Рецензија: Црвенковски во промотивниот спот на Пендаровски

29-0987-00998877-crop-resize

Материјалот нема каква било допирна точка со информативно новинарство, бидејќи не одговара на основните критериуми за една вест: кој, што, каде, кога, како. Оттука, текстот не носи новост. Ако нема јасна информативна, или некаква основна аналитична компонента, тогаш се поставува прашањето која е целта на неговото објавување, или поточно која е суштината на неговото постоење? Одговорот е многу едноставен: создаден е бидејќи сме во предизборна кампања за претседател на државата! Значи, поентата не е да информира, анализира, па дури и да шпекулира, туку само да омаловажува личност која, секако, не е од саканиот табор.

2Линк до оригиналниот напис: Црвенковски во промотивниот спот на Пендаровски

Датум и време на објавување:  27.03.2014, 14:49

Датум на рецензирање:  27.03.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ЗОШТО САМО ЦРВЕНКОВСКИ

Текстот тргнува од поставување премиса и тоа во насловот, со што самиот си ја искомплицирал работата, бидејќи таа не го потврдува заклучокот кој сака да го наметне. Зошто? Бидејќи премисата не му е вистинита. „Црвенковски во промотивниот спот на Пендаровски“ е класичен спин затоа што не станува збор за промо-клип кој се врти како дел од кампања за пред јавноста, туку за една фотографија во видеото, употребено на партиска конвенција, кое пред присутните го прикажува професионалниот пат на конкретниот кандидат за шеф на државата. Тоа не е промотивен спот во класична смисла како што се тврди во написот, бидејќи не се пласира на медиумите за да стигне до гласачите. Тоа е првата работа. Второ, точно е дека тој бил советник кај Црвенковски, исто како што го советувал и Трајковски. Значи, ако се опишува работниот стаж на Пендаровски не може да се скокне фактот дека тој советувал двајца претседатели, што јасно е наведено во, според некој, „проблематичното“ видео. Зошто тогаш авторот на текстот не ни кажал дека „Трајковски и Црвенковски се во промотивен спот на Пендаровски“? Оттука произлегува дека се имало крајно селективен и тенденциозен пристап кон употребата на, ако така може да ги нарече, изворите на информации.

 

СЕЛЕКТИВНО НАМЕСТО СЕОПФАТНО

Дури неколку дена по партиската конвенција на која ЕДИНСТВЕНО е пуштен тој видео-клип со фото од Црвенковски, некому му „текнало“ дека тоа е доволна основа или „кредибилен извор“ за да ги повтори веќе познатите обвинувања дека „Стево е играч на Бранко“. Бидејќи знаеме, барем така ни ги полнат главите, дека „Пендаровски играл по туѓи ноти“, тогаш зошто, пак, истото ни го повторуваат?! Содржински нула. Фактот дека има селективност наместо сеопфатност, примерот со испуштањето на Трајковски, е доволен доказ за едностраностраноста на написот која недвосмислено има политички предзнак. Јазичето на вагата ептен сериозно натежнува кон „десно“.

Такви се и коментаторските елементи, кои ама баш со ништо не придонесуваат за подобрување на квалитетот на текстот.

„Претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, очигледно толку многу му се восхитува на неговиот идол Бранко Црвенковски, што дури го стави и во промотивен стоп од изборната кампања;

Самото тоа што Пендаровски го става Црвенковски во неговите промотивни спотови и се промовира со него, покажува колку претседателскиот кандидат на СДСМ му се восхитува на поранешниот лидер на партијата“.

Можеби отсуството на запазување на професионалните новинарски стандарди е причината за „анонимноста“ на четивото? Не, причината е дека е „собран“ од друг интернет сајт со иста (не)професионална определба, што е детектирано од некои информативни портали. Разликата е само во насловот – човек не може да се определи за тоа кој е полош: оној во „оригиналот“ или во копијава. Имаме тенденција, спин, едностраност. Лоша работа.

Конечно, и за политички памфлет е премногу, а кампањата само што почна. Кој знае уште колку вакви новинарски „бисери“ нѐ очекуваат…

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција