Рецензија: Со странски пари се урива слободата на новинарството

„Со странски пари се убива слободата на новинарството во Македонија. Наместо за развој на медиумите , парите на странските претставништва во земјава кои се слеваат во невладините на СОРОС се користат за јавен отстрел на сите оние медиуми кои не се согласуваат да ја тераат соросовата опозициска агенда. Последен во низата проекти со кои СОРОС го погреба македонското новинарство е таканаречената проверка на факти кој се финансира со парите на американската УСАИД.“

Ова е прилог во кој се дава јавна оценка на проектот Проверка на факти, при што се поаѓа од следните позиции:

  • новинарите кои прават рецензии се тотални анонимуси и докажани соросови платеници;
  • тие се критички настроени кон медиумите кои ја напаѓаат опозицијата;
  • се прави обид преку критиките да се заштитат порталите на опозицијата кои не можат да бидат пазарно успешни;

Текстот е коментаторски и се обидува да го замолчи аналитичкото и одговорно новинарство за кое се залагаат оние кои работат во овој Проект и затоа заслужува внимание.

Рецензија: Со странски пари се урива слободата на новинарствотоЛинк до оригиналниот напис: Со странски пари се урива слободата на новинарството

Датум и време на објавување: 02.06.2013, 16:24

Датум на рецензирање: 07.06.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Текстот и нема за цел да се повика на некои факти или статистики, а уште помалку да навлезе во она што е белки цел на секое вакво пишување: да докаже како наведените тези ги оправдува и низ пишувањето на коментарот да наведе барем некој пример на злонамерно или невистинито пишување.

Извори на информации: Авторот се повикува на анонимни извори. Ниту едно име и презиме (а говориме за пратеници на јавниот збор!) во поддршка на своите тези, а уште повеќе во поддршка на позицијата дека тие егземплари би го претставувале слободното новинарство, кое ете, некој низ аргументирани анализи „го урива“!

Содржајност: Со прикривањето на информациите кои наводно се поседуваат како поддршка на тезите, практично се одбегнува аргументираната расправа. Колку е тоа текст од ракав говори и небулозата дека зад критиките на „слободните медиуми“ стојат тотални анонимуси и истовремено докажани соросови платеници! Ем анонимуси, ем докажани.

На гледачите коментаторот бил должен да им објасни, ако ја сакал вистината, која е цел на секое пишување, дека постоеше јавен конкурс на кој се јавија одреден број на новинари, по своја слободна проценка, и кои се – речиси сите – примени како рецензенти. Ниту еден од пријавените и потоа примените не е никаков почетник, напротив, секој од нив има повеќе години стаж во новинарството.

Пристрасност: Пристрасноста се гледа низ тезата на авторот на коментарот дека низ проектот се опсервирале медиумите кои ја напаѓале опозицијата. Самата формулација е многу несмасна, пологично и политички коректно би било да се рече дека се работи за медиуми кои ја штителе власта од опозицијата (инаку зошто би ја напаѓале опозицијата!).

Стварноста во Македонија е таква што повеќе од 90 отсто од медиумите се токму во таа група „која ја напаѓа опозицијата“ , кои добиваат толку владини реклами што се на листата на најпрофитабилни фирми  во земјата, што не се помни ниту во социјализмот од кои две (Сител и Канал 5) се во топ 30 фирми во земјата! Нивната профитабилност не се засновува на релевантноста на информациите, ниту на слободниот пазар, туку на фактот дека имаат квалитетно старателство, па критиките не би можеле секако да им нанесат економска штета.

Критиките на секоја анализа во рамки на Проектот се дел од добро простудирани и со децении уважени методи за студија на новинарски прилози.

Коментирање: Текстот не ги задоволува елементарните потреби да биде – вест, сознание, информација, а е дел од т.н. озборувачко новинарство, што како школа кај нас е веќе добро изградено, но кое заслужува да биде анализирано.

Плагијат: Ова е еден од ретките текстови на овој сајт наведен со автор. Ова дури може да се земе и како основ дека критиките на проектот Проверка на фактите понекогаш даваат резултат.

Квалитет на насловот: Насловот сака да најави дека „медиумите кои ја напаѓаат опозицијата“ се предмет на напади „со странски пари“ и секако е дел од спинот со кој се брани една клаустофобична опседнатост на некои медиуми во стилот „добри сме за дома, односно за власта, не чиниме за надворешниот свет“. Или, насловот креира ментална пресумпција во стилот „ние и тие“, како форма на колективна одбрана, каде аргументите губат на сила и смисла на користење веднаш.

Фотографија: Прилогот има една општа фотографија од некаков медиумски настан и во таа смисла таа е илустративна.

Говор на омраза: Написот, уште со насловот, создава два табори во новинарството, при што, едните треба да се примат како – платенички.

Заклучок:

„Експертите, секако, оние кои имаат завршено факултет, сметаат дека доколку странците имаат искрени намери да ги подобрат состојбите во новинарството, треба добро да проанализираат, кому му ги даваат своите пари, што се прави со нив и кој е ефектот од таквите проекти“.

Со оваа реченица авторот го завршува својот коментар и ја покажува својата опседнатост со факултетската диплома, како врвна доблест која не трпи „други аргументи“.

Колку за илустрација, оние кои ги пишуваат критичките опсервации во Проектот, таа обврска си ја имаат завршено одамна!

Рецензија: Со странски пари се урива слободата на новинарството

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција