Рецензија: Венизелос: Меркел на средбата со Нимиц ја поддржа Грција
Ако имаме неодговорни медиуми, тогаш сликата за општеството ни е како да сме на „Фарма“ или „Големиот брат“, а во центарот на вниманието се интригите, полувистини или невистини. Текстот кој што го рецензираме го има следниот наслов: „Венизелос: Меркел на средбата со Нимиц ја поддржа Грција“. Ако Венизелос навистина ова го изјавил, тогаш е лош дипломат и неговата изјава може крајно негативно да се одрази на понатамошните односи помеѓу Грција и Германија. Ако не го изјавил, а медиумот напрвил конструкција, тогаш тоа може крајно негативно да се одрази на дипломатските односи на Македонија и со Германија и со Грција.
Линк до оригиналниот напис: Меркел на средбата со Нимиц ја поддржа Грција
Датум и време на објавување: 15.11.2013, 19:02
Датум на рецензирање: 20.11.2013
Рецензент: Александар Писарев
Вистинитост: Ако подетално се проанализираат насловот и краткиот текст под него, се добива јасна слика дека медиумот прави конструкција со две цели: нешто што не е точно да им се претстави на читателите како реална ситуација и домашната (македонската дипломатија) да ја амнестира од одговорноста за неуспехот во преговорите околу решавањето на деценискиот спор, а вината за тоа да биде префрлена на некаков си „меѓународен заговор“ против Македонија.
Извори на информации: Единстевниот извор на информации е повикувањето на извештајот на дописничката на телевизија „Канал 5“ од Атина, која во нивниот дневник ја објавила идентичната информација со ист наслов.
Содржајност: Текстот би можел да се оцени како содржаен и реален, доколку го немаше насловот таков каков што е. Она што како содржина е најавено во насловот не се ни спомнува во текстот. Дури е спротивно. Нимиц пред членовите на парламентарната комисија за надвореша политика објаснил дека Германија го поддржува процесот под медијаторство на Нимиц, односно процесот во рамките на ОН, а не предлогот на Европската комисија. Тоа е пораката која треба точно да се толкува и во Скопје и во Атина. Значи, Венизелос никаде не зборувал и не спомнал дека Германија, во разговорите со Нимиц застанала на страна на Грција. Тоа е нешто што не е точно и што не би смеело да се провлекува низ содржината на вака сериозен текст.
Пристрасност: Иако не е транспатрентна, пристрасноста е кон третата страна – Македонија, која е „оштетена“ од страна на меѓународната заедница, бидејќи, како што медиумот соопштува, Венизелос изјавил: „Меркел на средбата со нимиц ја поддржала Грција“.
Оригиналност/Плагијат: Веста е целосно преземена од извештајот на дописничката на телевизијата „Канал 5“ од Атина.
Квалитет на насловот: Насловот е во трка за сензација и лажната ексклузивност.
Фотографија: Фотографијата го претставува грчкиот шеф на дипломатија и вицеперемиер
во сатанизирачка позиција, дури и вознемирувачка, бидејќи тој, со вперен прст кон читателот, се заканува.
Заклучок: Една од најстереотипните информации кои се присутни во македонскиот печат во последните две децении е без сомнение темата за спорот околу името помеѓу Македонија и Грција. Вообичаени наслови и најави се: „Преговорите прекинати“ „Преговорите продолжуваат во Њујкорк“, „Атина не попушта“ „Македонија има став“ „САД на страна на Македонија“, „САД на страна на Грција“…
Во недостаток на креативност, аналитичност, истражувачки дух па дури и сериозност во приодот на оваа тема, а во потрага по сензационализам, медиумите прават конструкции, создават псевдореалност и конфузија во јавноста.
Овој текст е само еден од серија слични написи кои ја „анализираат“ средбата Меркел-Нимиц, без реално претставување на она што е јавно соопштено во Берлин и Атина. Така, во јавноста се создава нереална слика за оваа средба, а јавноста живее во илузија дека добила точна информација и дека сите се против Македонија која води битка против некаков си заговор.
Да се вратиме кратко на воведот – дали медиумот ни ја пренсува сликата од реалниот живот или анализа од „Фарма“ и „Големиот брат“. Со вешта конструкција: „ Меркел на средба со Нимиц ја поддржал Грција“ се прикрива реалната слика од разговорот во Берлин.
Ваквите тенденции се опасни за медиумите и се движат во рамките на пи-арот на Владата за наводен „меѓународен заговор против Македонија“. Насловот во кој Германија директно се обвинува дека зазема страна во преговорите помеѓу Македонија и Грција може да ѝ нанесе несогледиви последици на Македонија во понатамошните дипломатски односи помеѓу овие две земји, помеѓу Грција и Македонија, но и помеѓу Германија и Грција.
Се добива впечаток дека весникот намерно прави медиумска конструкција воочи Самитот на ЕУ во декември, за да ја амнестира Владата од негативните оценки кои, пред сѐ, ќе се однесуваат на нерешен проблем со името. Со, како соопштува медиумот: Венизелос: „Меркел на средба со Нимиц ја поддржала Грција“, вината за неуспехот на преговорите се префрлува на меѓународната заедница, која, ете, не сака да ѝ помогне на Македонија.
Новинарот не се придржувал до основните принципи на Кодексот на новинарите на Македонија-член 1:
„Точноста на информацијата треба да се провери колку што е можно“.
Не е испочитуван Кодексот на принципи за однесување на новинарите на Меѓународната федерација на новинариоте, член 1:
„Вистинито информирање – покрај точното наведување на фактите, проверка и повторно проверка, предвидува и способност да се предвиди можност од грешка, утврдување на автентичноста на информацијата, подготвеност да се признае и коригира грешката“…
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар