Рецензија: Цел ГТЦ во Скопје и се смееше на оваа девојка

cel-gtc-vo-skopje-i-se-smeeshe-na-ovaa-devojka-crop-resize

Во своите рубрики насловени како Забава, Занимливости и слично, кои по правило донесуваат „полесни“ содржини, со понеобврзувачки третман на темите во манир на таблоидите, некои, условно кажано „посериозни“ медиуми, често забораваат каде се границите на добриот вкус, хуморот и етиката, па материјалот што го пласираат се случува да биде делумна, па дури и целосна измислица. Еден речит пример за ваквата практика е фото-веста за девојката на која, наводно, и се смеел цел ГТЦ во Скопје поради изборот на гардеробата, која го откривала нејзиниот долен веш.

И површно фрлање поглед на објавената фотографија е доволно за да се утврди дека локацијата не е точна, бидејќи во Градскиот трговски центар во Скопје не постои таков ескалатор како на сликата. Малку интернет истражување, пак, открива дека фотографијата е, всушност „позајмена“ од gossip-сајтот „сликовито“ наречен The Crap Factory и дека „цел ГТЦ“ не ни можел да и се смее на оваа девојка, бидејќи таа не била во Скопје! Во овој случај се направени две сериозни прекршувања на новинарската етика, но и на општоприфатените човечки принципи – пласирана е лага и, згора на тоа, исмејување на анонимна личност на која не и било овозможено да реагира на навредливиот третман. Нема логично објаснување во чиј интерес е објавувањето на ваква „вест“.

Цел ГТЦ во Скопје и се смееше на оваа девојкаЛинк до оригиналниот напис: Цел ГТЦ во Скопје и се смееше на оваа девојка

Датум и време на објавување: 26.10.2013, 21:03

Датум на рецензирање: 28.10.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Единствен „факт“ што може да се утврди од објавената вест е дека девојката е сликана од грб и, според тоа, многу веројатно не дала согласност да биде фотографирана, а уште помалку да биде исмејувана поради својот избор на гардероба. Тврдењето дадено во насловот, дека „ цел ГТЦ во Скопје и се смееше на оваа девојка“ е во целост лажно, бидејќи се работи за фотографија која не е снимена во Скопје, па според тоа, авторот не ни можел да посведочи дека некој, а најмалку цел ГТЦ во Скопје и се смеел на девојката, која е предмет на невкусната злоупотреба на медиумот.

Содржајност: Фото-веста, освен невкусната фотографија на девојка облечена во проѕирни хеланки, содржи и дезинформација дека наводно е сликана на ескалаторот во ГТЦ во Скопје.

Пристрасност: Лажна е информацијата е пласирана свесно. Ова го покажува формата на тврдењето во насловот: „и се смееше“, како авторот да присуствувал на смеењето на „цел ГТЦ во Скопје“.

Коментирање: Целата вест е, всушност, коментар на облеката на девојката.

Оригиналност/Плагијат: Се работи за специфичен случај на плагијат, каде е ископирана фотографијата од странски сајт без да биде наведен изворот и на неа ѝ е „накалемено“ божемно објаснување, дека се работи за девојка, која, ете, некој  ја начекал и ја сликал во ГТЦ во Скопје.

Квалитет на насловот: Насловот ја содржи лажната информација во оваа фото-вест. Тој дезинформира, напишан е во сензационалистички манир, и е крајно несоодветен и навредлив.

Фотографија: Фотографијата е преземена од странски сајт, што не е наведено од страна на медиумот, а потоа е искористена за манипулација со вистината.

Говор на омраза:

„Новинарот мора да биде свесен за последиците и ефектите од неговите зборови, мора да внимава на нивниот избор и не смее да навредува или исмејува“,

стои во Прирачникот за етика во новинарството, ЗНМ, 2012. Во фото-веста постои навредлив говор насочен кон дискредитација на една личност, врз основ на проценката дека е лошо облечена со дискриминирачки пристап врз основ на полови стереотипи.

Заклучок: Невистина, која притоа повредува нечија интима и човечки интегритет само за да се објави содржина која му повладува на приземниот вкус на (непознат) дел од својата читателска публика, треба да биде препознаена како злоупотреба на медиумот. Првата функција на веста е да информира, но таа треба да донесува информација која е релевантна за јавноста на која ѝ ја пренесува, и притоа да не ги повредува моралните норми и личниот интегритет на засегнатите личности. Медиумите, треба да се потсети, имаат и општествена улога на креатори на јавното мислење и промотори на вистинските вредности, па објавувањето на вакви содржини не е во насока на исполнувањето на таа улога.

 „Членовите на Здружението на професионални новинари сметаат дека просветувањето на јавноста е претходник на правдата и основа на демократијата. Новинарот има задача да работи на остварувањето на овие цели на тој начин што ќе ја кажува вистината, а за настаните и за актуелните прашања ќе пишува на фер и разбирлив начин“, стои во Предговорот на Новинарскиот кодекс, 1996 година.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција