Рецензија: Тарчуловски и Мијалков на кафе во „Пелистер“ (фото)
Откако се врати од отслужувањето затворска казна, Јохан Тарчуловски е будно следен од македонските медиуми, кои известуваат за секоја негова активност надвор од семејниот дом, а посебно за неговите средби со личности кои имаат одредена политичка или државна функција.
Еден таков пример е и оваа фото-вест за кафето што Тарчуловски го пиел со директорот на УБК, Сашо Мијалков. Иако во самата вест нема елементи на политичка обоеност, освен манирот Тарчуловски да се титулира со „бранител“, што е својствено на дел од македонските медиуми, самиот негов третман како јавен лик од примарен ранг (во кој обично спаѓаат ВИП личности – највисоките носители на државни функции, односно крунисани владетели, личности на чело на меѓународни институции од светски калибар или, пак, најпознатите личности од шоу-бизнисот) укажува на поклопување на ставовите на овие редакции со официјалниот став на македонските власти во врска со Јохан Тарчуловски.
Линк до оригиналниот напис: Тарчуловски и Мијалков на кафе во „Пелистер“ (фото)
Датум и време на објавување: 09.07. 2013, 17:45
Датум на рецензирање: 15.07.2013
Рецензент: Југослава Дуковска
Вистинитост: Кај фото-веста параметрот на вистинитост најчесто е лесно проверлив веќе од самата содржина на фотографијата, каков што е случајот и со оваа вест.
Извори на информации: Се работи за актуелна и неофицијална фотографија, направена на јавно место, но со знаење на субјектите кои се фотографирани.
Содржајност: Несеопфатноста на фото-веста произлегува од тоа што јавноста се информира за нешто што е очигледно – дека двајцата се сретнале и разговарале, иако тоа можеме и самите со свои очи да се увериме, но изостана информацијата ЗА ШТО разговарале, што всушност е вистинската вест во овој случај.
Со оглед на профилот на соговорниците, дилемата дали веста прикрива информации, е истовремено и легитимна, но и намерно пласирана од медиумот кој ги објавува фотографиите за да ја заскокотка читателската публика.
Пристрасност: Наклонетоста може да се лоцира како во именувањето на Тарчуловски како „бранител“, така и општо, во трендот на детално следење на неговиот социјален живот во актуелниов момент.
Тешко е да не се добие впечаток на политичка наклонетост ако се има предвид изнасиленото промовирање на Тарчуловски во кое секој негов чекор помно се следи: пие кафе со лидерот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, избран како еден од 25-те коњаници на 2 Август, Илинден, работи на обединување на здруженијата на бранителите, го бакнува знамето на Лавовите, се поклонува пред споменикот на Гоце Делчев, пишува книга, го полага првиот испит на Земјоделскиот факултет, итн. Вакво внимание и известување за секоја постапка не добива безмалку ниедна друга јавна личност во земјава.
Оригиналност/Плагијат: Наведен е авторот на фотографиите, но не и авторот на веста која нив ги објаснува.
Квалитет на насловот: Насловот ги исполнува професионалните стандарди за овој новински жанр, иако не е креативен.
Фотографија: Фотографиите ја носат веста и, иако би требало да претставуваат таканаречени „папарацо“ фотографии, впечаток е дека се направени со знаење на субјектите кои се сликани.
Заклучок: Објавувањето на фото-вести за „спонтани“ кафе-пиења на јавни личности често е наменето за интригирање на јавноста, но и за испраќање на одредени политички пораки. Притоа, главно и не се забележува обид медиумот да пласира нешто повеќе за самата содржина на средбата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар