Рецензија: Сузана Ал Сакини во облаци…
Фотомоделката и учесничка на Мис на светот во 2009 година, Сузана Ал Сакини (Салкини), често е присутна на страниците на печатените и електронските медиуми. Имајќи предвид дека станува збор за јавна личност чија најсилна карактеристика е нејзината убавина, сосема е разбирливо зошто таа го предизвикува интересот на медиумите. Проблемите се појавуваат кога за неа се објавуваат написи во кои нема нови информации и кога, дури и во таквите вести, ќе се употреби непрецизна терминологија.
Линк до оригиналниот напис: Сузана Ал Сакини во облаци…
Датум и време на објавување: 03.10.2013
Датум на рецензирање: 04.11.2013
Рецензент: Тони Димков
Вистинитост: Фактите поврзани со личноста на Сузана Ал Салкини се точни и веќе познати. Написот само потврдува нешто што веќе е познато.
Извори на информации: Единствениот извор искористен за написот е фејсбук-профилот на познатата манекенка. Цитатите што се употребени во написот се преземени од истото место. Бидејќи Фејсбук е приватна социјална мрежа сметаме дека информациите се неофицијални. Истите се употребени во контекст на целите на написот.
Содржајност: Минималното ниво на сеопфатност на веста е задоволено и нема обид за прикривање информации. Отворено останува прашањето колку објавената вест е – вест? Второто отворено прашање е поврзано со актуелната практика на преземање информации од приватни профили на Фејсбук и нивно пласирање во медиумите. Олеснителна околност во овој случај е што станува збор за јавна личност, но секако информациите не смеат да бидат објавени без согласност на сопственикот на профилот.
Во написот е употребената терминологија која не е доволно прецизна. Изразите „..летајќи со падобран“ и „..неколку часа уживала лебдејќи над..“ дефинираат две различни состојби. Во падобранството, како спортска дисциплина, е утврден терминот „скок со падобран“. Со падобранот не се лебди, туку истиот ја забавува брзината со која телото паѓа кон површината на Земјата. Падобранот со кој е можно да се лебди во воздухот е наречен параглајдер.
Коментирање: Со функција на коментари во написот се употребени неколку анонимни цитати од пријатели постирани на профилот на манекенката, а во контекст на нејзината страст по екстремните спортови.
Оригиналност/Плагијат: Информацијата е составена врз основа на податоци од Фејсбук. Авторот на текстот е наведен со иницијали.
Квалитет на насловот: Има обид насловот да биде досетлив. Со интерпункција е оставено дилемата да „лебди“ до моментот кога ќе биде прочитана содржината на текстот. Неговата цел не е да информира, туку да загатнува.
Фотографија: Фотографијата, како и другите информации во написот, е преземена од фејсбук-профилот на манекенката и не е наведено нејзиното авторство. Иако на фотографијата е личноста за која се однесува содржината на текстот, забуна кај читателите може да предизвика амбиентот во кој е направена истата. Според написот, дејството се случило над Дубаи, што не е очигледно од објавената фотографија. Според природниот амбиент лесно може да се помисли дека фотографијата е направена на локација во близина на Скопје. Не е спорно дали љубителката на екстремни спортови со параглајдер лебдела над Дубаи, но тоа не може да се види на употребената фотографија.
Заклучок: Во подготовката на вестите, дури и за забавните рубрики, неопходно е да се состави текст кој нема да внесе забуна кај читателите. Во овој случај, покрај добрите намери на авторот на написот, недостасува прецизност во изразувањето и во илустрацијата на содржината на текстот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар