Рецензија: Србија ѝ рече не на ЕУ, Македонија нема став

Ljubomir Srbija-crop-resize

На навистина ударно место е сместен овој напис за односот кон ембарго-војната меѓу ЕУ и Русија. Со насловот и со пристапот се подвлекува дека нашиот северен сосед имал „машки став“ кон Брисел и одлучил да се омасти, ако може, од ембаргото кое Москва го вовела кон увозот на храна од земјите на Унијата. Таквиот став, пред сѐ, не е точен, бидејќи Унијата е задоволна од одговорот на Белград кон нејзините барања, потоа не го зема предвид нашиот никаков извоз и досега во Русија и скромните ресурси кои од наша страна кој знае и дали воопшто бараат „став“ по ова прашање.

Ljubomir SrbijaЛинк до оригиналниот напис: Србија ѝ рече не на ЕУ, Македонија нема став

Датум и време на објавување: 23.08.2014, 06:56

Датум на рецензирање: 26.08.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Од Министерството за надворешни работи вчера до затворање на весникот немаше одговор на прашањето дали Македонија ќе ја почитува препораката на Европската комисија. Додека Македонија уште го нема дефинирано ставот за препораката на ЕУ, српскиот премиер Александар Вучиќ вчера на прес-конференција во Белград изјави дека Србија нема да воведе санкции против Русија и нема да го намали извозот на храна и покрај притисокот од ЕУ.

Српскиот премиер рече дека неговата влада ќе ги прифати барањата на ЕУ да не ги дотира дополнително овие извозни производи, но дека нема да ги спречи српските компании да склучуваат зделки“.

 

БРИСЕЛ Е ЗАДОВОЛЕН

Најпрвин, треба да се прикаже вистинитоста на ситуацијата, а да не се инсистира на ничие „јунаштво“, особено со насловот, бидејќи и оние кои го фалат таквиот „епски став“ на Вучиќ на „домашен терен“ (Вучић: Поштујемо препоруку ЕУ, али извозимо у Русију), сепак, признаваат дека ЕУ не барала запирање на извозот на храна во Русија, туку само да нема дополнително стимулирање со државни пари (односно со буџетот) на таквиот извоз.

Впрочем, Брисел е сосема задоволен со онаа изјава на премиерот Вучиќ, кој, пак, од друга страна како да служи како пример за „тврд одговор“ на барањето за Унијата. Или поконкретно – во Унијата велат дека го добиле тоа што го барале од Србија.

Секако, новинарот требало да каже дали ние сме добиле ед мемоар како Србија, значи многу јасен документ со прецизни обврски по ова прашање од земја – кандидат, како и тоа дека ние во однос на Унијата веќе не сме во иста позиција, бидејќи Белград ги започна преговорите за приклучување, а ние и онака сме на пат да ги изгубиме постојните, и онака послаби позиции.

 

МИНОРЕН ИЗВОЗ

Потоа, Русија воопшто не е заинтересирана за наш извоз таму, бидејќи, уште во 2011 година го одби нашето барање за потпишување на договор за повластена трговија со нив, без што ние не сме конкурентни со нашите стоки таму (види на пример овде). Нашиот извоз на храна во оваа земја во релативно најдобрата година (2011) изнесувал околу 10 милиони евра, што е ништо во однос на тоа што Русија увезува храна за 27 милијарди долари! Тоа во Брисел секако го знаат и затоа кон нас и нема некаков видлив притисок.

Видливо е дека и низ овој медиум, макар индиректно, а во најголем број медиуми дури и во директни заклучоци, се создава слика за некакви извозни потенцијали кои нашата земја ги нема, особено кај земјоделстото, кое навистина добива огромни субвенции. Требаше и овој пат да се каже дека ние годишно увезуваме храна во вредност меѓу 600 и 700 милиони евра. Ние сме, кога е храната во прашање, буквално зависник од другите земји и нивните производи, а не некаков „вмешувач“ на поширокиот пазар.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција