Рецензија: Србија драстично го зголеми извозот кон Русија, а Македонија?

rusija-izvoz-09876-098-crop-resize

Иако темата за нашата извозна шанса, која ја дава ембаргото на извоз на храна во Русија од страна на САД, ЕУ и нивните сојузници не е нова, дури се чинеше дека е и апсолвирана, во овој весник зазеде неодамна виден простор. Навидум, поводот е сознанието дека српското стопанство достигнува ѕвездени мигови, користејќи ја дупката на пазарите во Русија, а нас, ете, нѐ нема никаде да се „омрсиме“ од ненадејно создадената шанса. Не е даден одговор што се сменило од пред два месеци на овој план – имаме ненадеен вишок на стока, на руските увозници одеднаш сме им станале омилени, или, пак, постои некое трето објаснување за таквиот „напор“ да се направи скок во нашиот увоз кај велесилата. Но, текстот со ниту еден факт, ниту извор не ја докажува тезата дадена уште со насловот.

rusija-izvoz-09876-098Линк до анализираниот напис: Србија драстично го зголеми извозот кон Русија, а Македонија?

Датум и време на објавување: 06.10.2014

Датум на рецензирање: 08.10.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Србија во првите шест месеци од годинава извезла земјоделско-прехранбени производи во Руската Федерација за 118 милиони долари, што е за 68 отсто повеќе во споредба со првото полугодие во 2013 година. Стопанската комора на Србија смета дека, и покрај ваквото зголемување, не се користат максимално можностите за извоз, а особено на свинско месо. За разлика од српските, македонските компании сѐ уште не ги искористат санкциите меѓу Европската Унија и Русија за да го зголемат извозот. Оние што досега имале соработка со компании од Русија велат дека годинава имаат слични испораки како и минатата година“.

Ова е делот од текстот кој укажува на мотивот за отворање на сторијата во дневниот весник.

И двата примери кои авторката ги зема како наша транбулина во еден од најголемите пазари на светот ја демантираат тезата за можноста да бидеме некаква ненадејна ексклузива.

Компанијата „Душан Ќириќ“ од Росоман, која постојано е на удар на анкетарите на оваа тема, вели дека засега исто извезуваат како и пред да бидат воведени санкциите и дека Македонија треба да го зголеми извозот на другите производи, а од аграрот – толку! Бидејќи, земјоделските производи не се нешто што може да се засади сега и за еден месец да се извезува. Дури имаме и пад на пропзиводството на многу култури заради климатските неприлики.
Од Комората потврдуваат дека руските увозници побарале нешто повеќе сирење и кашкавал, ама ние сме немале вишок, туку годинава имаме кусок! И тоа е сѐ. Како што и порано се констатирало, Македонија увезува храна во вредност од 500 до 700 милиони евра годишно, а извезува ниту половината од тоа. Кога се прават конкретни теми за извозот мора да се води сметка за базична поставеност на аграрните и сточарски потенцијали, инаку се сведува на владиниот спин дека имаме некакви потенцијали, што е обичен спин кој пред се треба да ги оправда енормните субвенции токму во оваа област. Власта си има свои сметки, ама медиумот не смее да ја следи таа логика.

Голем недостиг на текстот е што нема официјални податоци од Министерството за земјоделие или од економија, кои, секако, во вакви вонредни ситуации би требало да ја објаснат барем наша извозна немоќ.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција