Рецензија: Среќен роденден Јохан
Форма на новинарски производ кој би можел да се пласира во рубриката „родени на денешен ден“, доколку во него нема неколку спорни епитети кои се даваат за славеникот, во случајов Јохан Тарчуловски, кого порталот го прогласува за херој, цитирајќи притоа за што бил осуден од страна на Меѓународниот суд за просторите на поранешна Југославија со седиште во Хаг. Токму ваквото нагласување на „херојот“ ја прави „честитката“ или информацијата во најмала рака несоодветна, бидејќи величи личност која со правосилна одлука била осудена од страна на меѓународен суд за кршење на правилата на војување во Македонија.
Ваквата „честитка“ и делењето на епитети може длабоко да задре во чувствата на заедницата за која Јохан сигурно не е херој. Улогата на медиумите не е да ги подгреаат меѓуетничките тензии со објавените информации, посебно што и Кривичниот законик на Република Македонија (стр.172-176) предвидува дури и казни за оние кои „одобрувааат или оправдувааат геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“.
Бидејќи постои правосилна пресуда за случајот „Љуботен“, таа, секако, обврзува на внимание кога се пишува на вакви теми.
Оттука, новинарите мора да внимаваат што пишуваат и во каква форма, бидејќи не секогаш може да се најде оправдување дека станува збор за слобода на изразување или јавен интерес. Посебно што посочениов текст нема автор и не може да се вклопи во новинарски жанр, па може да се добие впечаток дека ова е информација која го одразува ставот на медиумот, а не на поединец.
Линк до оригиналниот напис: Среќен роденден Јохан
Датум и време на објавување: 17.11.2013
Датум на рецензирање: 22.11.2013
Рецензент: Саше Димовски
Вистинитост: Текстот се заснова на вистинита информација, ако се исклучи величењето на херој и другите спорни делови кои не се својствени за новинарски производ.
Извори на информации: Не се посочени, но може да се заклучи дека се користени веќе познати информации, како таа за пресудата на Тарчуловски или податокот дека бил функционер во УМС на ВМРО ДПМНЕ.
Содржајност: „Херојските“ подвизи, кои се пренагласени, не даваат простор да се каже дека информацијата нуди минимум содржајност која би го информирала читателот, а не би го наведувала да оправдува нешто или да го поттикнува на други акти.
Пристрасност: Апсолутна пристрасност која се покажува во секоја реченица.
Оригиналност/Плагијат: Оригинално дело, кое е објавено нецел час во денот кога на Тарчуловски му е роденден, од што се добива впечаток како едвај да се дочекало да помине полноќ за да се објави.
Квалитет на насловот: Насловот нуди информација, од која се сфаќа дека станува збор за честитка, чија содржина дополнително се зачинува со недозволени сегменти за кои посочуваме во воведот.
Фотографија: Фотографијата е ставена како илустрација на текстот без посебни елементи, па не отстапува во просторот како што е случај со текстот.
Говор на омраза: Со величењето на Јохан, потенцирањето зошто е осуден, од што се може да се сфати дека тоа значи одобрување, може и да се говори за употреба на говор на омраза кон заедница врз основа на чии искази е осуден.
Заклучок: Независно дали медиумите се свесни или не за кривично-правните последици на кои можат да се изложат, како што е овој пример, со негирање на одредени настани или дејствија или со нивно промовирање, сензибилизацијата во јавноста преку вакви примери во кои укажуваме на негативните појави, треба да бидат аларм за итна корекција од самите медиуми. Дополнително што ситуацијата во Македонија и натаму е поприлично сензитивна кога станува збор за 2001 година и прашањето дали имаше: војна, конфликт, судир или барања за поголеми права, па секој ваков „медиумски излет“ може само да ги разгорува страстите.
Не верувам дека медиумите би имале одговор на прашањето: зошто би им било потребно тоа и на кого му одговара. Затоа, правото на слободно изразување во медиумите не значи и апсолутна слобода. Таа секогаш мора да биде во граници на минимум добриот вкус, ако не и повеќе.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар