Рецензија: Слаб одѕив на протестот пред Собрание, поддршката за реформите се поголема

Firefox_Screenshot_2015-01-18T18-35-33.764Z-fb

 

Можеби имаме зародиш на нов жанр во журналистиката – „пребројувачко новинарство“. Како поинаку да се толкува текст чија основна цел е да ги брои присутните на протест, надграден со епитети дека станува збор за партиски собир. Крајно обоен производ, со многу обвинувања без аргументи. Пример за некредибилно и тенденциозно известување, ако воопшто така и може да се нарече, со доминантно необјективен пристап.

Firefox_Screenshot_2015-01-18T18-35-33.764ZЛинк до оригиналниот напис: Слаб одѕив на протестот пред Собрание, поддршката за реформите се поголема

Датум и време на објавување: 14.01.2015, 12:38

Датум на рецензирање: 18.01.2015

Рецензент: Владимир Мирчески

 

КАДЕ СЕ ЦРВЕНИТЕ КРУKЧИЊА?!

Едно е новинарски да се констатира дека одреден граѓански собир не бил масовен како претходните, а сосема друго е на тој ист собир да му се даде одредена партиска квалификација без притоа да се изнесат соодветни докази. Ако веќе се изнесуваат такви тешки обвинувања, ќе повторам на крајно неновинарски начин, тогаш тие морале да бидат поддржани од аргументи. Јас, како публика, никаде во материјалот не забележав такво нешто или барем објаснување и појаснување кои се тие „лица блиски до опозицијата“?! Па, во други текстови, на истото ова место, со заштитен знак „црвени кругови“ се бележеа и броеја опозиционерите, „соросоидите“ и неподобните новинари на протестите кои ги организираше „Студентски пленум“. Зошто во овој случај ги нема? Па, ете така, ајде да ги видиме „бележаните“ инфилтрирани „волци“ во студенсткото стадо. Приложената фотографија, барем за моите очи, не е релевантен и објективен доказ за опозициско присуство, бидејќи едноставно од неа такво нешто не може да се види. Дополнително, воочлива е површноста во текстот – на едно сериозно прашање за образованието, кое несомнено е темел на секое демократско општество, му се пристапува со минимален ангажман. Впечатокот е како да се сакало да се „претрча“ преку вистинските извори и причини за проблемот и, секако, резултатите ако тој не биде надминат. Нафрлени се само елементи од целата тема во стилот на „мачкање очи“. Степенот на селективност е исклучително висок. Дел одовде, дел одонде и ете некомплетнен напис. Толку од вистинитоста.

 

„LIKE“ ЗА „КОНТРАПЛЕНУМЦИТЕ“

Разбирливо е дека „ранетата“ вистинитост во голем дел се должи на отсуството на реални извори на информации, барем во делот на тврдењата за опозициски мотивиран протест, кои би застанале зад изнесените формулации. Затоа, пак, не недостига пристрасност и очигледна наклонетост кон контрапленумците. Некому полесно ќе му било само да удри еден голем „like“, наместо да се мачи со пишување цел текст и со „воспевање“ на масовноста на „оние кои се за реформа“ наспроти „отпорашите“. И затоа не треба да нè чуди што имаме наведување на бројноста на „контрашите“, додека за другите нема никаква информација. Секако дека во четивото ќе ги прочитаме ставовите на надлежното министерство и ќе слушнеме за неговата „кооперативност“ да прифати некои забелешки на универзитетите, без да се прецизира кои, ама нема ниту буква зошто студентите и стотиците професори се спротивставија на т.н. реформа во високото образование.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

До колку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави – член 1 од Кодексот на новинарите.

Впрочем, за непрофесионалноста и за необјективноста на материјалот на самиот почеток сигнализира насловната конструкција, која е далеку од урнеците за тоа како треба да се формулира и изгледа еден коректен наслов на кредибилен новинарски производ. Тоа е супституирано со тенденциозност и со непотребна сензационалност.

Summa summarum: обид да се осуети и оцрни собир, но и едно пошироко движење, како партиска, а не граѓанска иницијатива.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција