Рецензија: Успешни тестови на најсовремениот британски воен авион „таранис“

b-000987-009988-crop-resize

Навистина, по овој текст може слободно да се заклучи дека дел од македонските медиуми, ако ништо друго, тогаш барем не престануваат да изненадуваат, но за жал, со објавување ноторни глупости. Можеби сум (пре)остар, но како поинаку да се нарече информацијата пласирана до публиката дека Британците измислиле воен авион кој, според наводите, успешно ги минал првите тестови, а главни одлики му се невидливоста и замислете, брзината на светлината. Да, да, токму така, леталото се движи со брзината на светлината?! Чекајте, па како оваа вест за најважниот дострел во историјата на човештвото, бидејќи измислувањето на тркалото е „мало дете“ во споредба со ова, туку така мина незабележано. Тоа би значело дека човекот ги откри тајните на постоењето на универзумот. Ма каков „Хадронски колајдер“, ма каква „Теорија на релативитетот“, гледајте што прави Британија, не само што „владее со брановите“, туку и со вселената!!! Значи навистина „Империјата го возвраќа ударот“. Милијардите на Американците, Русите, Кинезите за ништо се фрлани, бидејќи „господата од островот“ успеаја и „храбро отидоа онаму каде што никој не бил порано“. Ќе беше убаво, ама само да беше така…

bЛинк до оригиналниот напис: Успешни тестови на најсовремениот британски воен авион „таранис“

Датум и време на објавување: 06.02.2014,  08:27

Датум на рецензирање: 06.02.3014

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Вистинитост има, ама е со фабричка грешка. Не мислам на авионот на Британците, тој добро си ги минал тестовите, туку на текстот. Како може да се напише, па макар и да станува збор за преземена вест, дека е измислено летало кое „шишка“ со брзината на светлината!? Ова не е напис за рубриката „Верувале, или не“, туку за новинарски производ наменет и пласиран, како нормална и легитимна информација, за јавноста. Да се разбереме, далеку од тоа дека претендирам да бидам експерт за физика, но она основно, општо знаење што го имам е дека такво нешто, ако воопшто и е возможно – за што постои сериозна дебата меѓу светските научници, е „светлосни години“ далеку од сегашните технолошки можност на човештвото. Значи, ако ништо друго, здравиот разум треба да Ви сигнализира дека нешто не „штима“ во основната вест. Требало сѐ убаво да се провери, а не како онаа изрека: „Ако тој се фрли во Вардар и ти ли ќе скокнеш по него“?

Извори на информации: Изворите ги има и тие се официјални бидејќи веста, и основната и оваа пренесенава, наведуваат дека станува збор за информација соопштена на брифинг во британското министерство за одбрана. Само што некој, дали од брзање, дали од незнаење, се „изгубил ли во преводот“ или пак во просторот и ја залепил брзината на светлината како една од главните карактеристики на авионот. Според, кредибилни извори, јасно е дека станува збор за прототип на летало за кој се претпоставува дека е барем два пати побрз од сличните „дронови“ и дека можеби лета над брзината звукот. Звук, светлина две различни категории. Некој не бил многу ангажиран на часовите по физика во средно, а?

Содржајност: Оваа информација асполутно, без огромната грешка, ги исполнува критериумите за релативно содржаен материјал. Но, јасно е дека утврдената „фалинка“ целосно го нарушува кредибилитетот на текстот.   

Оригиналност/Плагијат: Написот е „собран“ од македонската државна новинска агенција, иако тоа не е наведено, заедно со се утката. Тоа не ја намалува одговорноста на тој што ја презел веста, туку ја зголемува бидејќи не видел дека некој пред него веќе ја згрешил работата. Не се знае кој е „покабает“ – мајсторот или чиракот?

Квалитет на насловот: Насловната конструкција е коректна, нема проблем со неа и во основа таа ја прикажува вистинската информација – дека имало успешен лет на досега најсовремениот британски воен авион.

Фотографија: Искористена е добра фотографија, моќно „дотерана“ за да ги долови карактеристикте на леталото, во кои секако не спаѓа „брзината на светлината“.

Заклучок: „Со ……. и се е можно“ – велеше една реклама, а тоа важи и за дел од работите кои ѝ се пласираат на домашната публика. По читањето на овој текст може само да каже: „Почекајте нѐ Џејмс Т. Кирк, Жан – Лук Пикард, Лук Скајвокер и Хан Соло, еве не доаѓаме со „Таранис“ со брзината на светлината“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција