Рецензија: Српските медиуми сакаат да му наштетат на Даниел

24-009876-009932-crop-resize

Убаво е кога поединци или мала група со своите успеси, дали уметнички, актерски или спортски, ја радуваат државата. Нели, фино е кога „некој наш, или наши“ е (се) успешен(и) во нешто, или, пак, ќе успее во некакво натпреварување. Се гордееме на тие постигнувања како да се наши лични. Ќефот е голем кога ќе се победи Литванија, кога репрезентацијата, независно која, ќе заврши меѓу петте најдобри во Европа, кога ќе видиш дека на Симон Трпчевски му аплаудира цела Виена, или пак во конкретниот случај, кога „нашинецот“ во Х-Фактор, со својот глас, ја воодушевува целата сала, судиите и публиката од речиси цела поранешна Југославија. Па уште кога ќе го прогласат за еден од најголемите фаворити за победник, на радоста како да и нема крај.

Нормално, сите сакаме тој да го освои натпреварувањето, но прашањето е до каде може и смее да се оди со поддршката. Токму тука „кикснува“ овој текст кој гледа завера против кандидатот од Македонија и неа ја лоцира во медиуми од соседна земја кои, како што се тврди „сакаат да му наштетат на Даниел“. Неразбирливо е како желбата, веруваме дека само тоа е во прашање, Даниел да стигне до победата, успева да го замати логичното расудување, а и професионалните стандарди, и притоа да доведе до ваков производ кој не е во согласност со основните новинарските начела: „Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“ – Кодекс на новинари на РМ.

2Линк до оригиналниот напис: Српските медиуми сакаат да му наштетат на Даниел

Датум и време на објавување:  20.01.2014,  14:54

Датум на рецензирање:  21.01.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: „Многу врева, а за ништо“ – може да се каже. Главната теза дека некој намерно сака да му наштети на претставникот на Македонија во Х-Фактор, со тоа што објавувал информација дека најдобро стоел на гласањето, апсолутно со никаков аргумент не е поткрепена. Ако се констатира дека српскиот медиум објавил неточна вест, тогаш тврдењето:

„Очигледно веста која се појави дека Даниел е прв е само за да му се наштети и гледачите да гласаат во што помал број во наредните емисии“

е во најмала рака  неточно, бидејќи нема каков било аргумент за тоа да се напише. Оттука, ако заклучокот, понуден во текстот, се темели на неточна теза, тогаш и тој самиот е невистинит. Дополнително, ако некој медиум сакал намерно да наштети преку пласирање лажна информација, тогаш зошто истата набргу би ја повлекол. Друго прашање е дали имало или немало извинување, но тоа не предмет на оваа рецензија.

Извори на информации: Нема кредибилни извори на информации, ниту, пак, се забележуваат соодветни соговорници. Единствено еднаш се споменува името на порталот кој ја објавил вистинската информација за редоследот меѓу фаворитите на Х-Фактор. Значи главното тврдење, кое, исто така, е извлечено и во насловот, не е поткрепено со каков било извор.

Содржајност: Ако се сакало да се побијат наводите на медиумот тогаш тоа требало да се направи преку пласирање вистина, а не со обвинувања за кои се немаат солидни факти. Оттука произлегува дека текстот е повеќе несериозно забавен, отколку што е содржаен.

Пристрасност: Се забележува, би ја нарекле, „национална“ пристрасност. Наликува на познатото „Сите околу нас, се против нас, па затоа ајде ние заедно против нив“. Сепак, тоа е недозволиво во новинарски текст. Авторот не успеал да прикаже избалансираност, а можеби ниту сакал.  

Оригиналност/Плагијат: Текстот, нема наведен автор. Тоа нема какво било значење бидејќи е јасно дека не станува збор за оригинал. Исти реченици се забележуваат и во написи на други интернет портали, кои, сепак, биле повоздржани, барем во насловните конструкции.

Квалитет на насловот: Лоша конструкција, крајно тенденциозна и што е највчудовидувачки не е поткрепена со солиден доказ. Класичен пример за неиздржан сензационализам во насловот.

Фотографија: Понудените фотографии не носат информативна компонента, во секој случај, не таква која би го оправдала употребениот наслов. Повеќе се ставени како илустрација на текстот.

Заклучок: Читаме несериозен текст, лошо срочен, со сериозни обвинувања, низа прекршувања на новинарски правила, „одење“ под основните минимални професионални стандарди, а сѐ со цел некому да му се помогне преку „разоткривање медиумски“ скандал. Пораката е, едноставно оставете го човекот сам да си го отпее патот до финалето. Нема потреба од „вакви“ медиумски асистенции и поддршки.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција