Рецензија: Тодоров: Од утре се враќа ноќната служба во поликлиника „Идадија“!
Некритичко проследување на промотивен настан, кој претставува очигледно и недозволено инволвирање на државен функционер во кампањата за локалните избори.
Линк до оригиналниот напис: Тодоров: Од утре се враќа ноќната служба во поликлиника „Идадија“!
Датум и време на објавување: 17.03.2013, 14:17
Датум на рецензирање: 18.03.2013
Рецензент: Биљана Илиќ
Вистинитост на факти: Предмет на оваа анализа е сосема куса вест на порталот Комуникација, кој пласира навидум банална информација – повторно се воведува ноќна смена во поликлиниката „Идадија“. Веста е објавена од повеќе интернет медиуми, со речиси идентичната содржина како и во овој текст.
Написот се темели на ноторни факти, но истовремено пласира и непотврдени и неверодостојни факти. Такво, на пример, е клучното тврдење дека овој потег е „на барање на граѓаните на општина Центар“. Имено, никаде не се објаснува кои и колку граѓани, кога и како побарале да се врати ноќната смена во „Идадија“.
Извори на информации: Текстот евидентира присуство на два извора – министерот за здравство Никола Тодоров и градоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ. За жал, кусиот напис не го кажува и другото својство на овие две личности. Тодоров е шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, а Тодоровиќ е градоначалнички кандидат на таа партија за општината Центар, каде и што се случува настанот. Ова својство ги прави двата избора засегнати и еднострани, а тоа авторот на текстот не го нотира.
Содржајност: Текстот не е сеопфатен и свесно прикрива две клучни информации. Прво, ако веќе се кажало дека „на барање на граѓаните“ повторно се воведува ноќна смена во поликлиниката „Идадија“, редно било да се каже зошто ноќната смена била затворена. Во написот се кажува дека тоа било сторено во 2007 година, наводно поради недостиг на персонал. Со оглед на големата невработеност во земјата, објаснувањето изгледа тенко, поради што новинарот бил должен да бара дополнително објаснување од министерот, или, евентуално, ако новинарот не бил присутен на настанот, да побара бекграунд информации за тоа.
Второ, криејќи го второто својство на изворите, односно на организаторите на настанот, нивната директна инволвираност во кампањата, сајтот Комуникација прикрива дека станува збор за промотивен настан, во функција на кампањата на владејачката партија. Вакво беневолентно и некритично известување е сериозен етички пропуст.
Пристрасност: Читателот само делумно е информиран зошто во 2007 била укината ноќната служба во поликлиниката „Идадија“ и зошто повторно се воведува сега, во екот на кампањата за локалните избори. Всушност, не се кажува, а очигледно е зошто се воведува сега – за да се даде прилог во кампањата на кандидатот Тодоровиќ.
За да се избегне тоа објаснување, пласиран е евтин спин, дека сето ова се прави на барање на граѓаните на општина Центар. Секако, еден вреден и прониклив новинар би се обидел да истражи кога и каде е поднесено такво барање, ако воопшто постои. Но, овде новинарот, поради својата политичка пристрасност, влегува во спинот на своите извори и го пласира како вистина.
За да биде поуспешен спинот, големата грижа за граѓаните од страна на кандидатот Тодоровиќ и неговата влада, текстот пласира и дополнителни информации за плановите на кандидатот за уредување на околината на Поликлиниката, со што се заокружува манипулативната вредност на оваа вест.
Плагијат: Како и во многу други случаи, не може точно да се утврди изворникот на веста, бидејќи неколку интернет медиуми ја пласираат истата вест, со истите факти, извори, наводи итн.
Квалитет на насловот: Еден интерпункциски знак – извичник – на крајот на насловот ја открива желбата на авторот на некој начин да ја потенцира информацијата што тој ја носи, што му дава мала нота на тенденциозност. Каква би била инаку функцијата на тој извичник?
Фотографија: Написот е илустриран со фотографија на министерот Тодоров. Соодветна и прецизна илустрација веројатно би била фотографија од настанот, на која заедно се и Тодоров и кандидатот Тодоровиќ. Но, како и со насловот, така и со фотографијата, написот се труди Тодоровиќ да го стави во втор план, веројатно за да се избегне лесното препознавање на промотивната природа на овој настан во функција на кампањата за локалните избори.
Заклучок: Настаните од промотивна природа, како овој, чија очигледна цел е да бидат искористени за неформална пропаганда во кампањата за локалните избори, во медиумите мора да бидат третирани на посебен начин – за таквите настани или воопшто не се известува, или се известува во намален обем. Во овој случај, постапено е сосема обратно – авторот го прикрива својството на изворите и целосно влегува во нивниот спин, во функција на кампањата за локалните избори. Така тој станува дел од компромитацијата на изборниот процес.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар