Рецензија: Сорос отворено против лавот и сонцето од Кутлеш- симболите на Македонија
Напис кој без конкретен повод користи изјава стара 21 година, од која извлекува непотврден сегашен став на странски државјанин. Со која цел? Прашање кое останува отворено за авторот. Насловот создава впечаток дека станува збор за актуелен став на претставник на организација, чии активности се начекуваат на нож во дел од медиумите.
Наслов на анализираниот напис: Сорос отворено против лавот и сонцето од Кутлеш- симболите на Македонија
Датум и време на објавување: 09.12.2014
Датум на рецензирање: 09.12.2014
Рецензент: Александар Пешев
Терминот туршија е жаргон кој во новинарството се користи за опишување информација која од икс причини била чувана во архива и се објавува како свеж податок. Оваа објава е „скиселена“ веќе 21 година. Насловот ветува информација за актуелен став на шеф на фондација за, на самиот почеток, да се утврди дека ставот е од пред две децении, со што веродостојноста на наводите паѓа во вода.
Изјавата од минатиот век е единствениот извор кој се користи во објавата. Останатите тврдења се презентирани како факти кои не се поврзани со извор на информации или личност, што, во основа, претставува коментирање.
Копање по архиви и презентација на информациите како актуелни сознанија не го задоволува критериумот на содржајност. Недостигаат информации за актуелните ставови на прозваната страна за да се комплетира прилогот и водечкото тврдење да добие тежина.
Политичката наклонетост и обидот за спин се согледуваат во фактот што коментарите содржани во текстот се речиси идентични со партиските соопштенија на владејачката партија. За илустрација на политичката наклонетост, да земеме елемент од написот:
„Негирањето и спротивставувањето на решението за македонски грб не е нов процес на соросоидите“
и да го споредиме овој дел од текстот со цитат од соопштение на ВМРО – ДПМНЕ:
„Битката на соросоидите за рушење на ВМРО-ДПМНЕ, македонскиот народ и неговиот идентитет не е од вчера таа трае и ќе продолжи“
Самиот факт што новинарот не нуди понови информации за актуелниот став на прозваната страна, која не ја побарал за мислење, сведочи за наклонетост кон една страна, најверојатно партиска.
Главата на текстот, пред кратката лекција по историја од минатиот век, содржи само коментаторски елементи, чие место е во партиско соопштение, а не во новинарски текст. Ставовите во форшпанот не се атрибуирани, поточно авторот не одговара на прашањата: кој го вели ова? Кој го соопшти ваквиот став?
Има лица кои би аргументирале дека во рамки на слободата на говорот, секој има право да си каже што мисли. Така е, но новинарската професија се води по професионални стандарди кои во случајов не се до крај испочитувани, особено во поглед на коментирањето.
Авторот не е потпишан, што повеќе ја поддржува препораката ваков текст да се преточи во партиско соопштение наместо да се презентира како новинарски текст. Како публиката да верува во напишаното ако не се знае кој го пишува?
„Сорос отворено против лавот и сонцето од Кутлеш – Симболите на Македонија“ – читателот добива впечаток дека Џорџ Сорос на 9 декември 2014 година се огласил против владиниот предлог за нов државен грб, а не дека ставот е изнесен пред две децении. Покоректно би било насловот да се стави во минато време или да се допише – „во 1993 година“.
Насловната фотографија соодветствува на насловот, но не открива дека текстот е напишан врз основа на изјава од 1993 година. Таа порака се илустрира со помошните фотографии што ја исполнуваат илустративната функција.
Кованицата „соросоиди“ се користи во навредлив контекст, имајќи предвид дека во овој случај и во партиските соопштенија на владејачката партија терминот неретко се користи за опис на луѓе кои, наводно, работат против македонската нација.
Текст кој може да се нарече „новинарска туршија“, чија единствена цел е дискредитација на институција и нејзин претставник. Коментарите се совпаѓаат со реториката во партиски соопштенија што ја подржува констатацијата за новинарски спин. Не е јасно зошто авторот го напишал текстот и зошто клучната порака е релевантна за публиката.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар