Рецензија: Стечајците оптимисти дека овој пат ќе бидат обесштетени

ALFA-TV-www_alfa_mk_News_aspx_ID69493_UtirZBBdUXF-crop-resize

Текстот што е пред нас уште со насловот „Стечајците оптимисти дека овој пат ќе бидат обесштетени“, сугерира дека сите стечајни работници во државата имаат надежи оти последниот владин предлог ќе стави крај на нивната долгогодишна голгота. Меѓотоа, материјалот што го рецензираме прикрива битни информации. Имено, во прилогот се дадени изјавите на министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и на поранешниот претседател на Здружението на стечајните работници, Стојан Стојанов. Но, нема ниту збор за  кумановските и кочанските стечајци, кои не се задоволни од понуденото решение и се сомневаат дека се работи за предизборен трик. Нивната реакција ја пренесоа дел од медиумите и таа дава поинаква слика на приказната.

FireShot Screen Capture #185 - 'ALFA TV' - www_alfa_mk_News_aspx_ID=69493#_UtirZBBdUXF

Линк до оригиналниот напис: Стечајците оптимисти дека овој пат ќе бидат обесштетени

Датум и време на објавување: 15.01.2014, 16:30:21

Датум на рецензирање: 17.01.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Во прилогот се точно пренесени изјавите на министерот Спасов и на Стојанов. Меѓутоа недостига изјавата на претседателката на Здружението на стечајни работници „Унит“ од Куманово, Лилјана Ѓеорѓиева :

„Груевски од математика знае само делење, повторно ќе извисиме, како со претходното законско решение! Тогаш се тврдеше дека се решени сите случаи до 2004 година, а извисија работниците од ЧИК, од „Киро Фетак“, од многу земјоделски задруги и од други фирми. Според новите законски измени, пак, се земаат предвид работниците што работеле во државни фирми, или во фирми со претежно државен капитал. Но, во многу случаи, државата, отпосле, формално, излезе од структурата на компаниите, па сега тие велат, ние немаме ништо со тие компании. Но, не е така!И овој пат премиерот ги дели стечајните работници. Ние сме 6.000 а тој постојано зборува за три илјади стечајни работници и тоа ќе ги обештети само оние од државните фирми. Станува збор за предизборен маркетинг и жално е што еден премиер вака постапува со нас“.

А недостасува  и реакцијата на  координаторот на кочанскиот огранок на Здружението „Унит“, Ангел Арсов.

„За градот Кочани, за нашето поднебје, на списокот се 529 стечајни работници, но со овој Предлог-закон не е е опфатен ниту еден од нив. Значи сето ова е само од времето на Никола Груевски, иако тој ја споменува 2004 година, тоа се однесува на скопските фирми, на Еурокомпозит, Емо, Охис, кожарата во Куманово, ете тие се трите илјади. Оние стечајци кои се од пред 2004 година, ниту еден од нив нема да биде опфатен и многу сме револтирани“

Во прилогот се презентирани и впечатоците на две стечајни работнички. Видливо е дека едната не е оптимистички настроена, туку јасно кажува:

„Не се надевам дека ќе ги добиме парите“.

Што може да се види од телевизиската снимка (тонското парче). Исто така, таа воопшто не споменува дека

„со парите веројатно ќе можат да отворат свој бизнис или нешто друго“, 

како што е наведено во нејзиниот исказ на веб-страницата на телевизијата.

Извори на информации: Извор на информации е средбата на министерот Спасов со поранешниот претседател на Здружението на стечајците, како и изјавите на двете стечајни работнички.

Содржајност: Прилогот само навидум ги има опфатено двете страни. Втората страна е претставена преку поранешниот претседател на Здружението на стечајни работници, Стојанов. Од Здружението на стечајци „Унит“ пак, го проблематизираат неговото учество на средбата со министерот Спасов. Така што, ставот на Стојанов  не може да се третира како став на сите стечајци, како што се тврди во насловот. 

Пристрасност: Формулацијата на насловот и интонацијата на текстот укажува на политичка наклонетост кон партијата на власт.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е потпишан со име и презиме на авторот.

Квалитет на насловот: Насловот ја содржи главната поента од текстот и манипулира со вистината.

Фотографија: Материјалот е илустриран со снимки од протестите на стечајците, инсерти од средбата со Спасов и тонски парчиња од изјавите.

Заклучок: Овој телевизиски прилог е целосно ставен во функција да го фали владиниот предлог за решавање на проблемот со стечајците. Сепак, медиумите како креатори на јавното мислење имаат посебна одговорност при пренесувањето на информациите. Нужно е истите најнапред да ги проверат, а не да ги земаат и да ги пласираат како неприкосновена вистина!  Во конкретниот случај, еден коректен новинарски пристап би подразбирал да се слушнат мислењата на претставниците на повеќе ограноци од Здружението на стечајните работници со цел  јавноста да не добие искривена слика за настаните.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција