Рецензија: Центарци добија бесплатно зонско паркирање
„Мнозинството советници изгласаа одлука со која жителите на Центар конечно ќе имаат неограничено бесплатно зонско паркирање на територијата на општината. Со ова се исполни едно од основните изборни ветувања”, рече Жерновски.
Ова е цитат од веста која ја објави порталот Скај, а се однесува на крајот на маратонската седница на Советот на Општина Центар, која заврши во средата во 7 часот наутро .
Порталот е, се чини, еден од ретките кој благовремено, без оглед на времето на завршување на седницата, извести точно и без подметнувања. Оваа вест целосно се разликува од најголем дел од објавените вести од седницата, кои даваат целосно спротивни содржини за истата вест.
Освен брзината и точноста, соодветни на ситуацијата на пазарот на вести во земјата, како и мнозинството аспиранти за новости на денот, веста ја покажа и заднината на спорот што се јави кај паркинзите меѓу Центар и Градот, со што укажа на уште еден „фронт“ преку кого се напаѓа градоначалствувањето на Андреј Жерновски.
Линк до оригиналниот напис: Центарци добија бесплатно зонско паркирање
Датум и време на објавување: 13.06.2013, 15.18
Датум на рецензирање: 14.06.2013
Рецензент: Љубомир Костовски
Вистинитост: Веста ја има точната содржина за текот на седницата и начинот на кој размислувале политичките опоненти, а која значи дека градоначалникот Жерновски опстојал на своето предизборно ветување за бесплатен паркинг на центарци.
Извори на информации: Порталот веста ја обелоденува низ разговор со претседателот на Советот – Мирослав Шиповиќ, кој во детали ја образложува. Како мана на веста секако е пропустот да се добие коментар и од опозицијата во Советот, барем како обид.
Содржајност: Оваа вест ни го открива и однесувањето на опозицијата на седницата по ова прашање. Тоа не беше можно да се види во вестите на редица други медиуми, а тоа е дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ гласала воздржано во однос на бесплатниот паркинг!? Очевидно е дека се одело на опструкција, за потоа да се обвини градоначалникот дека не се држи до ветеното.
Веста дава и практични информации околу комуникациите со надлежните во случај досега да не се поднесени барања за паркирање, со што се дополнува впечатокот за содржајност.
Пристрасност: Написот служи како брана на една чесна одлука, која е донесена после часови „натегнување“ во салата, со опструкцијата на опозицијата (ВМРО ДПМНЕ) и со насилници под прозорците, кои кршеа стакла и притоа повредија една советничка. Во исто време сето тоа беше опкружено и со масовни медиумски напади врз советниците на тенкото мнозинство.
Оригиналност/Плагијат: Написот е направен во агенциска форма, која е погодна за преземање, па оттаму веројатно и не е потпишана.
Квалитет на насловот: И насловот оди во тој агенциски стил и се задржува на тоа веднаш да информира за она што е централната поента во веста.
Фотографија: Веста дава фотографија на градоначалникот и на претседателот на Советот, како двоец кој навистина мина низ тешки деноноќија.
Заклучок: Како посебен квалитет на овој напис е што тој најави потези кои општинската опозиција, преставена во градската и централна власт, ќе ги направи, а тоа обидот да му ги одземе паркинзите на градоначалникот Жерновски. Ова превидување веќе следниот ден стана реалност: градот најави офанзива за нивно преземање.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар