Рецензија: Топ ПЕТ бизниси во Македонија осудени на неуспех!

campaigntop-pet-biznisi-vo-maked-crop-resize

Како еден од поновите информативни портали во македонскиот медиумски простор, порталот Фактор претставува позитивен исчекор поради приоритетот што им ги дава на темите од областа на економијата, финансиите и бизнисот воопшто, па  објавениот текст на тема кои бизниси во Македонија се осудени на неуспех разбирливо привлекува внимание.

Текстот има добра структура, интересен приод, солидна аргументација, пишуван е во лесен и разбирлив стил, прифатлив за поширок аудиториум. Детектира глобални трендови, кои се рефлектираат и на домашниот бизнис амбиент, што го прави уште поинтересен за читателската публика. Темата е атрактивна, а написот нуди практични информации, но опасноста да биде сфатен како само уште едно лесно четиво, а не како професионално обработена тема, лежи во тоа што на текстот му недостасуваат цитирани извори и компетентни соговорници. Без нив, презентираните факти, колку и да „држат вода“, не можат да се сметаат за верифицирани и едноставно ја немаат потребната тежина за да можат овој напис да го извлечат од морето на површно сработени теми, со кои изобилува медиумскиот простор.

campaigntop-pet-biznisi-vo-makedЛинк до оригиналниот напис: Топ ПЕТ бизниси во Македонија осудени на неуспех!

Датум и време на објавување: 20.10.2013

Датум на рецензирање: 22.10.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Не може да се утврди веродостојноста на фактите со кои оперира авторот на текстот, иако звучат уверливо и аргументирано.

Извори на информации: Најголемиот недостаток на написот е токму недостатокот на извори. Пропуштено е да се наведе како е дојдено до сознанијата што ги пласира во текстот. Тоа што аргументите звучат здраворазумски и што читателите најверојатно ќе се согласат со напишаното, бидејќи се поклопува со нивните искуства и сознанија од секојдневниот живот, не му ја подобрува кредибилноста на овој новинарски производ.

Квалитет на насловот: Насловот е доволно илустративен за содржината што ја донесува текстот за да го привлече вниманието на читателот, но и премногу општ за да биде атрактивен.

Фотографија: Написот е илустриран со една воведна и пет тематски фотографии, кои се умешно одбрани, но воведната се повторува и како илустрацијата на петтиот бизнис, што го намалува ефектот на добрите фотографии.

Заклучок: Доказ дека и текстовите со економска и бизнис тематика можат да бидат интересни за читање за поширокиот аудиториум е овој напис и за него, како и за сите други информативни форми на новинарско изразување важи едно едноставно, универзално правило, а тоа е верификација на фактите. Таа се прави преку повикување на релевантни извори за да се објасни од каде е дојдено до информацијата која се објавува, па и читателот да може да се увери дека она што се пишува е точно и веродостојно. Без овој важен елемент, написот има проблем со кредибилноста.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција