Рецензија: Венизелос за еден месец во Скопје: сака да покаже успех како министер

TELEGRAF-MK-www_telegraf_mk_aktuelno_96763-venizelos-crop-resize

„Се уште не е утврден датумот кога министерот за надворешни работи Никола Поповски ќе му биде домаќин на грчкиот колега кон крајот на февруари. Од МНР за „Телеграф“ велат дека најверојатно министерот за надворешни работи Никола Поповски ќе му биде домаќин на грчкиот колега кон крајот на февруари.“

Со спокоен вовед порталот донесува вест за едно од најголемите изненадувања во надворешно- политичката сцена на регионот: посетата н висок грчки политичар на Македонија. Веста е релативно прецизна во однос на она што го имаат другите редакции, значи постои нешто „од прва рака“, а воедно постои видлив напор истата да се збогати со одглас од соседството, од земјата од каде доаѓа Венизелос.

Овој текст е пример како треба да се работат надворешно-политички теми без да се создава дополнителен напор во оваа сфера, барем од страна на медиумите.

Линк до оригиналниот напис: Венизелос за еден месец во Скопје: сака да покаже успех како министер

ВЕНИЗЕЛОС ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ ВО СКОПЈЕ_ Сака да покаже успех како министер Датум и време на објавување: 27.01.2014, 12:42

Датум на рецензирање: 28.01.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Може да се рече дека веста на „Телеграф“ треба да се прифати со голема извесност, што, со оглед дека се работи за суптилно прашање како што се македонско-грчките односи, е добар исчекор напред. Во најавите на другите медиуми само се велеше дека Венизелос ќе патува во пет дестинации во регионот – Белград, Тирана, Подгорица, Сараево и Скопје.

Извори на информации: Медиумот се повикува на свој извор во МНР. Ова го проверува во контекстот на другите, помалку прецизни тајминзи за посетата и со повикување на аналитичарот Јоанис Михалетис од другата страна на границата, што е еден сосема професионално одбран патоказ за доаѓање до вистината.

Содржајност: Интересно е споредувањето на очекувањата за оваа посета, во многу симптоматичниот цитат на Венизелос, кој истакнал дека во Скопје доаѓа како претседавач на Советот на ЕУ, ама не заборава дека е заменик-претседател на грчката влада и министер за надворешни работи. Ова потврдува дека разговорите ќе бидат „тврди“, при што медиумот одбегнува било што да коментира, препуштајќи му го тоа на читателот.

Присуството на грчкиот коментатор е секако посебно значајно, бидејќи, тој ги назначува – со аналитичка едноставност –  целите на посетата и дострелите. Па, веста се проширува во еден богатен и интересен текст. 

Пристрасност: Текстот е апсолутно добро изнивелиран –  информира, не коментира, дава да се насети дострелот на посетата на Венизелос, ама не се става „сол на лута рана“.

Мала отстапка во оваа смисла  е издвојувањето на изјавата на Венизелос за разликите по прашањето на името меѓу албанските и македонски политичари во земјата и за нашиот „псевдојазик“, кого Бугарите не го признавале. Ова секако може да даде поттик на оние противници на оваа посета, кои веќе „изникнаа“. Изјавата секако постои, иако таа може да биде покорисна во некои други новинарски форми, каде на неа би се направил посеопфатен и пообјективен пристап.

Оригиналност/Плагијат: Текстот има потпис и сосема извесно е авторски и по други белези.

Квалитет на насловот: Насловот пренагласува една од можните цели на посетата, се чини и најмалку важната. Имено, Венизелос доаѓа најпрвин со меѓународен багаж, кој мора да му биде при рака како претставник на земја – претседавач со Унијата. Потоа, тука се сложените услови за напредување во интеграцијата во регионот (вклучувајќи ја и Србија, иако таа направи напредок), а насловот дека сака да се „направи важен“ со некаков напредок во македонско-грчките односи не е можен во така нагласена форма, бидејќи целиот текст укажува дека од таа мисија однапред не треба многу да се очекува!

Фотографија: Текстот содржи три фотографии, од кои две се портрети на идниот гостин. Едната од нив го дава карактерот, личноста на Венизелос, а втората е поофицијална, додека трета е илустративна, покажува преговарачка маса со знамињата на Унијата и двете земји, со што написот станува колоритен.

Заклучок  Како што е веројатно познато, во пресрет на посетата се јави една невладина организација, каде членуваат звучни имиња од културниот и јавниот живот, воопшто, кои најавија протести и побараа од Владата да не му се дозволи на Венизелос влез во земјата. Токму затоа ваквите текстови со поинаква конотација го збогатуваат нашиот простор со еден нормален, дипломатски издржан приод. За жал, немаше други такви обиди во медиумскиот простор.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција