Рецензија: Вака би изгледала новата банкнота од 200 денари
Во новинарството постојано се случува да се објавуваат деманти, дополнувања, појаснувања, извинувања, реакции и слично. Ова е едноставно дел од професијата и тука нема ништо чудно. Ве реномираниот лондонски неделник Економист, на пример, има изданија во кои на секои десетина страници, во долните надворешни ќошеви на страниците, имаат вакви кратки забелешки, отпечатени со помали букви, а и страницата наменета за писма на читателите, знае, исто така, да вклучува вакви материјали. Ова е сосема вообичаено. Економист се печати на 128-160 страници секоја недела, содржи илјадници информации и постојано има нешто што има потреба да се поправи, објасни или дополни.
Она што, сепак, во новинарството не се случува, е откако еден медиум или редица медиуми истовремено ќе објават некоја вест и откако таа вест ќе биде демантирана од засегната страна, по два дена да се најде некој трет медиум, кој повторно ќе ја преобјави демантираната информација. Токму со таков случај се сретнуваме овде.
Линк до оригиналниот напис: Вака би изгледала новата банкнота од 200 денари
Датум и време на објавување: 22.01.2014, 15:04
Датум на рецензирање: 23.01.2014
Рецензент: Владимир Петрески
Вистинитост: Веста е контрадикторна самата по себе – и со тоа таа е невистинита. Контрадикторноста не може да помине како вистина (освен евентуално во филозофски дискусии). Многу едноставно, во насловот се вели дека „вака би изгледала новата банкнота од 200 денари“, а во текстот, пак, се вели дека „Советот на Народната банка на Македонија сѐ уште не донесе одлука за тоа како ќе изгледаат банкнотите што во иднина треба да бидат пуштени во оптек.“
Извори на информации: Извор е грчки весник, а потоа и соопштение на НБРМ, кое го демантира грчкиот весник. Но, на оваа вест, како да не ѝ е грижа за демантот на НБРМ, бидејќи таа упорно смета дека „вака би изгледала новата банкноста од 200 денари“. Она што не го знаеме и за што немаме извор е од каде потекнува овој дизајн со оглед на фактот што НБРМ во демантот вели дека ниеден од објавените дизајни не е откупен од страна на Банката, што значи дека не е еден од оние шест што се во конкуренција и нема шанси тој да биде изгледот на новата банкнота. Значи ли ова дека објавениот дизајн е еден од одбиените или, пак, станува збор за нечиј личен аматерски дизајнерски обид заради премногу слободно време и извесно познавање на Фотошоп? Едноставно не знаеме.
Содржајност: Веста само повторува информации објавени на редица други портали 2-3 дена претходно, без објаснување зошто тоа е сторено.
Оригиналност/Плагијат: Компилација од преземени информации со наведување извор.
Квалитет на насловот: Насловот е најголемиот проблем. Тој едноставно не е точен. Не може да се каже „Вака би изгледала новата банкноста од 200 денари“, кога сигурно се знае дека тоа не е точно, зашто е демантирано. Интересен наслов би бил спротивниот: „Вака НЕМА да изгледа банкнотата од 200 денари“. Ова би било точно и би било интересно за читателите. Тогаш и целата вест би имала смисла.
Заклучок: Со сила убавина не бидува, вели поговорката. Ова е одличен пример во корист на ваквата старинска мудрост.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар