Рецензија: Стево Пендаровски барал поддршка од ДУИ

Напомена: написот е напишан пред да се обзнани кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на РМ.

Станува „традиционално“ наместо да се консултира оној за кого се пишува, да се цитира веста од некој друг портал и со тоа да се одбегнува целосното и сестрано информирање. Во текстот се цитира воопштено и непрецизно. Еден од примерите каде се забележува ваквиот тренд е примерот „според последните пишувања во медиумите“. Текстот изобилува со прогнози и искази зад кои не стои ниту еден наведен извор (освен тој кој се пренесува). Зад привидот дека се открива нешто „спектакуларно“, всушност се пласираат непроверени и непроверливи информации, со оглед на тоа што кандидатот на СДСМ не е познат. Значи, читателот нема ниту една оправдана причина да верува во написот, ако се води од фактите.

76Линк до оригиналниот напис: Стево Пендаровски барал поддршка од ДУИ

Датум и време на објавување: 26.02.2014, 13:15

Датум на рецензирање: 26.02.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Да тргнеме од тврдењето дека Стево Пендаровски барал поддршка од ДУИ. За што ја барал таа поддршка кога не е кандидат за претседател? Со ова се остава впечаток дека медиумот се впушта во шпекулации за да го дискредитира и да го анулира Пендаровски во случај тој навистина да стане кандидат за претседател. Понатаму, колку е веројатно од партиска перспектива, високото раководство да шири информации за евентуалната средба, за некој што воопшто не го промовира како кандидат? Зошто тоа би го правеле таканаречените „високи партиски извори“? Значи, пред нас имаме неопипливи и недокажливи тврдења. Не е наведено ниту кој е високиот претставник на ДУИ со кого наводно се сретнал Пендаровски.

Стево Пендаровски, кој според последните пишувања во медиумите ќе биде претседателски кандидат на СДСМ, во текот на вчерашниот ден имал средба со висок претставник на ДУИ и ја барал поддршката од нив, објавува Денешен повикувајќи се на партиски извори.

По ваквите информации, високи партиски извори за Денешен тврдат дека Пендаровски во текот на вчерашниот ден имал средба со висок претставник на ДУИ и ја побарал поддршката од нив за претседателската трка.

Извори на информации: За изнесените информации се користат анонимни извори, за кои авторот кој го презема текстот од друг медиум тврди дека се опозициски. Сепак, од текстот не може да се одреди дали навистина таквите извори постојат и останува на читателот самиот да процени врз основа на кредибилитетот на медиумот и неговата репутација дали на оваа информација ќе и верува или не.

Содржајност: Во текстот постои обид да се создаде вештачки скандал и да се креира приказна за која нема ниту еден факт кој е докажан.

Во меѓувреме, паника во опозициските редови, откако Прес 24 синоќа повикувајќи се на сигурни партиски извори објави дека Стево Пендаровски ќе биде претседателски кандиат на СДСМ, а Конгресот кој СДСМ го закажа за 4-ти март ќе биде само чиста формалност.

Ваквото тврдење е шпекулација што според Кодексот на новинари треба да се наведе. Понатаму, порталот не објаснува од кои причини во партијата владее евентуалната „паника“.

Сето тоа може да се реши со контактирање на инволвираните страни, портпаролите на партиите, итн. Но, таков обид нема. Текстот содржи низа шпекулации.

Пристрасност: Политичката пристрасност се забележува преку неколкуте коментари, а и преку фактичката состојба во која новинарот не обезбедил изјави од инволвираните. Исто така, тврдењето дека партискиот конгрес ќе биде формалност, бидејќи одлуката била донесена „без процедури и внатрепартиска постапка“ е тенденциозен, бидејќи самиот Конгрес е таа формалност по која трага медиумот.

Порталот Прес 24, повикувајќи се на сигурни партиски извори, синоќа објави дека тој ќе биде кандидат на СДСМ за шеф на државата, а партискиот Конгрес на 4-ти март ќе биде само чиста формалност, бидејќи одлуката веќе е донесена без процедури и внатрепартиска постапка.

Коментирање: Следните делови се коментаторски и во нив не се издвоени фактите од мислењата:

Во меѓувреме, паника во опозициските редови, откако Прес 24 синоќа повикувајќи се на сигурни партиски извори објави дека Стево Пендаровски ќе биде претседателски кандиат на СДСМ, а Конгресот кој СДСМ го закажа за 4-ти март ќе биде само чиста формалност.

Кртот кој издаде дека најголемата опозициска партија нетраспарентно, без процедура и без внатрепартиска постапка согласно Статутот на партијата ќе го избере Пендаровски, предизвика нервоза и револт на Бихаќка.

Оригиналност/Плагијат: Станува збор за текст објавен на друг медиум кој е преземен со соодветна атрибуција и без понатамошна обработка.

Квалитет на насловот: Вистинитоста на насловот не може да се утврди, но, сепак, во него не е задржана дистанца, односно не се наведува дека станува збор за шпекулација. Напротив, информацијата која во текстот не е доволно поткрепена, се претставува како генерална вистина.

Заклучок: Текстот тргнува од премисата дека Пендаровски ќе биде претседателски кандидат на СДСМ. Ова не е потврдена информација иако медиумот се обидува да ја претстави како таква. Најголемиот проблем се неофицијалните и анонимни извори, за кои не може да се тврди со сигурност од каде потекнуваат и каква цел имаат. Новинарот има професионална обврска да ги консултира инволвираните за изјави.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција