Рецензија: Сочи: Не служиме агенти од ФБИ и ЦИА

02122014-MIA-Sochi-crop-resize

Куса вест, големи пропусти. Просто е неверојатно колку многу може да зборува за новинарот, уредникот и за медиумот продукцијата на еден новинарски продукт. Веста што ја рецензираме е продукт на новинска агенција и таа подразбира постапка на избор (бидејќи станува збор за преземена информација), преведување и преработка според агенциски професионални стандарди, уредничка интервенција (проверка на валидноста на елементите на веста), објавување и контрола на објавеното.

Освен во првата фаза – изборот на веста, во сите останати  се направени сериозни пропусти и е објавена вест под сите новинарски стандарди.

02122014-MIA-SochiЛинк до оригиналниот напис: Сочи: Не служиме агенти од ФБИ и ЦИА

Датум и време на објавување: 12.02.2014, 11:16

Датум на рецензирање: 12.02.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Иако не се работи за информација која е од некој посебен интерес за јавноста, таа е, сепак, занимлива и подложна на новинарска постапка. Новинарската постапка, заради потврдување на вистинитоста на оваа информација, подразбира идентификација на елементи кои би ја потврдиле оваа вест. Ова, во време кога секојдневно се соочуваме со лажни информации и рециклирани вести, е од суштинска важност. Оваа вест нема ниту еден елемент кој ќе ни потврди дека е вистинита.

Извори на информации: Нема извор. Од каде ѝ е оваа информација на агенцијата што ја објавува? Бидејќи во веста се споменува име на фотограф од Асошиејтед Прес, претпоставуваме дека веста е преземена од овој странски сервис. Тоа не е јасно назначено според утврдените стандарди на новинските агенции кога се идентификува извор на една информација и ние не можеме да бидеме сигурни.

Содржајност: Една државна агенција, едноставно не смее да си дозволи една толку неписмена вест. Ништо не е е јасно. Во една реченица пишува дека таблата е на некоја кафеана (што е најлогично), потоа пишува дека е на планина (!!!!), потоа пишува дека „иако на англиски просто боде очи, па не можела да му избега на искусното око на фотографот на Асоишиејтед Прес”(????) Зошто „иако”? Какво значење има „иако“ во реченицата?

Два пати во пет реченици авторот го има погрешено името на локацијата на настанот Краснаја Пољана: еднаш е „Краснај Пољаната”, потоа е Краснајој Пољана. Тоа поминало и кај уредникот.

Штета. Една ваква занимлива досетка на некои угостители во Сочи можела да биде одлична куса и духовита новинарска белешка.

Коментирање: Во серијата „прекршоци”, авторот на оваа вест и неговиот уредник си дозволиле дури и коментар. Претпоставуваме дека, во желбата да биде духовит, новинарот коментира со следната досетка:

„Не пишува каков е ставот на овие угостители кон агентите на НСА.”

???!!!???

Заклучок: Во случајот на оваа вест потфрлиле сите алки во синџирот на пишување, одобрување, објавување и контрола на објавеното во новинската агенција што ја објавила оваа медиумска содржина.

Ова секако не оди во прилог на една агенција која постои дваесетина години и која треба да биде репрезент на едно професионално новинарство, кое е должна да го негува и заради членот 16 од Кодексот на новинарите:

„Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.”

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција