Рецензија: Статистика бележи раст на платите во јануари трендот че продолжи до крајот на годината

Статистика-бележи-раст-на-платите-во-јануари-трендот-че-продолжи-до-крајот-на-годината-crop-resize

Рецензираме вест од  дванаесет реда во кои има осум граматички и словни грешки. Во брзина да се изрекламира уште еден „успех“  на Владата и да се покаже „благосостојбата“ во која живеат граѓаните, се заборавило пред објавување да се прочита текстот. Така, на читателите им е пласиран смешен, полн со грешки, несодржаен и нејасен новинарски производ за некакви статистички движења кои покажуваат генерален пораст на платите на сите вработени во државата, а посебно во секторот транспорт и градежништво, што треба да асоцира на посветеност на Владата која гради, создава и остварува.

FireShot Screen Capture #127 - 'Статистика бележи раст на платите во јануари трендот че продолжи до крајот на годината I СителЛинк до оригиналниот напис: Статистика бележи раст на платите во јануари трендот че продолжи до крајот на годината

Датум и време на објавување: 28.03.2014, 20:21

Датум на рецензирање: 29.03.2014

Рецензент: Александар Писарев

 

СТАТИСТИЧКИ МАНИПУЛАЦИИ

Веста почнува со една конфузна и нејасна реченица „Статистика измери за 0,7 отсто пораснале месечните примања на работниците“…  Работници се широк поим, така што не знаеме на кои работници им пораснале примањата за наведениот процент. Уште е потрагично што  нема објаснување која и чија статистика дошла до вакви параметри. Денес статистики водат  разни институции. Не е прецизирано дали се работи за стистичките податоци од Државен завод за статистика, Стопанска комора, Министерство за економија или финансии. Да е користен било кој од овие извори и илустрацијата ќе била посоодветна, бидејќи нивните статистики се обавезно проследени со убави графикони и табели.

Со оглед на тоа што „статистика  измери“ не кажува ништо, очигледно е  дека во текстот нема ни извор на кој се повикува авторот.

Текстот е разбиен со некакви споредбени бројки кои би требало да претставуваат табела, но очигледно е дека авторот не знаел како да ја направи табелата па се обидел со нови редови некако да им го долови на читателите движењето на платите во три сектори (транспорт и складирање, градежништво, финасиски дејности и осигурување), но обидот му е неуспешен, бидејќи тие му се интегрирале во текстоt со што само го збунува читателот.

 

КАКО Е ПРАВИЛНО, СО „Ч“ ИЛИ СО „Ќ“ ?

Насловот е, всушност, блиц вест со сериозна граматичка грешка „трендот че продолжи до крајот на годината“, која се повторува и на крајот од прилогот „платите во администрацијата  че пораснат за 5 %“ што укажува дека не се работи за случајна печатна грешка, туку авторот при пишувањето не разликува „Ч“ од „Ќ“. Тоа се случува, но уредникот морал да го забележи и да ја исправи грешката.

Целиот прилог завршува со отворен спин, „За септември, после неколку години, за првпат е најавено покачување на платите во јавниот сектор… платите во администрацијата че пораснат за 5 %“.

Очигледна е потребата во предизборието на граѓаните да им се продадат бајките колку животот им е убав и во колкава благосостојба живеат. Авторот во измислување приказни не е осамен. Истиот ден, како по договор, слични статистички манипулации имаме и овде, овде и овде.

 

ЛАГИ, ГОЛЕМИТЕ ЛАГИ И СТАТИСТИКА

Затоа мораме да се вратиме на веќе еднаш цитираната изјава на Бенјамин Дизраели, британски премиер од првата половина на 19 век, кој рекол: „постојат три вида лаги: лаги, големите лаги, и статистика“. Ова е очигледен пример кога статистика се злоупотребува.

Статистичките податоци се појавуваат како неточни, да се оствари јасно поставената цел, манипулација со граѓаните, преку манипулативни податоци кои треба да ги прикажат успесите на Владата на сите полиња.

Новинарот кој се потпишал со полно име и презиме, не покажал ни малку интерес ни амбиција изворно да ги побара и провери статистичките податоци за движење на платите во државата и да ја утврди нивната точност и веродостојност и да го посочи изворот. „Статистиката има измерено“ е изјавата која последните денови сѐ почесто ја употребуваат владините функционери, па вака пренесени нејзините „мерења“ не се во интерес на граѓаните, туку во функција на јасната цел на нарачателот.

Дури со пребарување по можните извори на информации за оваа вест се дознава дека станува збор за податоци на Државниот завод за статистика. И, точно е дека платите во јануари годинава се повисоки од јануари лани за 0,7 отсто, но овде станува збор за номиналниот раст, односно растот во цифри. Ако се погледне подетално соопштението на Заводот ќе се види дека реалните плати, односно оние со вклучена инфлација, всушност, паднале за 0,2 отсто, што значи дека во просек вработените, иако во пари зеле плати во поголеми износи од 0,7 отсто, тие пари вредат за 0,2 отсто помалку отколку платите во јануари лани.

Што се однесува до стилот, говорот и граматичките и печатни грешки авторот го прекршил членот 15 на Кодексот на новинарите на Македонија кој вели дека :

Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција