Рецензија: Соросоидите владеат во Центар – парадржавна власт среде Скопје

securedownload

Станува збор за псевдо-анализа во која врз база на два скенирани документа целосно се дикредитира градоначалникот на Центар и функционалноста на новата општинска власт, но се оцрнуваат и невладини организации и здруженија на граѓани што имаат поинакви погледи за уредувањето на централното градско подрачје во однос на владеачката партија во државата ВМРО ДПМНЕ.

Линк до оригиналниот напис: Соросоидите владеат во Центар – парадржавна власт среде Скопје

Датум и време на објавување: 13.06.2013

Датум на рецензирање: 14.06.2013

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Фактите се состојат од два документа – барање(иницијатива) упатено од невладина организација „Плоштад Слобода“ и административно писмо од претседателот на Советот испратено до секторите во Oпштината со кое ја препраќа иницијативата од „Плоштад Слобода“.

Извори на информации: Во самиот текст не се ни приближно лоцирани изворите на информација во врска со документите. За другите наводи во текстот нема зошто да се бараат извори, зашто начинот на кој се пласирани укажува на тоа дека станува збор за новинарски или уреднички став.

Содржајност: Прикривањето пак, се однесува на повеќе елементи: дека иницијативата е легално средство во постапката, дека не може да се говори за „експресно“ трансферирање на оваа иницијатива низ телата на Oпштината ако поминале 6 дена од нејзиниот прием во архивата, дека постапката на разгледувањето на оваа иницијатива се одвива во легална процедура на седница на Совет на Општина, без оглед што зад предлогот за спорните точки застанал претседателот на Советот, дека иницијативата се однесува на зачувување на зелени површини во градот, а не на некакви комерцијални интереси, и.т.н.

Пристрасност: Освен двата документа за кои веруваме дека се вистинити токму поради следење на другите медиуми и извори на информирање, се друго во анализата е извртување на вистината, личен став, наклонетост и пристрасност со претпоставена политичка мотивација.

Коментирање:

„Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, е англиска кралица во општината чија единствена функција и желба е да излезе во пресрет на иницијативите на разни институции и здруженија зад кои јавно или прикриено стојат соросоидите“.

Или:

„Повеќе од очигледно е дека уништувањето на веќе направеното ќе продолжи и дека тоа е зацртаната цел на соросоидите која ќе ја остварат преку нивниот послушник и должник Жерновски“…

„Ова претставува класичен обид да се измести власта во Македонија од посед на граѓаните и инструмент на институциите, во рацете на заинтересирани неформални групи кои немаат одговорност пред никого“.

Квалитет на насловот: Насловот дезинформира и е сензационален, но е креативен и е соодветен за содржината во псевдо-анализата.

Говор на омраза: Говорот во текстот е навредлив и дискредитирачки кон градоначалникот на Oпштината. Говорот на омраза е упатен кон цела една групација на луѓе организирани во разни здруженија на граѓани, а кои поради тоа што еден од изворите на финансирање на нивните активности е ФИООМ, погрдно се нарекуваат „соросоиди“. Мотивот и за дискредитацијата и за говорот на омраза е политички, бидејќи тоа е всушност многу сличен говор и на владеачка политичка партија и нејзини највисоки функционери.

Заклучок: Станува збор за еден од „најинвентивните“ текстови објавени за овој проблем во медиумите, кој во голем дел се базира на извртување на вистината и врз сосема произволни толкувања на наведените факти. Со текстот градоначалникот и новата власт во Oпштината на читателот му се претставуваат како „платеници“ кои спроведуваат туѓа политичка ориентација; градоначалникот е прикажан како човек кој повеќе се грижи за интересите на меѓународната заедница наместо за интересите на граѓаните (ова се постигнува со последниот пасус на текстот); се повторува недокажано и невистинито тврдење дека „ќе се урива се што е изградено“; се оцрнуваат невладини организации што се залагаат за поинакви решенија во централното градско јадро, при што неумесно се нарекуваат парадржавни, со што на јавноста и се сугерира дека станува збор за нешто илегално, незаконито, итн. Во текстот има и прикривање на процедурата на носење одлуки во органите на локалната самоуправа. Токму поради овие и други елементи станува збор за псевдо-анализа, затоа што вистинската анализа се потпира на повеќе извори и на повеќе факти, самото оценување на фактите треба да биде повеќестрано и никогаш во неa не се употребува говор на омраза.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција