Рецензија: Сорос го руши и корумпира цивилниот сектор во државата

 

21-09876-098-crop-resize

Да не беше трагично ќе беше смешно, а можеби да не беше смешно ќе беше трагично. Тоа би бил кусиот опис на конкретниот „медиумски производ“, се разбира, со негативен предзнак. Во само 22 редови се успеало да се прекршат безмалку повеќето членови на Кодексот на новинарите. Манипулација, извртување на фактите, дезинформација, заблудување на јавноста се само некои од елементите присутни во овој текст.

2Линк до оригиналниот напис: Сорос го руши и корумпира цивилниот сектор во државата

Датум и време на објавување: 01.07.2014, 13:36

Датум на рецензирање: 02.07.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

СПИН И МАНИПУЛАЦИЈА СО БРОЈКИ ОД ИСТРАЖУВАЊЕ

Овде станува збор за случај на намерна злоупотреба на резултатите од една анкета за своевидна медиумска пресметка со невладина организација која не е по мерка на дел од политичките кругови во земјава. Како поинаку да се разбере поистоветувањето на податоците дека „55 отсто од испитаниците одговориле дека НВО-та се под влијание“ со една единствена невладина која, судејќи според актуелната кампања, подолг период е трн во „нечија нога“.

Откако во написот се прави транзицијата „дека за таквиот имиџ на НВО-ата во земјава е виновна само една организација“ доаѓа до кулминацијата која е силно политички обоена и навестува дека најверојатно зад текстот се кријат мотиви поинакви од новинарските. Тоа го открива и самата содржина која во продолжението наведува кој сѐ, како што се вели, се офајдил од фондовите на оваа невладина организација, па кој сѐ членува во нејзините тела, па нивно поврзување со опозицијата, па нивно јавно „бележење“, итн. Тоа се веќе познати методи за расчистување со „неподобните“. Но, да се вратиме на почетокот – манипулацијата и извртувањето на вистината настануваат во моментот кога на публиката ѝ се сервира тезата дека конкретно само оваа НВО е таа за која мнозинството граѓани сметаат дека е под политичко влијание, што во суштина не е така. Истражувањето на мислењето на јавноста за невладините организации, како што и стои во самиот текст, се темелело на прашањето„Дали мислите дека невладините организации се ослободени од политичко влијание или нивната програма и делување е под влијание и делување на политичките партии“, без да се споменуваат поединечно разни НВО-а кои делуваат во земјава.

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи“ – член 1 од Кодексот на новинарите.

Вистинитоста на текстот со сигурност би била на многу повисоко ниво ако иницијалните извори на информации – истражување на угледен институт, се користеле во целост, а не сегментирано и со силна нишка на извитоперување. Истото важи и за содржајноста, која во основа, има новина за испитување на мислењето на јавноста за невладините организации, но на неа ѝ се „накалемува“ спинот за „вината на само една НВО “. Секако дека ова четиво ќе привлекувало многу повеќе внимание ако се сакало на публиката да ѝ се пласира квалитетна информација, темелена само на факти, а не генерално „плукачка“ содржина која и да сака не може да ја прикрие политичката пристрасност:

„…Меѓу нив е и Маргарита Цаца Николовска, инаку претседател на Совет во СДСМ. Истовремено, оваа организација е позната по делење на грантови на медиуми исклучиво блиски до СДСМ…“.

 

ПОГРЕШЕН ЗАКЛУЧОК ТЕМЕЛЕН НА НЕИЗДРЖАНА ТЕЗА

Можеби насловната конструкција најчисто и најпрецизно ја отелотворува манипулацијата која се прави со целиот материјал:

„Сорос го руши и корумпира цивилниот сектор во државата“.

А, да прашаме, како се дошло до таков заклучок, бидејќи резултатите од анкетата не го кажуваат тоа, туку велат дека повеќето испитаници сметаат дека НВО-та се под влијание без, секако разбирливо и нормално за вакво истражување, со прст да покажат кон една организација. Е, во овој случај, на многу неновинарски начин текстот се обидува да го насочи прстот кон едно место.

На крај може само кусо да се сумира дека станува збор за непрофесионален и пристрасен „медиумски производ“ кој на публиката не ѝ дава реална слика за темата која ја обработува.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција