот!
До моментот кога почнуваме да го рецензираме овој медиумски производ, вкупно 15.500 луѓе го прочитале овој сензационалистички, неверодостоен и дефинитивно не од јавен интерес – текст. Ако порано важеше дека хартијата трпи сѐ, сега интернет просторот остава слобода за буквално сѐ.
Разликата меѓу медиумите на интернет и самиот интернет е во стандардите и во она што е вест-вредно. Дали е вест-вредно и од јавен интерес оваа информација, дури и да е вистинита? Се разбира дека не. Оваа информација не вклучува јавни личности, не објавува ненаменско трошење на јавни пари, злоупотреба на функција. Сепак, многумина би сакале да ја прочитаат и да ѕирнат во приватноста и во семејните драми на обичните луѓе. Работата на медиумот е да го направи балансот и да пресече. Не се што е интересно за граѓаните е од јавен интерес.
Линк до оригиналниот напис: Скопје: За време на свадба младоженецот ја фатил невестата со кумот!
Датум и време на објавување: 05.04.2014, 01:00
Датум на рецензирање: 06.04.2014
Рецензент: Мирослава Бурнс
Сензационализмот во приказната е толку голем што одговорите на петте новинарски прашања не доаѓаат ниту на дневен ред. Доколку во текстот беа одговорени петте новинарски прашања кои го дефинираат информативниот жанр, тогаш ќе станеше уште појасно дека интимните приказни на луѓето не можат да се најдат на агендата на она што е од јавен интерес. Од оваа приказна не може да се утврди дали нешто е вистинито, но поголем проблем секако е изборот да се „известува“ во живо од свадбите и тоа да се прави во рубриката Македонија, што вообичаено вклучува сериозни информации за настаните од земјата и политиката.
Изворот едноставно не е веродостоен, исто како и самата приказна. Зошто личните шпански серии треба да дојдат до читателот? Што ќе биде користа од тоа? Што добива читателот кога ќе ја дознае оваа информација?
Во втор план се ставени одговорите на овие прашања. За жал, преовладува сензационализмот и ставот дека оваа содржина ќе биде примамлива за собирање кликови. Уште од самиот наслов, во кој се вложува напор поблиску да се лоцира жолтата приказна, очигледна е ваквата намера.
Станува збор за медиумски производ во кој сосема е изместен стандардот за тоа што е вест-вредно и што треба да се класифицира во рубриката, која, инаку, е посветена на вестите од земјата и би требало да биде сериозна, како и да вклучува веродостојни, проверени информации.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар