Рецензија: Со хеликоптер го донеле од Албанија – Македонец се бори за живот на скопските клиники
Веста е најважна новинарска форма. Таа е постара од самото новинарство и се провлекува низ сите други новинарски форми. Затоа мора да биде кратка, јасна, прецизна, вистинита и содржајна. Во оваа „вест“ тоа го немаме. Имаме наслов кој е, всушност, вест: „Со хеликоптер го донеле од Албанија-Македонец се бори за живот на скопските клиники“. Истото тоа го имаме и подолу во текстот дополнето со уште три збора, дека доживеал страотна сообраќајна незгода.
Линк до оригиналниот напис: Со хеликоптер го донеле од Албанија-Македонец се бори за живот на скопските клиники
Датум и време на објавување: 17.11.2013 14:31
Датум на рецензирање: 18.11.2013
Рецензент: Александар Писарев
Вистинитост: Неодговорно и непрофесионално преземена вест од нерелевантен извор и пренесена на читателите, кои слободно можат да се сомневаат во вистинитоста на текстот кој го читаат.
Извори на информации: Единствениот извор на информации е порталот „Курир“ од каде веста е преземена.
Содржајност: Нема содржина. Има какофонија, така што и онаа минимална содржина звучи грдо. Најважното за медиумот било дека се работи за Македонец.
„Македонец се здобил со тешки телесни повреди“.
„Поради сериозност на повредите Македонец бил веднаш пренесен на скопските клиники“.
„Во ургентниот центар се борат за живот на Македонец“.
Тоа е всушност и целата вест.
Ако не бил Македонец, дали за медиумот тоа не би била вест. Немаме информација кога, каде, зошто се случила сообраќајна незгода. Албанија е широк поим. Кој го префрлил со хелихоптер? Полиција? Војска? Чија? Наша? Албанска? Како се случила несреќата? Има ли име повредениот?
Малку да се покажела амбиција, преземената вест можела да се дотера. Можело да се телефонира во Ургентниот центар каде ќе добиеле дополнителни информации.
Оригиналност/Плагијат: Информацијата е преземена од друг медиум и пренесена на читателите.
Квалитет на насловот: Насловот, според стандардите, треба да има што помалку зборови и секој да е на свое место. Да биде што поедноставен. Ниеден од овие стандарди не е почитуван. Насловот е долг, некреативен со многу одвишни зборови. Ја прераскажува, а не ја „продава“ информацијата.
Фотографија: Не е соодветна, не е автентична, не е содржајна. Којзнае од каде и од што е преземена, дури заборавиле и да ја ротираат. Требало да стои вертикално. Велосипедот кој се гледа во позадина, според физичките закони на гравитација не може вака да се движи. Нема податоци за авторот.
Заклучок: Изворната информација потекнува од „Курир“, а потоа ја пренеле речиси сите македонски портали, надпреварувајќи се кој повеќе ќе ја обезличи, додавајќи ѝ празен сензационализам, без основна содржина, без почитување на основните новинарски стандарди во пишување на вест. Дури не знаеме ни кога се случила сообраќајна незгода. Можеби ланската година.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар