Рецензија: ВИДЕО: Американскиот изум HAARP кој го контролира умот на Балканот
Во минатите, дамнешни времиња, кога луѓето не можеа да си ги објаснат природните феномени, веруваа дека нив ги предизвикуваат натприродни суштества како богови или духови. Денеска, кога луѓето главно имаат одговори за природните феномени, не постои дефинитвен одговор зошто одреден круг луѓе имаат потреба да веруваат дека зад одредени општествени или политички феномени, како што се несреќи предизвикани од човечки фактор, војни, терористички напади или економски колапси, стојат мистериозни организации и личности кои управуваат со тие процеси.
Во еден текст во Њујорк Тајмс (Why Rational People Buy Into Conspiracy Theories), авторот се повикува на неколку споредбени анализи на антрополози, социолози и психолози, кои, како еден од можните заклучоци на прашањето зошто луѓето „паѓаат“ на теориите на заговор, велат дека тие главно успеваат кај луѓето со помала самодоверба и кај оние што имаат потреба од контрола над нешто што што не можат да си го објаснат.
Интернетот, кој наизглед го олеснува пристапот до вистинските информации и релевантните извори, работите неочекувано ги направи полоши. Благодарение на интернетот, луѓето полесно можат селективно да пристапат кон информациите што одат во прилог на нивниот поглед на светот и веќе формираната слика за одреден настан или појава. Во таа смисла теориите на заговор можат да се гледаат во контекст на поширок систем на верувања и идеолошко насочување на поединецот.
Но, новинарите, во принцип, не би требало да бидат дел од овие граѓани. Нивниот скептицизам и потреба да ги протолкуваат нештата со помош на експерти и познавачи, во голема мерка можат да го намалат ефектот на изложеност на конспиративните теории кај медиумската публика.
Текстот што е предмет на оваа рецензија наместо да го направи тоа, го прави токму спротивното – го засилува ефектот на мистификација и погрешни заклучоци.
Линк до оригиналниот напис: ВИДЕО: Американскиот изум HAARP кој го контролира умот на Балканот
Датум и време на објавување: 17.02.2014, 18:39
Датум на рецензирање: 19.02.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Вистинитост: Нема ниту еден елемент кој може да потврди дека категоричните тврдења во насловот и во трите реченици се точни. Авторот не се обидел да го направи дури ниту најелементарното: да напише дека проектот HAARP постоеше и дека неговата официјална намена беше да го испитува однесувањето на високофреквентните радио бранови во јоносферата и дека примарна мисија на проектот е обезбедување комуникација со било кое тело насекаде на планетата и истражување на јоносферата. Велиме „беше“ зашто во мјај 2013 година, работата на проектот е запрена (Alaska’s controversial HAARP facility closed — will it come back online?).
Сосема очекувано е дека кога се пишува за овој проект да се наведат контроверзите поврзани со него од кои две се најатрактивни за застапниците на тероиите на заговор: дека со овој проект се контролира времето низ светот (може да предизвикува урагани и земјотреси) и дека со ХААРП Американците можат да го контролираат умот на луѓето. Посебно на Балканците.
За да не создаде забуни и да не предизвика погрешни заклучоци, оној што би пишувал на оваа тема, најмалку што треба да направи е да ги соочи спротивставените ставови низ изворите кои застапуваат една или друга страна.
Извори на информации: Текстот што го рецензираме не нуди ниту еден извор кој ќе го потврди или негира тоа што го застапува овој текст и во насловот и низ неколкуте реченици (4) во телото на новинарската содржина За да се добие одредена информација во врска со изворите на тврдењата дека изумот ХААРП “го контролира умот на Балканот“, или дека: „Микроваловите (сака да каже микробранови, н.з.) може да влијаат и на човековиот мозок… загревајќи го“, треба да го гледате видеото преземено од Ју Тјуб. Но, и во описот на видеото нема информации од каде е. Може да се види дека го постирал некој си Мајк Сампат, но кога ќе отидете на неговиот канал гледате дека се работи за место кое изобилува со видеа поврзани со теориите на заговор.
Во првиот дел на видеото, каде што е интервјуто со Боб Вудворд, познатиот новинар од аферата Вотергејт, нема лого, додека, пак, во неговата втора половина се појавува лого на ТВ каналот History, што укажува дека видеото е монтирано од повеќе различни парчиња. Освен ова, видеото што е земено како основа за да се формира веста и насловот, немаат ниту најавна, ниту одјавна шпица каде што се очекуваат податоците за да се идентификува изворот, авторот или продукциската куќа. Тоа се сериозни недостатоци што ја доведуваат во прашање автентичноста на оваа медимска содржина.
Содржајност: Кога некој има јасна и чесна идеја што сака да направи од некоја атрактивна тема, новинарската постапка е одамна утврдена. Ако се побараат аргументи за вистинитоста за темата, и ако се лоцираат извори со различни ставови, не е тешко потоа да се исполни со содрќина една така професнионално обработена тема.
Поинаку, нема содржина. Има само произволни заклучоци без никаква атрибуција. Вусшност, затоа и така звучат тие тврдења – заговорнички, па дури и смешно:
„Микроваловите може да влијаат и на човековиот мозок… загревајќи го. Тој потоа се шири и се собира во одредени интервали, кои можат да звучат како кликови, кои можат да се кодираат и во зборови.
Ваквата технологија постои, и таа секој ден ги бомбардира нашите мозочни клетки, без оглед дали вие верувате или не во тоа.“
Последната реченица е новинарски бисер: сакате верувајте сакате не, вашите мозочни клетки секој ден ги бомбардираат…
Магазинот „Популарна наука“ (Popular Science) во своите текстови на сликовит и јасен начин го објаснува проектот ХААРП, како и причините поради што овој проект е толку привлечен за него да се „лепат“ бројни теории на заговор. Конкретно во текстот со наслов The Military’s Mystery Machine, накусо се „разбиени“ следните митови за овој проект:
- Да, ХААРП може да предизвика аурора, како што предизвикува Сонцето, но таа малечка аурора може да се набљудува само со специјални инструменти.
- ХААРП проектот е (беше) отворен за сите, а во него учествуваат и повеќе универзитети. Не е некое тајно место како што некои сакаат да речат. Слободно може(ше) да се посети.
- Не може да дејствува врз земјината кора и да предизвикува земјотреси како што ниту ти со обичен радиотрансмитер не можеш да поместиш ни ливче.
- Јонизацијата на тој слој од атмосферата (јоносфера) се случува секојдневно (дење кога сонцето реагира со честиците во јоносферата) и таа промена и неколку стотици милијарди пати поголема отколку што тоа го прават восокофреквентните бранови што се емитуваа(т) од лабораторијата ХААРП.
- Потоа, убаво би било конспираси теоретичарите да кажат како тоа ХААРП успева да го насочи сигналот кон една точка од површината на планетата за да предизвика урагани или кликови во мозокот на луѓето (на Балканот, на пример).
Пристрасност: Кога новинар сака да биде објективен секако дека може да го направи тоа со едноставни постапки. Во однос на текстот што го рецензираме, со едноставно пребарување на интернет може да се дознае дека слични или идентични лаборатории како ХААРП има и во Норвешка, Порторико и во Русија. Според тоа, зошто само американската ХААРП би се занимавала со предизвикување урагани и главоболки во главите на луѓето?!?
Квалитет на насловот: Насловот е сензационалистички и, со оглед на аргументите на авторитетните извори што ги споменуваме во оваа рецензија и што го тврдат спротивното, воопшто не е точно дека Американците го контролираат умот на Балканот.
Говор на омраза: Нема говор на омраза, но не може да се премолчи дека ова е уште еден од бројните антиамерикански текстови кои се појавуваат одвреме навреме и кои, наверојатно, имаат смисла само за оние што ги продуцираат.
Заклучок: Што да се заклучи освен дека новинарите забораваат дека треба да бидат скептични. Не арогантни спектици кои отфрлаат сѐ без да сослушаат, прочитаат, размислат… Туку, разумни скептици, креативни спектици кои прво ќе прочитаат, ќе се распрашаат…, па дури потоа ќе го потврдат или отфрлат својот скептицизам.
И нешто што е уште поважно: личниот скпетицизам, како и афинитетите кон заговори, новинарите треба да си ги чуваат надвор од новинарските текстови што и ги нудат на читателите.
Во меѓувреме еве едно четиво на темата ХААРП за скептиците: HAARP Myths
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар