Рецензија: Србија го предупредува својот народ за масовно убиство кое се одвива преку нашето небо!

teorija-na-zagovor-chemtrails-09876-098-crop-resize

Ова е текст како од научна фантастика, со провлекување на теза за заговор против човештвото, особено на Балканот, со доза на поука за Македонија во смисла дека еве Србија се освестила, ама Македонија се уште не прави ништо. Па има една мешавина од тврдења со парафразирани „изјави“ од други држави без да се наведе извор, или соговорник. Во делот за Србија има само споменато наводно претседател на еколошко движење, но ниту од него нема конкретна изјава туку само: Никола Алексиќ претседател на еколошкото движење јасно и недвосмислено предупредува.

teorija na zagovorЛинк до оригиналниот напис: Србија го предупредува својот народ за масовно убиство кое се одвива преку нашето небо!

Датум и време на објавување: 29.09.2014

Датум на рецензирање: 05.09.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

БЕЗ ФАКТИ

Ова е текст без факти, ниту пак, е докажлив. Сите пасуси се отприлика во овој стил:

Познатите метеоролози за хрватските медиуми објаснуваат дека станува збор за доста ограничена појава на претворање на невидливата водена пареа во видливи ледени кристали кои се испуштаат од млазните летала во нестабилната атмосфера. Како да не ја гледаат вистината, како да се слепи покрај здравите очи, затоа што е огромна разликата меѓу chemtrailsima и contrailsima кои дотичните метеоролози ја спомнуваат. Оваа разлика е неверојатна, а уште поневеројатно е колку луѓето послушно ги слушаат лагите и веројатно платените наводи.

Од ова не може да се изведе ниту еден факт. Прво, кои се тие познати метеоролози? И како се дошло до констатацијата познати? Како се стигнува до таа титула? Потоа, има една фраза која најверојатно само физичар може да ја објасни: „Станува збор за доста ограничена појава на претворање на невидливата водена пареа во видливи ледени кристали кои се испуштаат од млазните летала во нестабилната атмосфера.“ Што со ова сака да им се каже на читателите? За луѓето кои не се запознати со оваа теорија (некаде околу 90 проценти од читателите) тоа ќе изгледа на пример вака: „Нешто се случува на небото, нешто авионите испуштаат и тоа е отровно и штетно значи сите ќе умреме затоа што не труе Америка“.

И ако оваа била целта, да, таа се постигнала, а тоа е да им се вметне во главата на читателите дека некоја странска сила врши некаков злостор против Балканот и, во овој случај, Македонија. Но, дали тоа е и смислата на новинарството? Или, пак, новинарството треба да нѐ одбрани од вакви претпоставки и шпекулации.

Инаку, во текстот е наведен извесен Никола Алексиќ, претседател на еколошко движење од Србија кој треба да биде извор на теоријата дека нешто ни се случува над нашите глави. Со проверка на неговиот лик и дело се забележува дека тој силно верува во светски заговор против Србите, а тоа ќе го докажеме со само неколку негови тези:

НАТО ја уништува Србија со бубамари

Со ГМО храна убиваат деца

Србите јадат мутант месо

 

ОД РАКАВ БОЛЕСТИ

Во текстот подолу се тврди:

Но на кого му е грижа? Имаат ли Хрватите право на одговор или и понатаму ќе се крие мачната вистина за труењето на човештвото затоа што во повеќе наврати научно е докажано дека овие траги во себе кријат тешки метали кои лесно стигаат до човечкиот организам. Таложењето на алуминиум во нашиот систем е токсично по човечкиот живот и резултира со аутизам, Паркинсова болест, неплодност, TLS синдром и други тешки заболувања од кои голем број на луѓе заболеле во последните неколку години.

Текстот како од ракав нафрлува моменти дека од наводните chemtrails се разболуваат луѓето (децата) од аутизам и возрасните од Паркиносонова болест. Ова не е поткрепено со ниту еден доказ, нема ниту изјава и е оставено само како заплашување. Тогаш може слободно да се праша што мислат оние луѓе кои веруваат во тезата дека вакцините се причина за појавата на аутизмот? Како овие две групи би се усогласиле. Друга работа е што за Паркинсоновата болест досега не е позната причина за појавата, освен претпоставки дека можеби се работи за некое генетско пореметување, но текстот тврди дека ја открил причината за оваа болест.

И, во заклучокот стои:

Ова се инструменти кои им припаѓаат на Владата на САД и кои се способни да создадат уметнички облаци, магла. Тоа се инструменти за прскање аеросол, авионски прскалици, авионска спреј опрема, процеси на производство на уметнички дим, контрола на лебдечките честици, зрачни инсектициди, начини на зацврстување на облаците, и уште огромен број на патенти со кои САД врши масовно убиство.

Значи, со ваква леснотија да се тврди дека некој е масовен убиец е навистина незамисливо. Со невидена леснотија се тврди нешто за некави масовни убиства. Ова само покажува до кое дереџе е дојдено новинарството. Ако одиме по оваа аналогија тогаш новинарскиот производ може сѐ да истрпи, дури и клевети и навреди и никој да не одговара за тоа пред лицето на правдата.

Ова е уште еден текст што вклучува теорија на заговор која е неиздржана, ниту поткрепена од влијателни светски институции или научници. И тоа од една едноставна причини: нема факти и аргументи. Кога немаат никаква поткрепа, ниту, пак, содржат напор да се најде било каква покрепа на теориите на заговор треба да се гледа со здрава доза на скептицизам.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција