Рецензија: Тодоров: Преку СМС пораки до сериозно подигнување на квалитетот на здравствените услуги
Новинарскиот производ што е предмет на нашата рецензија е типичен пример на незантересирано покривање на настани на кои се говори за јавни политики со голем импакт врз голема група група граѓани – пациенти. Еден од основните новинарски стандарди е и сеопфатното информирање, т.е. покривање на сите аспекти на темата за која се пишува, макар и во вест, која кај нас обично се сфаќа како нешто што не е толку вредно, споредено со коментарите, анализите, колумните, интервјуата…
Линк до оригиналниот напис: Тодоров: Преку СМС пораки до сериозно подигнување на квалитетот на здравствените услуги
Датум и време на објавување: 04.12.2013
Датум на рецензирање: 09.12.2013
Рецензент: Теофил Блажевски
Вистинитост: Информациите изнесени во текстот се вистинити. Ако ги споредиме со примерите наведени во другите медиуми, се доаѓа до заклучок дека кажаното во веста е точно и веродостојно.
Извори на информации: Извор на информации е еден – министерот за здравство и неговото искажување на прес конференција. Тоа е релевантен, актуелен и контекстуален, но тоа не го спречува новинарот да ја прошири информацијата, користејќи и други извори.
Содржајност: Веста е несеопфатна или е на минимум од сеопфатноста нужна за пренесување на информации од јавен интерес. Споредувајќи ја со другите известувања од настанот, недостасуваат некои аспекти што ги сметаме за важни од прес конференцијата. На пример, за тоа дали ќе бидат испраќани пораки и до лекарите, на кој јазик ќе бидат испраќани пораките, дали има проблем со правото за заштита на приватноста на граѓаните, колку ќе чини сето тоа, кој ќе го плаќа и дали е направена симулација за оправданоста од ваквата акција, односно ефектите што ќе бидат постигнати.
Пристрасност: Во текстот не забележавме лажни информации во смисла на тоа дека е напишано нешто што не е кажано, но со самото тоа што информацијата е сувопарна и нецелосна, таа е неизбалансирана, a со тоа, можеби и пристрасна.
Оригиналност/Плагијат: По внимателно споредување со другите медиуми – иако не може со стопроцентна сигурност да се тврди – станува збор за делумна копија. Авторот не е наведен, но текстот има новинарски интеревенции што го разликуваат од другите извештаи, а тие се гледаат во насловот и во главата на веста.
Квалитет на насловот: Насловот е коректен во смисла на тоа дека е изведен од содржината на веста, но тој не информира и не е креативен. Дури може да се гледа и како тенденциозен и тоа две можни насоки – иронична или глорификаторска.
Фотографија: Има фотографија чие авторство не е наведено и која не е соодветна за содржината на текстот.
Говор на омраза: Не постои ниту еден елемент што би упатувал на говор на омраза или дискриминација.
Заклучок: Веста е еден од покласичните примери на сувопарни извештаи од прес конференции со какви што е преплавено новинарството кај нас. Од десетина медиуми колку што ја пренеле оваа вест, најчесто по примерот на копи-пејст новинарството, го одбравме овој пример, бидејќи, иронично, иако е објавена во рубриката МОИ ПАРИ, нема ни збор за еден од елементите за кои требало се да извести: колку ќе чини и кој ќе ја плати оваа најнова интервенција на Министерството за здравство во системот на јавното здравство.
Чисто формално гледано, веста одговара на речиси сите од петте прашања што мора да бидат одговорени во секоја вест, освен на прашањето кога? Но, тоа е една погрешна навика во македонското новинарството наметната од неукост, бидејќи уредниците и новинарите мислат дека ако има наведен датум кога е објавна веста, тоа го заменува и прашањето кога во самата вест, што не е така. Сепак, ова е периферна фалинка на веста што ја рецензиравме. Главната е нецелосноста или несеопфатноста на веста, што е една од целите и задачите на новинарите. Впрочем, тоа се одразува и на објективноста:
Изборот на фактите мора да обезбеди објективна информација и согледување на сите значајни аспекти на темата за која се говори (дел од препораките наведени во Прирачникот за етика во новинарството, ЗНМ 2012).
Но, во овој случај не станува збор за избор на факти, туку за непроверка на важни информации на самата прес конференција или отпосле, зашто не само „Фактор“, туку никој не пишува за погоре споменатото прашање. А, тоа прашање реферира кон задолжителното новинарско прашање, зошто.
Повторно формално, ова прашање било одговорено на прес конференцијата и како такво е пренесено во веста: “Констатиравме дека има определен број пациенти кои не доаѓаат на закажаните термини. Ова претставува сериозен проблем во системот..”, како и : „Ова нема само информативен карактер, туку и карактер на сериозно подигнување на квалитетот на здравствената услуга..“
Но, доколку новинарот малку се потрудил да биде сеопфатен и да праша на прес конференцијата или отпосле, кој ќе го плаќа тоа и колку ќе чини, ќе се дојде до друг податок кој може да фрли поинакво светло на прашањето зошто.
Имено, во сите вести од настанот, вклучувајќи ја и оваа што ја рецензираме, беше објавен податокот дека МЗ дневно ќе испраќа по околу 5.000 смс пораки. Кон ова треба да се додаде и фактот дека МЗ ќе испраќа смс пораки и до лекарите, „информативно“ да ги потсети какви обврски ги очекувале следниот ден. Бројката не е наведена, но имајќи предвид дека во јавното и приватното здравство има околу 4.000 специјалисти што работат со „Мој термин“, може да се предвиди дека толкав ќе биде и бројот на смс пораките упатени до нив дневно, односно вкупно околу 9.000 пораки. Тоа значи дека неделно ќе се испраќаат по околу 45.000 смс пораки, месечно околу 180.000, а годишно, околу 2.160.000 смс пораки. СМС пораките се упатуваат преку телефонските оператори, приватни компании, а просечната најниска цена на една порака е околу 2 денари. Тоа значи дека годишно, оваа смс акција на МЗ, ќе го чини министерството околу 4 милиони и 320.000 денари или над 70.000 евра, кои пак ќе завршат кај телефонските оператори.
Можеби некому ова се чинат мали бројки и мал трошок, но да потсетиме, станува збор за јавни пари, наши и ваши, кои ќе бидат потрошени од буџетот за некој претпоставен ефект на ефикасност во системот на јавно здравство. Новинарите требало да прашаат и да ја информираат јавноста за овој аспект (имајќи предвид дека ваква СМС операција веќе се изведува и во Министерството за образование), за да може информацијата да биде сеопфатна и целосна. Уште повеќе, јавноста е лишена за одговори од типот: зошто да бидат упатувани смс пораките и до лекарите, кога тие имаат постојан пристап до системот „Мој термин“, потоа дали постои нарушување на приватноста, бидејќи граѓаните, можеби, не сакаат да добиваат пораки на телефоните од МЗ, потоа за еднаквоста на граѓаните, зашто не мора сите граѓани да поседуваат мобилни телефони и многу други неодговорени прашања, меѓу кое и најважното – дали МЗ направило проценка какви ќе бидат ефектите од вака потрошените буџетски пари. Ќе завршиме со уште еден цитат од Прирачникот за етика во новинарството на ЗНМ:
Премолчувањето и необјавувањето на податоци кои можат да влијаат на ставот на јавноста е исто што и нивно намерно искривување или свесно манипулирање со јавноста.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар