Рецензија: Василакис предложил „Славјанско-албанска Македонија“!

2013-10-29-Vasilakis-za-imeto-vo-Dnevnik-crop-resize

Во земја со висок степен на медиумска култура вакви новинарски текстови каков што рецензираме сега не виреат. Но, со оглед на тоа дека медиумската култура стана нов бенчмарк на вреднување во извештаите на Европската унија за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциите, сосема е очекувано, дури и во еден весник за кој постои перцепција дека е угледен, да се појави текст кој е далеку под сите новинарски стандарди, на една многу деликатна и чувствителна тема во период кога преговарачкиот процес кој влезе во една тешка и сложена фаза. Да видиме зошто.

2013-10-29 Vasilakis za imeto vo DnevnikЛинк до оригиналниот напис: Василакис предложил „Славјанско-албанска Македонија“! (Скановите од текстот во печатеното издание се подолу. Кликнете на нив за да ги видите во полна големина.)

Датум и време на објавување: Во печатеното издание на медиумот на 29.10.2013

Датум на рецензирање: 29.10.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Вистинитоста е првиот сериозен проблем на овој текст. Ако еден од врвните етички и професионални принципи е дека новинарите секогаш ќе трагаат по вистината и само вистината, тогаш тоа не се прави со пишување на текст во кој се тврди дека грчкиот претставник во преговорите под покровителство на Обединетите нации со посредство на амбасадорот Нимиц, Василакис, ставил на преговарачката маса нов предлог за името на нашата држава – „Славјанско-Албанска Македонија“. За едно вакво тврдење на новинарот, кој инаку е главен уредник на весникот, нема ниту една поткрепа со извор. Макар анонимен. Дури на крајот на текстот се спомнуваат „добро информирани дипломатски извори“, кои го толкуваат исходот од последната средба Нимиц-Јолевски-Василакис. Со ништо не е навестено дека коментарот на „добро информираните дипломатски извори“ го толкуваат „мајтап“ предлогот како што ја нарекува авторот на текстот наводната сугестија на Василакис за името на нашата држава.

Извори на информации: Нема. Замислете еден ваков текст кој се бави со една таква чувствителна тема, а нема извор. Има само „како што дознава (името на медиумот)“. Од кого дознава? Нема. И оттука натаму се развива не новинарска, туку политичка теза, која нема врска со новинарските стандарди.

1420331_720710441291073_2007051347_naslovnaСодржајност: Нема содржајност зашто таков каков што е текстот, очигледно е дека немало намера за такво нешто. Освен ако не го исклучиме креативниот момент на авторот кога тој прави една медиумска конструкција за тоа „како би било кога би било“. Во таа смисла авторот го замислува својот имотен лист што би му издал катастарот кога нашата земја би се викала „Славјанско-албанска Македонија“.  На тој имотен лист издаден од наделжниот катастар ќе стоело тоа име. Каков кошмар.

Инаку, кога зборуваме за содржајност интересен е превидот што го направил весникот, бидејќи во истиот број е објавен извештај на дописникот на МИА од Атина кој се повикува на текст на грчкиот провладин весник „Катимерини“ во кој нема ниту навестување дека Василакис излегол со таков непристоен предлог. Тоа, сепак, укажува дека авторот на текстот можел да ја замоли колешката од МИА во Атина да се распраша во врска со овој „наводен“ предлог на Василакис.

За разлика од него, во еден друг македонски медиум го направиле токму тоа. Во извештајот на дописникот од Атина, објавен на веб страницата на телевизијата под наслов Василакис се уште не го известил Венизелос за разговорите во Њујорк се наведува дека медиумот „контактираше  дел од искусните грчки новинари кои подолг период го следат прашањето за името. Со изненадување и со доза на  резерва, ја примија информацијата (за наводниот предлог на Василакис н. з.), коментирајќи дека самиот Нимиц изјави дека на средбите во Њујорк станало збор за неговиот априлски предлог и разликите кои постојат меѓу двете страни.“ И толку. И доволно.

Пристрасност: Каква и да е новинарската тема, каква и да е политичката или економската, било каква, ситуација за која говори новинарскиот текст, најдобрата позиција на новинарот е неутралноста и објективноста. Новинарот никако не смее да се поистовети со емоциите од било кој тип. Состојба во која, меѓу другото, на стварноста се гледа како низ цевка и ништо друго нема во видното поле  не е природната состојба на новинарите.

1422930_720710451291072_368635629_n-tekstКоментирање: Всушност, целиот текст е коментар. И којзнае зошто има впуштање во конструкција на една толку лоша и инфективна политичка бајка, кога едноставно можело да се напише коментар. Како што личи за еден главен уредник.

Оригиналност/Плагијат: Исклучително оригинален текст.

Квалитет на насловот: Сензацинализам во негово најдобро издание. Голема мистерија е што значи извичникот на крајот од насловот.

Фотографија: Добра, авторска. Добро монтирана во функција на намерата на текстот: Демек, Василакис од зад грб му шепоти на Нимиц: „Слушај нека се викаат „Славјанско-албанска“ и да завршиме работа, а?“

Говор на омраза: Во овој текст нема говор на омраза. Но, никако не треба да се игнорира тоа дека овој ист текст, како изворен, го презедоа многу медиуми, и, некои од нив, особено телевизиските, му додадоа такви коментари од кои на гледачите им се вжештија ушите од искажаната омраза кон нашиот јужен сосед.

Заклучок: Ако медиумската култура промовира дека сѐ е дозволено и ако во текстот што го рецензираме се вели дека разговорите за името „изгледа влегоа во мајтап-фаза“, значи ли тоа дека овој напис е мајтап-новинарство? Или можеби нешто друго е во прашање. Заклучуваме со поентата дека изворите во новинарството се тие што ја прават приказната. Секоја теза мора да биде потвредена со извор, макар анонимен, но и двојно потврдена од друг независен извор. Особено за чувствителни теми каква што е оваа.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција