Рецензија: Цело СДСМ и СОРОС вклучени во протестите на студентите

4w-0987-098-crop-resize

 

Пред нас се наоѓа текст, кој е еден од повеќето во кои се прави обид без фактичка аргументација и со спин протестите на студентите да се дискредитирааат, да ѝ се припишат на опозицијата и да се обезвреднат. Иако повикот за протест е на студентското движење „Студентски пленум“ и во него се повикуваат да учествуваат сите граѓани независно од нивните политички погледи, сепак, во овој медиумски производ се прави врамување, односно обид со истакнување на фактите само делумно, а не целосно, да се создаде слика дека протестот е партиски мотивиран. Во повикот на „Студентски пленум“ стои дека протестот е натпартиски, иако во него се повикуваат да учествуваат и тие граѓани што се дел од партија (што е, впрочем, и нивно уставно загарантирано право).

4wЛинк до оригиналниот напис:  Цело СДСМ и СОРОС вклучени во протестите на студентите

Датум и време на објавување: 05.12.2014

Датум на рецензирање: 8.12.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Начинот на кој се прави обид да се „докаже“ дека протестот е на СДСМ, е да се оди на неколку фејсбук-профили  и да се направи слика од нивното споделување на повикот од „Студентски пленум“. Понатаму, авторот сосема неаргументирано, преку свои лични коментари, а не со факти, се труди да ја разубеди читателската публика дека пленумот не постои.

„Уште еднаш се докажа дека неформалната студентска организација „Студентски пленум“, која повторно најавува протести на студентите на 10-ти декември против најавениот државен испит кој треба да го зголеми квалитетот во високотo образование не постои, односно протестите се поттикнати од високи фунционери на СДММ, кои пак се директно координирани од високи фунционери на опозицијата предводена од СДСМ. Сите информации кои се појавија во јавноста ја потврдуваат поврзаноста помеѓу СДСМ и Студентскиот, кој всушност не е ништо друго, туку само продолжена рака на СДСМ, контролиран преку Младинскиот образовен форум (МОФ), кој пак со години е финансиран од Соросовата фондација.“

Ова е коментар, а не факт и не е вистинит бидејќи на протестот на пленумот се појавија стотици студенти и граѓани, меѓу кои и онакви во партија и онакви надвор од партија.

Таков е и повикот на „Студентски пленум“. Во текстот што го рецензираме забележителна е пристрасност односно отворено се зазема страна.

„Уште еднаш се докажа дека неформалната студентска организација „Студентски пленум“, која повторно најавува протести на студентите на 10-ти декември против најавениот државен испит кој треба да го зголеми квалитетот во високотo образование не постои“

Непотпишаниот автор тврди дека државниот испит треба да го зголеми квалитетот во високото образование и не се оградува од овој став, со конструкција како, на пример, „тврди власта“, „тврди Министерството“, „тврди Груевски“, со што тоа станува негов пристрасен коментар.

Непотпишаниот автор не нуди аргументи зошто повикот за солидарност (самите студенти ги повикуваат другите граѓани да им се приклучат, натпартиски), не смее да биде споделен на „Фејсбук“ од луѓе кои се поддржувачи на опозицијата (за некои од нив не ни докажува дека се поддржувачи).

Неточно  и недокажано е тврдењето дека не постои „Студентски пленум“. Се прави обид стотиците студенти што се истурија на улиците против државниот испит на првиот марш да се изедначат со нула и да се сместат во штабови, што, се разбира, не е аргументирано ниту точно. Воопшто не е застапена страната на „Студентски пленум“, односно нивните аргументи, нивните факти, нивните барања. Не е објаснета ниту структурата на движењето, која е хоринзонтална организација, без водач, која како единствена цел има да ја спречи најавената реформа за државен испит.

Да се одзема правото на протест и учеството во политичкиот живот на граѓаните и тоа да им се дава само на политичарите и на политичките партии е концепт што е пропагандистички. Политиката не им припаѓа само на политичките партии.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција