Рецензија: Стоилов на Фејсбук: Се моли маглата да не ја прави циганската, некои имаат меч утре!

01122014-Stoilov-vo-MKDmk-11-crop-resize

Една можна небрежност, од една навидум едноставна новинарска постапка, создаде ситуација во која на површина излезе нагласување на еден стереотип, односно структурна дискриминација. За да бидеме веднаш конкретни и појасни, посегаме по анализата на проф. д-р Мирјана Најчевска под наслов „Структурна дискриминација – кога државата е на погрешната страна (1 и 2)“, во која е дадена прилично јасна претстава за тоа што претставува таа дискриминација:

„Кога индивидуа или институција постапува согласно со прифатените норми на одредена заедница во однос на конкретни групи (етнички, религиозни, возрасни, родови) со негативни последици за членовите на овие групи, може да претпоставиме дека станува збор за структурна дискриминација.“

Во случајот на новинарската содржина што ја рецензираме, заклучуваме дека таа многу точно се вклопува во она што Најчевска го нарекува „вообичаеното однесување како составен дел на структурната дискриминација“.

Професорката Најчевска во продолжение вели дека:

„Таа (структурната дискриминација, н.з.) се базира на традиција, религија и социјална прифатливост на одреден вид однесување. Клучен аргумент зад кој се крие структурната дискриминација е дека тоа е начинот на кој секогаш се постапувало (од века), начинот кој е прифатен од мнозинството, начинот на кој сите се однесуваат.“

Но, новинарите не се сите. Не можат да бидат сите. Тие се чувари на портите, а зад една од нив се човековите права и достоинството на неговите заедници.

01122014-Stoilov-vo-MKDmk-1 Линк до оригиналниот напис: Стоилов на Фејсбук: Се моли маглата да не ја прави циганската, некои имаат меч утре!

Датум и време на објавување: 11 Јануари 2014, 13:52

Датум на рецензирање: 12 јануари 2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Бездруго е точно пренесен сатусот од Фејсбук профилот на ракометниот репрезентативец, , во овој случај „точноста“ ја „убила“ етиката на новинарот и уредниците на медиумот кога се решиле да го пренесат постот без да го препознаат стереотипот и диксриминацијата во оваа, како медиумот ја нарекува, „духовитост“ на авторот на статусот.

С.С. може да се смета сам себе си за духовит, или некој друг да го смета за таков, но авторот на оваа куса новинарска белешка и уредниците на медиумот прекршиле два члена од Кодексот на новинарите – членовите 10 и 11, во кои се вели:

„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“

„Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.“

Зборовите се важни! Новинарот треба да знае со кој термин означува една заедница. Најдобар тест за тоа е прашањето дали таа заедница сака така да биде означена? Доколку терминот е навредлив, тој не смее да се користи независно од аргументите кои вам ви се чинат валидни или вообичаени.

Извори на информации: Извор на информацијата за оваа медиумска содржина е една социјална мрежа и личниот профил на еден ракометен рапрезентативец. Неговиот статус не го поминал филтерот на редакцијата. Ова го нагласуваме како суштествен пропуст зашто, како што се наведува и во Прирачникот за етика во новинарството (ЗНМ, 2012, стр. 37) во главата „Известување за различности“, новинарот нема да учествува во:

 „во создавање негативен имиџ на одредена група или заедница! Да се биде различен, поинаков од мнозинството, да се биде малцинство многу често претставува голем товар за луѓето. Новинарот не смее да учествува во зголемувањето на тој товар. Никогаш не прави некоја заедница или група да се доживува како синоним за тероризам, недисциплина, примитивизам, болести…“

Содржајност: Во делот на содржајноста ќе се фокусираме на она што недостасува, а што можело да биде значаен придонес во обликувањето на оваа медиумска содржина. Како поткрепа, но и да укажеме дека има начин како да се направи тоа, уште еднаш ќе се послужиме со анализата на проф. д-р Најчевска. Таа вели:

„Медиумите можат да имаат повеќекратна улога во однос на структурната дискриминација (негативна или позитивна):

Можат да паднат во нејзината стапица затоа што таа многу тешко се следи како намера за дискриминирање и да станат (свесно или несвесно) промотори на дискриминација;

Можат да ја идентификуваат и посочат со што ќе го одземат најмоќниот елемент на структурната дискриминација – невидливоста на дискриминаторскиот акт.

Можат да ја разобличат и директно да се вклучат во борбата со истата, односно, да им помогнат на жртвите.“

Овие постапки, доколку биле применети, ќе обезбедеа многу посоодветни заклучоци од оној дека  ракометниот репрезентативец „предничел со својата духовитост“.

Квалитет на насловот: Во насловот, всушност и се крие најголемиот хендикеп на оваа новинарска белешка. Тој, со стеретипот и дискриминацијата во него, паѓа прв во очи и ја открива „недугавоста“ на новинарската постапка.

01122014-Stoilov-vo-MKDmk-2Говор на омраза: Треба да се внимава. Овие содржини лесно можат да предизвикаат говор на омраза. Тоа беше веднаш видливо во коментарите на овој новинарски текст за што сведочи скриншотот на страницата направен на 11 јануари во 16:20 часот.

На 12 јануари, во моментот кога ја затворавме оваа рецензија, редакцијата се одлучила на една чудна интервенција: коментарите под текстот се тргнати, но – останал текстот со истиот наслов и содржина?!?

Очигледно дека редакцијата почувствувала дека тука нешто не е во ред, но… Останува да се толкува постапката на редакцијата, но сега засега е важно да се напомене дека во однос на овие појави најмногу треба да внимаваат познатите личности, спортисти, естрадни ѕвезди и други, зашто за многу млади луѓе тие се модели за однесување. Заради тоа имаат голема одговорност и треба да имаат нагласено сетило за чувствителните теми.

Заклучок: Да завршиме со уште еден цитат од анализата на проф. д-р Најчевска во кој таа нагласува дека структурната дискриминација е:

„опасна затоа што нејзините корени се во минатото, затоа што е кумулативна (составена од многу голем број помали дискриминирачки активности), затоа што е затскриена зад вообичаениот начин на однесување (па дури и зад навидум позитивно однесување), затоа што многу често настанува и тогаш кога не се прекршуваат  законите. Таа многу тешко се перципира, уште потешко се поентира, а најтешко е да се победи. Токму заради тоа е толку важна улогата на медиумите кои можат да ја следат, разоткриваат и маркираат.“

Затоа, одговорноста на медиумите во детектирањето на сите форми на дискриминација е од суштествено значење. Тоа е една од оние ситуации кога медиумите треба да излезат од удобната позиција на неутралност и да ја посочат и контекстуализираат со што ќе демонстрираат дека не се само канал кој пренесува, туку дека се филтер и лакмус кој многу јасно укажува на несоодветниот говор или став во јавноста. Особено на оние кои скриено или отворено манифестираат хомофобија, дискриминација или кршење на човековите права.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција