Рецензија: Црвенковски промотор на Пендаровски

kurir_mk_makedonija_vesti_142817-Crvenkovski-promotor-na-Pendarovski-crop-resize

„Според познавачите, но и на очиглед на јавноста, Бранко Црвенковски повторно активно се вклучува во политиката, овој пат со цел  да го протурка Стево Пендаровски за кандидат на СДСМ на Претседател на Република Македнија. Ова не  е ништо невообичаено, ако се земе предвид дека Стево Пендаровски важи за близок соработник и човек од доверба на Бранко Црвенковски.“

Порталот излегува со тенденциозен  напис дека екс лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, го протежира професорот Стево Пендаровски како претседателски кандидат,  но не нуди ниту еден аргумент во поткрепа на ваквото тврдење. Текстот има сериозен проблем и со вистинитоста и со изворите.  Целиот материјал се потпира  на сознанијата од неименувани „познавачи“, а потоа врз основа на тие непотврдени информации се прави една конструкција со јасна критизерска интонација, која не спаѓа во ниту еден новинарски жанр.

FireShot Screen Capture #160 - 'Црвенковски промотор на Пендаровски' - www_kurir_mk_makedonija_vesti_142817-Crvenkovski-promotor-na-PendarovskiЛинк до оригиналниот напис: Црвенковски промотор на Пендаровски

Датум и време на објавување: 30.12.2013, 14:23

Датум на рецензирање: 5.12.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Во овој напис недостасуваат елементарни податоци  за да се потврди веродостојноста на наводите – дека „Црвенковски сака да го протурка Пендаровски на претстојните претседателски избори како кандидат на опозицијата“. Тој не се темели на факти, туку на шпекулации, кои се пласират во јавноста како целосна вистина.

„Видливо е се почестото присуство на Бранко Црвенковски во јавноста, најчесто на средби со активисти, пратеници на СДСМ кои важат за негови блиски луѓе, како и проопозициски новинари и колумнисти. Овие средби ги користи да лобира за Стево Пендаровски како кандидат на СДСМ за претстојните избори.“ 

А, за тоа колку е „видливо се почестото присуство на Црвенковски во јавноста“, говори податокот дека тој , откако лани во мај ја напупшти лидреската позиција во СДСМ, се појави само два пати во јавноста, и тоа на неофицијални настани.  Првиот пат во Кичево (крајот на јули минатата година), на средба со локалните социјалдемократи, а вториот пат, минатиот месец  во друштво на неформалната група „бургијаши“.

Наспроти тврдењета изнесени во текстот:

Пендаровски повеќе од една деценија добива високи партиски и државни функции  и на тие функции е именуван речиси секогаш од Црвенковски.

Најпрво во 2004 година од страна на мнозинството на СДСМ  беше именуван за претседател на ДИК во време кога се спроведоа контроверзните избори на кои Црвенковски стана претседател на државата.

Една година потоа беше именуван за советник за национална безбедност во кабинетот на Црвенковски. По завршувањето на мандатот во 2009 година, Пендаровски заедно со Црвенковски се врати во СДСМ и доби партиски функции во  советите на партијата.

од биографијата на Пендаровски се гледа дека тој првите функции ги добил во времето кога актуелната владејачка партија ги имаше лостовите на власта.

„Од 1998-2001 година помошник-министер за внатрешни работи и началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи. Во периодот 2001-2004 година и 2005-2009 година советник за национална безбедност и за надворешна политика на двајца претседатели на Република Македонија. Во 2004 – 2005 година, претседател на Државната изборна комисија.“

Во текстот што го рецензираме воопшто не се споменуваат функциите на Пендаровски од 1998-2001 година (кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ)  и од 2001-2004 година, кога тој беше во кабинетот на експретседателот Борис Трајковски.

Извори на информации: „Крунски доказ“ дека  Црвенковски, наводно,  повторно се вклучува во политиката, овој пат во мисија да го направи Пендаровски претседателски кандидат, се анонимни извори. И притоа се користат формулации:  „според познавачите“, „ на очиглед на јавноста“,  „видливо е“ „се говори“ .

Содржајност: Текстот е целосно едностран. Неименуваниот автор преку неименувани извори, без конкретен доказ и аргументи пласира во  јавноста конструкции и сериозни обвинувања на сметка на Црвенковски и Пендаровски.

Пристрасност: Написот е неизбалансиран и политички некоректен. Конструкцијата на приказната и начинот на кој е пласирана јасно укажуваат на наклонетост кон владејачката партија .

 Коментирање: Целиот текст е „зачинет“ со коментаторски елементи и завршува во коментаторски стил, при што се искажани тешки квалификации :

„Пендаровски беше претседател на ДИК кој што го верификуваше сомнителниот избор на Црвенковски за претседател на Македонија, но и претседател на ДИК во чие време се лажираше  референдумот за територијална поделба во 2004, со што се нанесе штета на националните и државни интереси на Македонија“

Оригиналност/Плагијат:  Материјалот е без авторски потпис, па може да се заклучи дека е  редакциски. Текстот, истиот ден, само со некои варијации во насловот,  беше објавен  на шест портали , кои како извор го посочија овој текст.

Квалитет на насловот: Насловот е спинерски и сугестибилен,  ја искажува главната поента од текстот.

Фотографија: Написот е илустриран со две фотографии  без авториски потпис. На едната е прикажан Црвенковски со крената рака и со показалецот вперен нагоре, а на другата се гледа  Пендаровски како објаснува нешто.  Тие  треба да  посведочат за „лобирањето“ на Црвенковски.

Говор на омраза: Интонацијата на текстот , особено терминологијата и квалификациите употребени во заклучокот:

„го верификуваше сомнителниот избор на Црвенковски ….

„.. во чие време се лажираше  референдумот за територијална поделба …“

„… нанесе штета на националните и државни интереси“

јасно укажуваат на намерата да се оцрни личноста на Пендаровски.

Заклучок: Овој материјал  кој нема авторски потпис, нема кредибилни извори, нема аргументација, туку тежи од обвинувања,  е надвор од професионалните новинарски стандарди . Целиот текст, насловот, поднасловот,  воведот, па се до последниот ред, наликува на наменски скроен производ за политичка дискредитација на Пендаровски. Појавата на написот истовремено на неколку сајтови, како и објавувањето на други материјали со слична тема и во истите медиуми два дена претходно, дополнително го засилува впечатокот за своевидна политичка „станизација“ на личноста за која, можеби, опозицијата размислува да ја номинира за претседателски кандидат.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција