Рецензија: Сурово: Македонец си направил селфи додека горел хеликоптерот!!

ss-09876-098-crop-resize

Основната причина поради која објавата заслужува рецензија е изместениот критериум околу тоа што е „вест-вредно“.  Не сѐ што е интересно за јавноста, во исто време е и од јавен интерес. Kога се прави непотребна сензација од материјал кој реално не подлежи на критериумите на она што е од јавен интерес, се добива впечаток дека основната цел е да се соберат кликови, а не да се информира или да се даде придонес кон отворање на теми од значење за граѓаните. Во случајов, непотребно се пренасочува вниманието од важните прашања на истрагата со тривијални и сензационалистички наслови.

ssЛинк до оригиналниот напис: Сурово: Македонец си направил селфи додека горел хеликоптерот!!

Датум и време на објавување: 11.07.2014

Датум на рецензирање: 14.07.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

И во начинот на кој се пренесени информациите и во оскудноста на информациите се забележува несеопфатност од која е тешко да се извлече било каква информација, освен тоа дека некој се фотографирал додека хеликоптерот горел. Со оглед на тоа што не е познато на каков начин е дојдено до оваа фотографија, дали таа е веродостојна, сосема е неможно да се утврди дали навистина таа е од местото на несреќата и направена баш тогаш.

Освен тоа, дури и да е веродостојна, сепак, таа не е материјал од кој би можело да се дознае нешто ново од јавен интерес. Се сугерира и етничката припадност на лицето на фотографијата, кое иако е делумно прикриено, сѐ уште може да се препознае. Тоа е сосема непотребно и се препорачува да се одбегнува во професионалното новинарство, освен ако не е од суштествено значење за приказната.

Значи, вистинитоста е под знак прашалник, односно не може да се добијат доволно информации за да таа се одреди. И критериумот „извор на информации“ е сиромашно покриен. Единствениот извор е самата фотографија со непознато потекло, од непознат настан. На вака климави аргументи се накалемуваат низа коментари, осуда, линч и се создава ситуација преку која е можно да се пренасочи вниманието од вистинските прашања кон лицето на фотографијата. Се создава впечаток дека вредносните судови дадени за истото се тенденциозни.

Во јавноста се познати ситуациите кога личности од разни професии се однесуваат неетички (веќе се објавувани фотографии од доктори фотографирани покрај болнички кревети со свои пациенти, на пример), но овде случајот не е таков.

Од овој човек одговорност не би требало да се бара, зашто не е ни на функција, ниту е поврзан со истрагата, ниту неговото селфи некако придонело за несреќата, итн. Се разбира, ова се остава настрана за сметка на сензационалистичкиот наслов и многуте вредносни судови. Коментарите „сурово“, „очигледно се забавувал“ и „навистина ужасно“ се носечки столб, обид за морализирање и пример каде не треба да се насочи вниманието.

Новинарите се агенда-сетери и оние што посочуваат кои аспекти од одредена сторија се важни за објавување, а кои не се. Во моментот на објавување на сторијата има многу неодговорени прашања околу несреќата, кои бараат малку поголем труд од внесување на една фотографија со многу коментари под неа во обид да се разбуди бес.

Промашувањето на аголот може да доведе до дефокусирање од вистинските прашања.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција