Рецензија: Стопанската комора прогласена за најкомора во регионот
Ова е вест од која многу малку се дознава. Напротив, повеќе се прикрива, отколку што се информира. Таа отвора повеќе прашања отколку што нуди информации. Стопанската комора на Македонија добила признание (од кого точно, врз основа на кои критериуми, во што се состои признанието) за „најкомора“ (што точно значи тоа) на некоја средба во Сараево на комори од југоисточна и средна Европа за која не се знае точно кој учествувал (може да бидат од неколку до неколку десетици комори – регионални, национални или локални, трговски, индустриски и слично).
Се употребуваат куп позитивни епитети за засилување на пораката: „упорност“, „професионалност“, „позитивност“, „извонредни резултати“, „горд на резултатите“ и слично, но повторно не е јасно на што тие се однесуваат – кои се извонредните резултати, на што се однесува упорноста, од каде доаѓа гордоста, каква позитивност, итн.
Освен тоа дека е добиена награда и бројните фалби што комората си ги нафрла самата на себеси, речиси ништо друго не се дознава од веста.
Линк до оригиналниот напис: Стопанската комора прогласена за најкомора во регионот
Датум и време на објавување: 05.07.2013, 10:18
Датум на рецензирање: 09.07.2013
Рецензент: Владимир Петрески
Вистинитост: Она што го има во веста бездруго е точно. Стопанската комора на Македонија добила награда во Сараево на средба на комори, но тоа е единствено нешто што може да се дознае. Изјавата на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, е официјална, но тоа повеќе збунува, отколку што информира.
Извори на информации: Извор е соопштение на Стопанската комора на Македонија, кое овде е презентирано во скратена форма. Проблем е што ни соопштението на Комората не кажува ништо повеќе од веста. Авторот со право го скратил и онака празното соопштение, но тоа не е доволно да се оправда објавувањето на оваа вест на ваков начин. И во соопштението , како и во веста има редица фалби во кои Комората си се фали самата себеси, а истото го прави и нејзиниот претседател Азески, што не би било спорно кога би знаеле за што точно станува збор и на што се однесуваат фалбите.
Во ваква ситуација должност на новинарот е да ги дознае фактите, но тоа овде не е сторено. МИА со своите бројни ресурси секако имала можност да дознае повеќе и тоа со еден или најмногу неколку телефонски повици и да добие покомплетна слика за тоа што се случило и што оваа награда претставува, за што, кој и како ја доделува и авторот и неговиот уредник да објават вест која би содржела подетални информации.
Содржајност: Веста е комплетно несеопфатна и тоа е нејзиниот најголем проблем. Не се знае кој точно присуствувал на манифестацијата во Сараево, кој ја прогласува „најкомората“ и што тоа значи, врз кои критериуми, за кои достигнувања, има ли некое тело што одлучува, од што се состои признанието и слично.
Со оглед на тоа што станува збор за 28 манифестација по ред, можно е сите комори кои таму присуствувале, еднаш или дури неколкупати да добиле вакво признание. Затоа е битно да се знае колку Комори присуствувале, по кој пат се доделува признанието, кој сѐ досега го добил и она што е најважно, за каква цел и заслуги. Само така читателот да може да ја оцени нејзината вредност и значење.
Не се знае ни кои се присутните комори, ни колку се, ни колку од нив биле разгледувани за добивање на ова признание, како ни дали биле доделени и други признанија, освен двете наведени, што значи дека е сосема непознато во каква конкуренција е добиено признанието, зашто кога ќе се каже дека коморите што присуствувале биле од „југоисточна и средна Европа“ тоа може да значи и само комори од поранешна Југославија (Словенија неретко се третира како земја од средна Европа), но може да значи и дека таму имало комори од Албанија до Естонија.
Сите овие моменти новинарот требало да ги разјасни за читателот да знае за што точно станува збор и да може да донесе информирана одлука за вредноста на признанието.
Малку светлина врз манифестацијата се фрла кога се говори што на неа се случувало, надвор од добиеното признание (деловна конференција на тема „Регионалната стопанска соработка и развојот“, поддржан развојот на конзорциуми во регионот, дебата и за побрз развој и за поврзување на бизнисот во регионот), но ова ништо не кажува за главниот дел од веста, кој е ставен на нејзиниот почеток и кој се однесува на признанието.
Чудно е што во последниот пасус, кој говори за другите настани на манифестацијата, има повеќе информации (иако и тие се штури, изопштени и претставуваат заложби кои досега многупати се повторени), отколку во четирите други пасуси на почетокот во кои се говори за признанието.
Пристрасност: Самото објавување на една ваква вест за некакво признание на кое не му се знае значењето или смислата, како и што тоа претставува, е еден вид комерцијална пристрасност. Одлично би било кога би знаеле на што се однесува овој успех (ако е успех) за да можеме да се почувствуваме горди на оваа бизнис асоцијација од Македонија како најкомора во регионот, но не знаеме за што станува збор. Во таква ситуација, наместо гордост, чувствуваме збунетост. А, на збунувањето на читателите во новинарството не му е местото. Тоа треба да ги објаснува, а не да ги замаглува работите.
Долната изјава е единствената во веста и таа, наместо да биде преполна со информации, ништо не кажува:
Позитивноста, упорноста и професионалноста се единствените работи со кои може да се оди напред. Добитниците се вистинските луѓе кои што во своите дејности постигнуваат извонредни резултати и отвораат простор за развој на општеството, истакна Азески.
Редица епитети, флоскули, фалби, а всушност станува збор за општи места, кои не кажуваат ништо ново. Како што може да се забележи, во изјавата нема ниедна информација, туку наведување на неколку позитивни особини и тврдење дека добитници биле оние што постигнувале извонредни резултати во своите дејности. Ова едноставно не е изјава која заслужува да се пренесе во новинарски труд, кој жанровски е определен како вест зашто во неа ништо не се известува и ништо ново не се кажува.
Квалитет на насловот: Насловот е стандарден и тој ја содржи главната информација во веста – за добивањето на признанието. Проблемот е во веста што не објаснува ништо повеќе од она што го има во насловот. Доколку се вложел труд да се добијат поподробни информации, можеби ќе било можно да се стави друг поинтересен наслов.
Заклучок: Соопштенијата на деловните институции секако имаат место во новинарските вести и има такви кои заслужуваат да им се даде простор. Има такви во кои комерцијалниот говор се поклопува со уредничките интереси кога тој нуди информации интересни и важни за јавноста. Овде, во најмала рака, не е јасно дали станува збор за таков случај.
Непознато признание за кое не се знае што значи и за што се доделува, редица фалби и самофалби за кои, исто така, не се знае на што се однесуваат, не претставуваат вест. Во ситуација кога едно соопштение не ги содржи ни основните елементи од кои може да се направи вест, треба да се вложи напор тие елементи да се добијат за веста да има тежина.
Вака, сѐ се сведува на гол ПР и секој читател што ќе отиде подалеку од насловот и ќе ја прочита веста ќе остане без основните информации.
Ваквата веста може да биде и контрапродуктивна. Читателот со право може да стекне впечаток дека станува збор за бескорисна средба и бескорисно признание каде што националните комори се собираат само за да си честитаат една на друга и периодично да си доделуваат признанија меѓу себе. Така што, наместо како Македонци навистина да почувствуваме гордост што наша институција добила некакво признание, ние остануваме збунети.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар