Рецензија: Укинат е секретаријатот за проширување на Унијата на подолг рок, се до 2019 година
Основниот проблем со материјалот што е пред нас е во насловот: „Укинат е секретаријатот за проширување на Унијата на подолг рок, се до 2019 година“. Тој фактички ја дезинформира јавноста дека веќе е донесена одлуката да нема еврокомесар за проширување. Имено, прилогот се темели на анализата на друг медиум, кој, пак, повикувајќи се на свои извори од Брисел, објави дека може да се случи такво нешто (поради најавите на новиот претседател на Европската комисја, Жан Клод Јункер дека проширувањето на ЕУ ќе биде одложено на пет години). Но, тоа ќе се знае на 30 август кога Жан Клод Јункер треба да го соопшти новиот состав на ЕК. Што значи, не станува збор за „завршена работа“, каква што е пораката од насловот на прилогот што го рецензираме.
Линк до оригиналниот напис: Укинат е секретаријатот за проширување на Унијата на подолг рок, се до 2019 година
Датум и време на објавување: 07.08.2014, 17:48
Датум на рецензирање: 08.08.2014
Рецензент: Оливера Војновска
НАСЛОВОТ – ЦЕЛОСНО ПРОМАШУВАЊЕ
Материјалот се потпира на неофицијалната информација за укинување на позицијата „комесар за проширување ЕУ“, што ја објави „Дојче веле“ на македонски јазик, а ја пренесоа повеќе медиуми. И, најнапред во воведот се вели дека тоа најверојатно ќе се случи. Но, потоа во насловот се излегува со екслипцитно тврдење дека е „укинат секретаријатот за проширување на Унијата“. Што е неточно. Можеби навистина на крајот на месецот ќе биде донесена таква одлука, но факт е дека во моментот нема такво нешто. Впрочем и во завршниот дел на прилогот се вели:
Финалниот збор за составот на новиот тим челници на Европската комисија ќе го даде Јункер на 30 ти август.
Така што, изборот на насловната конструкција дадена во минато свршено време, е целосно промашување.
Во интерес на вистината треба да се каже и дека насловот на оригиналниот текст е со прашалник, а во содржинскиот дел е употребена формулацијата „ се шпекулира“. Поточно, таму е наведено дека: „во европските институции, наводно, се говори и се шпекулира дека функцијата Комесар за проширување до 2019 година – заминува на времен принуден одмор, а одлуката треба допрва да се донесе“. И уште во првата реченица се поставува дилемата: „дали ќе се случи комесарот за проширување Штефан Филе во новата Европска комисија да остане без наследник?“ Што значи се имало повнимателен пристап во пласирањето на информацијата .
ПОЛИТИЧКА БОЈА
Прилогот има политичка боја и тоа се забележува уште од првиот пасус, срочен во еден коментаторски манир и со препознатлива намера вината за блокираните евроинтеграции да се лоцира кај јужниот сосед:
Застојот на процесот на проширување пред се диктиран од грчката блокада на земјава најверојатно ќе го испразни местото Комесар за проширување на европската Унија.
Исто така, во материјалот не се забележува обид да се најде дополнителна информација и да се провери преземената вест. Што е спротивно на првиот амандман од новинарскиот Кодекс каде меѓу другото е наведено:
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци….
Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
Дотолку повеќе што истиот ден (07.08.2014) еден портал објави изјава на портпаролот на Европската комисија, Петар Стано во која стои:
„Обични шпекулации се информациите дека е можно еврокомесарот Штефан Филе да нема наследник затоа што до 2019 година нема да има прием на нови членки“
Но, оваа изјава, објавена во 16.36 часот, воопшто не се споменува во прилогот, иако тој е пласиран подоцна (17,48). Што е сосема легитимно право и проценка на медиумот. Но, сепак, делува некако нелогично да не се пренесе ниту збор од изјавата на портпаролот на ЕК, која е на иста тема, а да се користи стара реторичка изјава од премиерот, која има декларативен призвук: „приближувањето кон европската унија останува приоритет“.
Ваквиот начин на обработка на информациите остава простор за сомнеж дека се немало желба да се даде објективен приказ на состојбите. Дури се добива впечаток како некому многу да му се брзало предвреме да соопшти дека е донесена една ваква одлука, која, реално гледано, ќе значи голем удар не само за Македонија, туку воопшто за земјите од Западен Балкан и нивните европски перспективи.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар