Рецензија: Студентите против политички протести: Конечно ќе се види кој ја заслужил, а кој ја купил дипломата

Студентите против политички протести  Конечно ќе се види кој ја заслужил  а кој ја купил дипломата-crop-resize

 

Кога човек го чита овој текст, уште од самиот наслов, му станува јасно дека тој нема цел да информира, туку да дезинформира и дека е политички пристрасен. Во текстот се прави обид да се формира јавно мислење базирано на анкета, во која се земени изјави од само четворица студенти. Анкетираните, кои очигледно се застанати пред камера како нарачани, а не случајни соговорници, даваат идентични изјави, кои, пак, се исти со ставовите на владејачката партија. Во контекст на сето ова е извадена и злоупотребена изјава на реномиран професор и светски научник, без притоа да се наведе изворот од каде е земен неговиот став.

Сето ова има цел да создаде погрешна слика во јавноста дека студентите и професорите, општо, не ги поддржуваат протестите против екстерното оценување на универзитетите.

Текстот изобилува со политички коментари и е крајно непрофесионален, со мотив да ги дискредитира опозицијата и Фондацијата „Отворено општество – Македонија“ (ФООМ).

Студентите против политички протести  Конечно ќе се види кој ја заслужил  а кој ја купил дипломатаНаслов на анализираниот напис: Студентите против политички протести: Конечно ќе се види кој ја заслужил, а кој ја купил дипломата

Датум и време на објавување:08.12.2014

Датум на рецензирање: 09.12.2014

Рецензент: Ана Анастасовска

Текстот не ја прикажува целосната вистина и е едностран. Во него се анкетирани четворица студенти и тоа не по случаен избор, што е главна одлика на анкетата, туку е јасно како ден дека студентите даваат изјава по нарачка. Анкетирањето е познат и признаен метод на истражување, но, тоа може да биде и начин за моделирање на јавното мислење. Во анкетата не се застапени различните ставови на граѓаните што го прави текстот пристрасен.

Сето тоа со цел да се создаде погрешна слика во јавноста дека најавените протести на студентите против екстерното тестирање се политички мотивирани и дека не се поддржани од поголемиот дел од студентите.

„Мислам дека најавените протести имаат политичка позадина и поради тоа не би ги поддржала и не би отишла на протестите, бидејќи не сакам да бидам политички изманипулирана.

Го оправдувам државниот испит, бидејќи преку него ќе може да се види кој ја добива дипломата со пари, а кој со знаење.“

Текстот изобилува со коментаторски елементи, што е спротивно на професионалните стандарди на информирање. Овие коментари се тенденциозни и се во насока на дискредитирање и на оцрнување на опозицискиот СДСМ и на ФООМ. Целта на овој текст е да се создаде погрешна слика во јавноста дека протестите на студентите се поттикнати од опозицијата.

„Ваквите ставови на студентите само ги потврдуваат пишувањата на дел од медиумите и ставот на премиерот Никола Груевски дека студентските протести се мотивирани и поттикнати од најголемата опозициска партија, помогната од структурите на Соросовата фондација во земјава.“

Во текстот на ниту едно место нема наведени докази и факти дека опозицискиот СДСМ е организатор на протестите, туку се користени изјави од политичари дадени на трибини, а кои се ставени во функција на тенденциозноста на анонимниот текст.

„Меѓу оние кои отворено агитираат да се излезе на маршот во среда е и претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски кој од трибина одржана во Прилеп ги повика студентите да се приклучат кон протестите.“

Ако некој политичар даде поддршка на некој протест, тоа автоматски и не значи дека е организатор на истиот. Ваквите коментаторски елементи во текстот го прават истиот политички пристрасен и непрофесионален.

На крајот од текстот се наведува и дека професорите и експертите се согласни дека државниот испит ќе го зголеми квалитетот на високото образование. Ова не може да се земе како вистиното тврдење, имајќи предвид дека во текстот нема изјава од повеќе професори или експерти. Ставена е само изјава од академикот Горазд Росоклија, кој од 1992 година е професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Колумбија“, Њујорк, САД . При тоа, не е наведено дека овој негов став е изваден од интервјуто кое професорот го дал за порталот „Фактор“, а во кое зборува дека на образованието му се потребни длабоки и болни реформи.

Насловот на текстот е невистинит и тенденциозен бидејќи тврдењето во него не е поткрепено со релевантни извори и факти. Целиот текст има цел да создаде погрешна слика кај јавноста дека студентските протести се, всушност, протести кои ги поттикнуваат и организираат СДСМ и ФООМ и дека тие немаат поддршка од поголемиот дел од студентите, како и од професорите и од експертите. Текстот, главно, се темели на изјави од четворица анкетирани студенти, кои не се најдени случајно. Оттука е и јасно дека анкетата е нарачана бидејќи ако била правена во кругот на факултетите, а не пред „Универзална сала“, сигурно ќе се нашол и некој студент со поинакво мислење. Затоа може да се каже дека е манипулативен, политички пристрасен и необјективен.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција