Рецензија: Соросовиот трубадур со лаги за смртта на Никола Младенов

Смртта на новинарот и основач на неделникот и дневниот весник Фокус, Никола Младенов, ја потресе јавноста. Тој настан и ја отвори дилемата околу причините за неговата смрт – сообраќајка од невнимание, сообраќајка со учество на други возила…

Во јавноста се појави еден текст на порталот Буревесник со кој се имплицира дека Младенов имал во рацете важен документ околу корупцијата поврзана со Словенечки Телеком, кој во текстот на ОхридСкај се спори, но без сопствени аргументи, со повикување дека полицијата ја знае вистината и дека после локалните избори, односно прецизно во сабота (веројатно 13 април) ќе ја објави.

„МВР има голем број на сознанија но мудро молчи од причина што најнапред се чекаше да поминат локалните избори, а сега се чека да помине средбата Санино и Филе. Деталите околу несреќата, според сознанијата на ОхридСкај ќе бидат соопштени некаде околу сабота и тоа ќе помине тивко.

Интересно е за случајот за сообраќајката на Младенов, според точни информации од САД, има појавено интерес Американската Амбасада во Македонија, како и ЦИА, и доколку не се поклопи извештајот на МВР со сознанијата на ЦИА, македонските власти ќе имаат голем проблем“ – се вели во овој текст на порталот, кој е далеку помистериозен од написот кој се критикува, а со кого не дава никаков линк.

Пред нас имаме еден „мистериозен напис“ кој без никаков факт, со многу нафрлени тези се обидува да купува внимание за себе.

Рецензија: СОРОСОВИОТ ТРУБАДУР СО ЛАГИ ЗА СМРТТА НА НИКОЛА МЛАДЕНОВ Линк до оригиналниот напис: СОРОСОВИОТ ТРУБАДУР СО ЛАГИ ЗА СМРТТА НА НИКОЛА МЛАДЕНОВ

Датум и време на објавување: 08.04.2013, 19.46

Датум на рецензирање: 09.04.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост на факти: Текстот на ОхридСкај, кој не е потпишан, алудира дека порталот има директни врски со полицијата (!), како и дека полицијата ги знае одговорите за смртта на Младенов. Нема одговор какви се тие врски со полицијата, зошто токму овој портал е привилегиран во однос на јавноста и зошто тој смета дека полицијата во оваа сторија е онаа која е така да се рече – вистинскиот и  најнезависниот извор на сознанија. Дури, се кажува кога полицијата ќе ги соопшти своите сознанија, поставувајќи се комплетно во позиција да биде полициски портпарол.

Порталот истакнува дека има и директни врски со американската амбасада и ЦИА!

Извори на информации: Текстот за настанот во кој животот го изгуби Никола Младенов, полемизира со друг текст на оваа тема (линкот го даваме ние), и е своевиден „бокс“ меѓу неименуван автор во ОхридСкај со за читателите невидлив противник, што е феномен од времето на т.н. нушиќевско асоцијативно новинарство, од почетокот на 20 век, кога весниците се дистрибуирале рачно низ белградската чаршија, а во нив се пишувало со сокриени имиња и прекари, односно кога чаршијата имала „претходни сознанија“ од усното информирање, а пишаните текстови биле „дополненија“ или „корективи“.

Значи за една многу сериозна тема, каде во центарот на вниманието е смрт на важна јавна личност, се пишува без одговорност и потреба за таа тема да постои сопствено посочување на аргументи и факти, надвор од она што само себе се дефинираа како анонимен извор (полициски извештај).

Содржајност: Текстот на ОхридСкај се обидува во атмосфера на неверување во досегашната истрага на официјалните, пред сè полициски и судски органи, најмногу заради трапавоста во начинот на кој таа се води, да приграби дел од тоа внимание за себе, без да приложи каков било сопствен релевантен придонес, јасно ставајќи на знаење дека ја знае вистината ама нема да ја каже, со што им го одзема правото на другите сегменти на јавното мислење да ја бараат вистината.

Пристрасност: Во текстот се споменуваат многу институции (Фондацијата Сорос, ОНЕ, Телеком, Американска Амбасада, ЦИА, МВР), многу познати имиња (Екрем Лукај, Коста Јанковски), не се споменува името на авторот кој е предмет на спорењето (новинарот Зоран  Божиновски – н.з.), а никаде нема дадено каков било основ како и каде тие имиња се спојуваат.

Целосната конструкција добива смисла само како одбрана на актуелната власт од евентуалниот сомнеж за смртта на Младенов, односно со факти „кои ќе ни се кажат“.

Плагијат: Овој текст нема наведен автор, а од вкупниот контекст разбираме дека е дело на самиот портал ОхридСкај. Нема линкови до текстови (во меѓувреме станаа два – еве го и вториот), нема ниту со кого (кој текст) се спори, што е крајно непрофесионално.

Квалитет на насловот: Насловот се користи со поими и институции кои во текстот не се образложени (Соросова фондација, Соросов трубадур), ама секако даваат силни политички импликации. Насловот кажува дека постои невистина која се пласира за смртта на Младенов.

Фотографија: Фотографијата на Младенов има за цел да го привлече читателот на емотивна основа, иако текстот во својот фокус воопшто ја нема трагичната смрт на новинарот, туку неименуваната објава на неименуван портал.

Уреден за веб: Написот е типичен пример за лошо уреден текст, почнувајќи од насловот кој е даден со сите големи букви (ваквото форматирање не е карактеристично за сајтот во целина), набиениот текст, отсуството на линкови, кои покрај тоа што во случајов се исклучително содржински неопходни, претставуваат и технички пропуст, па сè до изборот на содржината и квалитетот на фотографијата.

На целокупниот впечаток влијаат и печатните грешки, како и изборот на јазикот (пример: „тресе глупости“), кој не му доликува на пишаниот збор.

Заклучок: Во бројните медиуми, особено кај порталите, продолжува практиката на служење со одредени „сили во воздухот“ и правење содржини кои служат за пренасочување на вниманието на јавноста од она што оправдано е предмет на нејзин интерес.

Рецензија: Соросовиот трубадур со лаги за смртта на Никола Младенов

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција