Рецензиja: Урбанистички хаос во општините, гласачки хаос во советите?!
Новиот Закон за урбанистичко планирање ја отвора можноста деталните урбанистички планови во иднина да се донесуваат само со една третина од советничките гласови во општините. Ова е содржано во членот 39 од измената на овој Закон, кој ги разбранува страстите не само во Собранието, туку и во општините за кои и се однесува оваа одлука. Ова е тема на која во овој текст ѝ се посветува достојно внимание, само што постои крајна неизбалансираност во односот „про или контра“, па читателот може да добие впечаток дека навистина „малцинстото ќе внесе ред во хаосот кој настанал во општините“.
Линк до оригиналниот напис: Урбанистички хаос во општините, гласачки хаос во советите
Датум и време на објавување: 18.12.2014
Датум на рецензирање: 20.12.2014
Рецензент: Љубомир Костовски
„Носење на урбанистичките планови со третина од вкупниот број на гласови на општинските советници, е ново законско решение кое се носи само за да им се даде поголема легитимност на одлуките при донесување на урбанистичките планови. Вака од Министерството за транспорт и врски ги објаснуваат новите законски решенија откако беше сменет Законот за просторно и урбанистичко планирање, со кој малцинството ќе носи одлуки за урбанистички планови иако мнозинството е против, посочувајќи ја како најзасегната Општина Центар.“
Овој извадок од текстот најдобро го илустрира целиот тек на експонирањето на темата која треба да одговори како така драстично е изгазен еден од најелементарните принципи на демократијата – владеењето на мнозинството врз малцинството, оверено на политички избори! Имено, и покрај апсурдот, кој дрско се востановува пред наши очи, во овој долг, но, сепак, непотпишан текст, со ниту еден обид не се пројавува напор да се појаснат овие и другите „нус-појави“ на ваквото третирање на деталните урбанистички планови.
На пример, не се бара објаснување на владиното толкување дека „малцинстото дава легитимитет“? Зошто, на пример, не се побара мислење зошто „мнозинството не дава легитимитет“ кога власта си штанца закони (вклучувајќи го и предметот на текстот – Законот за просторно и урбанистичко планирање), односно дали и оваа измена е „легитимна“ во светлина на нејзиното донесување каде малцинстото е против, а мнозинството „за“ истата!? Но, авторот стои на тоа за сите – условно – поставени или непоставени прашања за аргументацијата да не апострофира никого (очевидно дека сите надлежни се срамат од ваквото силување на демократијата пред очите на јавноста). Текстот, значи, користи изрази „велат урбанистите“, „велат од Министерството“, ама кога се работи за вака чувствителна тема, секако е неопходно некој навистина „тврдо“ да застане зад промените. Инаку, излегува дека медиумот самиот треба да обезбедува алиби зад таквиот изопачен пример на демократија. Или да појасни дека никој не сака да говори со име и со презиме!
Од друга страна, опонентната опција ја претставува еден експерт, кој, барем, има име и презиме – професорот Стојан Кузев. Иако е од Европскиот универзитет и веројатно од него се очекувало да ја поддржи власта, тој вели дека ова е „сурово решение“ и го споредува со Рамковниот договор, каде експлицитни прашања имаат механизам да ја штитат волјата на малцинстото. Сигурно дека би било добро да се најде и друг експерт од опозицијата на оваа мерка – ги имаше за волја на вистината и во парламентот и во јавноста, пред камерите, ама се настојувало очевидно „да не се претерува“ со опортунистите. Особено со надлежните од Општина Центар, кои се најзасегнати од оваа законска промена.
Така и насловот останува да виси необјаснет – има ли хаос во општинските совети или допрва ќе дојде до таква ситуација?
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар