Рецензија: Угледниот „Форбс“ ја отслика Македонија како бисер на Балканот

bb-0987-0099887700000-crop-resize

Не е првпат да се создава новинарски прилог врз основа на пи-ар, односно спонзориран текст, без тоа јасно да се напише во прилогот. Новинарскиот кодекс јасно разграничува дека треба да се прави разлика меѓу рекламирањето и новинарската сторија. Во членот 6 од Кодексот пишува:

Треба да постои разграничување меѓу рекламирањето и новинарскиот текст со илустрацијата.

Форбс тоа го испочитувал, со самото тоа што на нивната објава во горниот лев агол пишува „Promotion//Economic Development“, но во прилогот што го рецензираме нема ниту збор дека станува збор за спонзориран материјал, односно дека некој платил, информациите што се претставени во текстот, да бидат објавени. Читателите и гледачите се оставени покуси за информацијата дека не е Форбс оној што ја фали Македонија, туку дека списанието добило статистички податоци што се употребени во текстот од страна на спонзорот. Тоа е јасно наведено на втората страница од овој извештај („The sponsors of this report have provided all statistical data“). Така, редакцијата се заштитила од евентуалните неточни информации. Но, во прилогот што го рецензираме нема ниту збор за овие специфики што се многу важни. Напротив, се создава впечаток дека текстот е од новинар на Форбс што е неточно.

bbЛинк до оригиналниот напис: Угледниот „Форбс“ ја отслика Македонија како бисер на Балканот

Датум и време на објавување: 18.03.2014, 17:37

Датум на рецензирање: 20.03.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитоста на објавените информации во текстот паѓа на товарот на закупецот на рекламниот простор, но спорно е што тоа не се наведува при известувањето за платеното рекламирање, туку напротив, тоа се претставува како новинарство.

Во претходната рецензија на слична тема, колегата Зоран Бојаровски пишува:

 

Сервисот за проверка на фактите од медиумите (СПФМ), оствари мејл преписка со лицето задолжено за контакти во секцијата за Македонија во Форбс и господинот ни потврди дека овој текст е со статус спонзорирани страници.

Инаку, колку за да бидеме поуверливи, во дисклејмерот на мејлот на господинот со кој контактиравме стои:

„Секцијата на Форбс за нарачани магазини и секции продуцира посебно „скроени“ промотивни рубрики за земји, региони, индустрии и компании кој можат да бидат употребени за промоции. Оваа секција работи независно од новинарскиот и уредничкиот тим на Форбс.“

(Forbes Custom Magazines and Sections produces tailored promotional sections on countries, regions, industries and companies used for investment and promotional purposes. FCM&S operates independently from the Forbes editorial staff.)

 

Во прилогот, од непознати причини, изостанува да се спомне дека станува збор за платено огласување и суптилно се имплицира како текстот да е авторски на новинар на Форбс што не кореспондира со вистината:

Во најновото издание на угледниот магазин се раскажува за македонската традиција и култура, достигнувањата во економијата, како и за историските вредности, а посебен акцент е ставен на познатиот Охридски бисер кој го имаат и кралските семејства. Градот и езерото, пишува Форбс, се едни од 28-те во светот на листата на УНЕСКО за заштита на културното наследство.

Во платениот пи-ар се пренесуваат оние информации што ќе ги даде огласувачот, па медиумот мора да ги објави. Сепак, редакцијата се заштитува и се дистанцира со тоа што јасно напоменува дека станува збор за спонзориран текст. Во написот што го рецензираме таква ограда нема.

Содржината од новинарски аспект е сиромашна, како што и е вообичаено во случаи кога не се контактира втората страна и се известува исклучиво од промотивен аспект (карактеристики на ваквите текстови). Гледачот може лесно да се прелаже дека новинари на Форбс седнале и напишале ваков промотивен текст, во кој нема консултирани извори и изјави.

Во прилогот се презема платен промотивен текст без да се каже тоа. Ова се прави во период на предизборие, а нарачателот на текстот е Владата на Република Македонија. Оттука, независноста на редакцијата од маркетиншкиот оддел, иако е јасно диференцирана во Форбс, не е јасно претставена во текстот што го рецензираме.

Во најновото издание на угледниот магазин се раскажува за македонската традиција и култура, достигнувањата во економијата, како и за историските вредности, а посебен акцент е ставен на познатиот Охридски бисер кој го имаат и кралските семејства. Градот и езерото, пишува Форбс, се едни од 28-те во светот на листата на УНЕСКО за заштита на културното наследство.

 

Списанието го објаснува најновиот извештај на Светска банка за годинава, за планираниот раст на македонската економија за 3% годинава, со што ќе се надмине растот на соседните земји, Албанија, Бугарија, Грција и Србија.

Од насловот, како и од прилогот, не може да се воочи дека текстот на Форбс е објавен во рубриката за промоции и се претставува како редакциски, новинарски текст. Тоа е проблематично од аспект на вистинитоста на насловот во кој се прикриваат информации од суштинско значење за читателот/гледачот да добие севкупна и вистинита слика за она што се случува.

Фотографијата го открива она за што пишуваме, односно, во левиот горен агол пишува дека текстот е спонзориран. Но, прашање е кој тоа ќе го забележи.

Како што пишува во заклучокот и Зоран Бојаровски, цитирајќи препорака од Центарот за добри практики во новинарството, Пју од САД, објавена во „Прирачник за етика во новинарството“ – новинарството има капацитет и потенцијал да биде куче-чувар пред моќните и оние чие дејствување во најголема мерка влијае на граѓаните.

„Новинарите имаат обврска да ја негуваат оваа позиција и да не ја злоупотребуваат за лични или за нелегални комерцијални цели на медиумската компанија.“

Читателите и гледачите од новинарството очекуваат информирање, а не манипулации.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција