Рецензија: Со таблети во авионот од 1 март
Едната е германска, а другата е јапонска фирма. Едната е формирана во 1953-та, а другата во 1951-та година. Едната е најголема европска, а другата е една од поголемите азиски авиокомпании. Едната има повеќе од 600, а другата над 200 летала. Едната се одликува со жолтата и сината боја, а другата со црвена и бела. Едната за лого има син жерав, а другата црвен. Ова се само дел од главните разлики меѓу „Луфтханза“ и „Јапан Ерлајнс“, кои не биле доволни за некој да не направи фотогрешка во оваа вест.
Линк до оригиналниот напис: Со таблети во авионот од 1 март
Датум и време на објавување: 19.02.2014
Датум на рецензирање: 24.02.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
Вистинитост: Кусата вест нема спорна вистинитост, но, затоа пак има завидно ниво на нејаснотија и непрецизности. Па и сега нема проблем да се употребуваат таблети и паметни телефони, без можност за разговори, во текот на авионските летови. Она што се сакало да се каже, а не е соодветно пренесено во оваа информација, е дека „Луфтханза“ нуди можност за непречено користење на електронските направи, секако во flight mode, за цело време на летот – и во периодот на слетување и полетување што досега не беше случај. Значи, веста не е докрај коректно пренесена.
Извори на информации: Текстот се повикува на официјални извори во авиокомпанијата Луфтханза, а подолу читателите ги информира дека пласираниот материјал е преземен.
Содржајност: Овој сегмент би сосема бил во ред ако веста беше сеопфатна и прецизно пренесена. На не мал број луѓе, кои често патуваат со авиони, ваквите информации им се битни.
Оригиналност/Плагијат: Станува збор за преземена агенциска вест и тоа е јасно наведено.
Квалитет на насловот: И насловот како и содржината не е докрај јасен. Со други зборови, како да не се знаело што и како да се пласира во насловната конструкција, која, сепак, е главниот фактор од кој зависи „продажбата“ на веста кај публиката.
Фотографија: Овде наидуваме на главниот проблем кој и е основната причина за рецензирањето на овој напис. Направено е целосно промашување и заменување на две многу различни авикомпании. „Луфтханза“ не е „Јапан Ерлајнс“ и обратно и не знам како тоа не му било јасно и на авторот кога му го давал конечниот текстуален и визуелен изглед на производот. Моежби се мислело дека и така ќе помине текстот. Ама, сепак тоа не е случајот. Сериозен пропуст.
Заклучок: Сѐ на сѐ имаме некомплетна и непрецизна вест со сериозна маана – „утка“ фотографија. Значи, сумарно, се можело и подобро.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар