Рецензија: Слична оценка како и лани за Македонија во извештајот за човекови права

FireShot-Screen-Capture-245-МРТ-www_mtv_com_mk_node_5039-crop-resize

„Македонија доби слична оценка како и претходната година во извештајот за почитувањето на човековите права во 2013-та. Оценета е како демократија која сѐ уште има проблеми во разграничувањето на државата, судството, медиумите и правата на помалите групи граѓани како хомосексуалците“.

Делот посветен на Македонија во извештајот на Стејт дeпартментот за состојбата на човековите права е исклучително опширен и секако значаен за негово сериозно третирање во медиумите, бидејќи, се однесува за многу сегменти од нашето живеење и значи оценка од најмоќната сила во светот за степенот на демократија во земјата која себе се смета за компетитивна за влез во евроатланската алијанса.

Но, МРТВ прави скромен прилог, како по содржината, така и по значењето и структурата, кое како уредувачката политика се пренесува и на сајтот, каде едноставно не е вест која заслужува било каква најава или „насловна страна“. Јавниот сервис по третманот на веста, која МИА ја емитувала во својата најопширна и навистина содржајна верзија во 20 часот претходниот ден, само покажува дека има доволно катакомби во кои ќе ги турне значајните ама критички кон власта сознанија.

 

Слична оценка како и лани за Македонија во извештајот за човекови права

Линк до оригиналниот напис: Слична оценка како и лани за Македонија во извештајот за човекови права

Датум и време на објавување:28.02.2014, 10:12

Датум на рецензирање: 28.02.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: МРТВ немала начин да побегне од емитувањето на оваа вест. Но, во централните утрински вести, на 28 февруари, беа дадени само начелните согледувања за состојбата со човековите права во светот, а за нашата земја, па дури и за Балканот немаше збор?! Како да се сакало веста за извештајот да стои само формално и да  ја „расипува фризурата“ на власта. Онака како што е поставена и на сајтот, таа е редуцирана безмилосно и сведена на просто набројување на темите кои кај нас го интересирале Стејт дeпартментот, без било каква содржинска анализа, а далеку и од било каква аналитичка проценка која би се засновала на барања на коментатор во редот на домашните експерти за човекови права или барем на одговорни функционери во партиите или критикуваните области.

Извори на информации: Од веста емитувана на МРТВ не е јасно дали се користи извештајот на МИА, кој е доста опширен, среден по области и професионално „пасиран“, што е за пофалба. Можеби уредниците во МРТВ го користеле оригиналниот текст, па од него направиле вест или зеле од други релевантни извори (Гласот на Америка, на пример). Што и да бил изворот, содржината е предадена како со пипета од која фактите за земјава се ставаат како капки во очите.  

Содржајност: Уредниците во МРТВ едноставно оделе кон тоа веста да постои ама да биде обесмислена, да се прикаже како „ништо ново“, да се стави во некаков светски контекст, каде има доста држави кои се, нели, полоши од нас, ама таа споредба и да не се види комплетно за степенот на нашата недемократија и нашите повреди на човековите слободи едноставно да „испарат“ и по можност – да се заборават.

Областите кои тука се споменати се многу добро обработени во извештајот и тие не треба да се набројуваат туку да се предочат – кои се, зошто се издвоени, какви се маните што се забележуваат, уште повеќе што некои од нив се многу актуелни и се суштински, како, на пример, судењето на Шиповиќ или третманот на новинарот Кежаровски.

Пристрасност: Многу „црниот извештај“ за Македонија во прилогот ударно се третира како доказ дека Македонија е „демократија која има одредени слабости“. Со своевидната филтрација на оценките и сведувањето на прилогот во „груба аритметика“ (набројување) во тоа се успева, особено ако гледачот, односно читателот не добие поттик да истражува самиот, што е малку веројатно.

Коментирање: Извесен коментар содржи самиот наслов, тој дури е вредносен суд за целиот извештај, во стилот „од Запад ништо ново“.

Оригиналност/Плагијат: Барем текстовите на сајтот на МРТВ треба да бидат со точна ознака кој ги напишал, ако имаат внатрешен автор или од каде се преземени.

Квалитет на насловот: Насловот е еден од начините да се демонстрира итроштината во багателисувањето на содржината на прилогот. Се вели дека состојбите кои се констатирани во споменатиот извештај се како и ланските, ама не се објаснува дали тие констатации од лани биле добри, лоши, „средни“, па споредбата е просто формална и во крајна линија – бесмислена. Но, тој наслов секако е и вредносен суд со кој се релативизира критиката од Вашингтон упатена кон нашата земја, односно кон нашето актуелно политичко раководство.

Фотографија: Прилогот на сајтот содржи само ноќна фотографија на Стејт департментот, со што тој по малку наликува на некаков таинствен и „опасен замок“ од каде може да доаѓаат закани.

Заклучок  Ретките коментари на извештајот во други медиуми говорат дека споредбата со ланскиот документ на истата институција не говори за исти или еднакво лоши констатации, туку имаме многу полоши оценки  (да го споменеме прилогот во Радио Слободна Европа). Многу се црни сликите за Македонија кога таа се препознава како партиска држава!  Од Вашингтон порачуваат дека се многу загрижени за мешањето на Владата во судовите и во медиумите, селективната правда и високото ниво на корупција. Кога тоа го кажуваа меѓународни организации се велеше дека се тоа платенички здруженија, без своја тежина, ама кога тоа ќе го каже Стејт департментот такво отфрлување не е можно. Тука, низ бескрвниот прилог на МРТВ едноставно на граѓанинот, на гледачот на јавниот сервис, кој мора да плаќа претплата, му се одзема правото да биде информиран за една многу релеватна оценка за земјава дадена однадвор.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција