Рецензија: Томе Аџиев реизбран за претседател на Лустрација, во составот само тројца нови членови
Првата информација што ја добива гледачот/читателот е дека Комисијата за избори и именувања во Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови го избрала новиот состав на Лустрациската комисија, претседателот и неговиот заменик. Но, прилогот на крајот завршува со констатацијата дека „Лустрациска уште утре влегува во Собранието“?! Тогаш, ако е избрана комисијата, како што се тврди во воведот на прилогот, што би барала Комисијата за лустрација во Собранието?
Оваа навидум мала недоследност покажува елементарно непознавање на надлежностите на собраниската Комисија за избори и именувања. Собраниските тела, комисиите или конкретно оваа за избори и именувања само предлага, утврдува кандидати за разни функции, а Собранието на пленарна седница е тоа кое ги избира. Така и во овој случај, Комисијата од пристигнати над 20 кандидатури, предложила претседател, заменик и членови, кои дополнително треба да бидат избрани во Парламентот. Затоа, вака пласираната информација е погрешна и чудно е како се поткраднала толку сериозна грешка за процедурите во Собранието.
Едноставно, според емитуваниот прилог, лустраторите беа готово, конечно избрани во среда 15 јануари, што не е вистина, тие беа само предложени, утврдени, а нивниот избор е закажан за на седницата која почнува во четврток, 16 јануари. Колку и да звучи теоретски, Собранието може и да не ги избере членовите на Комисијата за лустрација или било кој друг предлог што доаѓа од Комисијата за избори и именувања, па, затоа, соодветната терминологија во овој случај гласи: комисијата ги утврди кандидатите или ги предложи. Сѐ друго е лоша импровизација и недопуштена грешка.
Линк до оригиналниот напис: Томе Аџиев реизбран за претседател на Лустрација, во составот само тројца нови членови
Датум и време на објавување: 16.01.2014
Датум на рецензирање: 17.10.2014
Рецензент: Саше Димовски
Вистинитост: Информациите се точни, но погрешно пренесени. Комисијата ги утврдила кандидатите кои се наведени во текстот, но не ги избрала, бидејќи нема надлежност за тоа.
Извори на информации: Официјални извори, седница на Комисијата за избори и именувања
Содржајност: Текстот има доволно содржини од кои читателот може да добие информација, која, за жал, во случајов е избрзана и го наведува читателот на погрешна страна, прикажувајќи му факти кои сѐ уште не се реализирале како завршена работа.
Пристрасност: Не се забележува позначителна пристрасност, застапени се различни политички опции во текстот и нема непотребни коментари.
Оригиналност/Плагијат: Оригинално дело, авторски прилог.
Квалитет на насловот: Несоодветен наслов за кој говориме и во воведот, во поглед на презентирањето на фактите. Томе Аџиев не е реизбран за претседател, како што стои во насловот, туку тој е предложен повторно да биде избран за претседател на Комсијата. Паовторно ќе потенцираме: колку и да звучи хипотетички, што ако на пленарната седница Аџиев не добие доволен број гласови? Како ќе се оправда тогаш овој наслов дека е реизбран?
Фотографија: Соодветна, од расправа во комисијата. Автентична.
Заклучок: Потребата од специјализирање на новинарите по области се покажува како неопходна во овој случај, но и го отвора прашањето за минимум искуство што треба да се стекне за да може да се известува од Собранието. Парламентот е место каде што се носат сите закони, прописи и други акти, па доколку не се познава политичкиот систем, уставното уредување и кој за што е надлежен во земјава, наместо сериозни извештаи од Собранието, ќе ни се случува да читаме текстови во кои има елементарни грешки.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар